1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаРусија

Годишнина од руската агресија и кинеската опција за Укрaина

24 февруари 2023

Дали целта на Западот е да победи или да не ја загуби оваа егзистенцијална битка со Москва? Кинескиот влез во кризата е елементот кој може да ги промени правилата на играта. Пишува Ивор Мицковски

https://p.dw.com/p/4Nv2q
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, кинескиот претседател Ши Џинпинг и рускиот претседател Владимир Путин (од л. кон д.)
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, кинескиот претседател Ши Џинпинг и рускиот претседател Владимир Путин (од л. кон д.)Фотографија: picture alliance

Една година откако Путин ја започна својата империјалистичка агресија врз Украина, војната е далеку од завршена. Украина демонстрираше невидена храброст и резилиентност, посрамувајќи го Путин и неговата воена машинерија, која се надеваше на брза и тотална окупација на земјата. Но, од објективни, материјални и демографски причини, храброста на Украинците немаше да значи ништо без западната помош на НАТО, Европа и САД, нешто од што исходот на војната или мирот, ќе зависат и оваа година.

Сега прашањето е: Дали Америка и Европа навистина сакаат да ја поддржат украинската кауза до самиот крај? Дали планираат по секоја цена воено, финансиски и материјално да ги снабдуваат Украинците во нивниот отпор против Русија?

70 години по Џон Кенеди и неговата порака од Берлин: „Ich bin ein Berliner“, 36 години откако Роналд Реган пред ѕидот кој ја делеше Европа ќе каже: „Mr. Gorbachev, tear down this wall!“ – уште еден американски претседател ја посети линијата на демаркација помеѓу демократијата и автократијата во својство на гарант на западните и атлантските вредности. Со својата историска посета на Киев и говорот во Варшава пред самата годишнина од нападот, Бајден испрати порака и предизвик до Путин, до западните сојузници и до Кина. „Киев и понатаму стои“, оттука, „демократијата сѐ уште стои“, предупредувајќи дека Америка ќе стои покрај Украина: „as long as it takes“.

Дали Западот сака да победи или да не загуби?

Посетата на Бајден во предвечерието на годишнината не носи со себе само симболичен набој, затоа што една година по тоа што Москва гротескно го нарекува „специјална воена операција“, Западот се соочува со уште едно круцијално и драматично прашање. Дали целта на Западот е да победи или да не ја загуби оваа егзистенцијална битка со Москва? Дали Западот ќе ја вооружува Украина и ќе покрене ескалација додека Киев не ги поврати сите окупирани територии, или пак, ќе мора во даден момент да ги принудиЗеленски и Украинците на примирје и преговори, од кои некаков компромис ќе мора да произлезе?

Овие прашања веќе некое време ползат по коридорите на американските институции, НАТО сојузниците, европските канцеларии и во самата Украина, каде се стравува од одредено оддалечување, засега психолошко, а утре можеби и материјално, на САД и сојузниците од украинската кауза. Веќе неколку недели американските „реалисти“ предводени од Кисинџер и Миршаимер, аналитичарите како Чарлс Купчан, генералите од Пентагон како Марк Мили, ги истакнуваат своите предвидувања дека за Украинците би било невозможно да го повратат Донбас, уште помалку Крим. Проблемот за Пентагон е што најголемиот дел од американското оружје завршува во Украина со цел да се одбрани од рускиот агресор, за сметка на првиот и главен воен театар за Вашингтон, односно предизвикот со Кина во Индо-Пацификот.

И тоа во момент кога на Украина сериозно ѝ недостасува современа НАТО-муниција, а американските воени магацини забрзано се празнат. Од друга страна, долго најавуваната мунициска криза на Москва и понатаму не се реализира, со дополнителната разлика што Америка не може од денес до утре да ѝ нареди на воената индустрија да произведува повеќе. Конечно, Америка нема намера да заглави во долгорочна и исцрпувачка војна во една земја и територија, која секако е многу важна, но не колку Индо-Пацификот и Кинеското Море.

Ивор Мицковски
Ивор МицковскиФотографија: Privat

Во Вашингтон се крчка нешто конкретно

Посетата на Бајден и неговиот став дека Русија нема никогаш да победи во Украина, како да сака да ги расчисти овие прашања и проблематики, додека во исто време ќе ги демантира „реалистите“ и заморената европска јавност. Колку од тоа е реторика, а колку суштински Бајден има намера да опстои на својот збор, не знаеме, но мошне веројатно е дека превладува реториката. Американската стратегија во моментов делува прилично јасна: забрзување на воената помош со цел Путин да прифати преговори до крај на годината. Но, во приватните средби со Зеленски, Бајден сигурно му има потенцирано дека западната помош има свои ограничувања, иако во јавноста му се ветува поддршка до кога е неопходно. Тоа значи дека во стратешките лаборатории на Вашингтон нешто конкретно се крчка. А тоа е дека доколку војната продолжи како досега, во еден момент ќе мора да се дојде до решение во „корејски стил“. Создавање на силно милитаризирана и меѓународно гарантирана линија на демаркација, која би ги одвоила руската и украинска војска, повеќе или помалку, на линијата која денес е стабилизирана на терен, или варијациите кои би настанале во наредните недели и месеци преку потенцијалната руска офанзива или украинска контраофанзива.

Ваквиот план од американските кругови, би требало да произведе и серија на меѓународни гаранции, кои на Киев би му дале чувство на припадност кон западната заедница (НАТО и ЕУ), нешто што во моментов не може и формално да се спроведе. Тука се размислува за еден вид на проширување на Членот 5 на НАТО врз Украина, и на нешто што на Европејците воопшто не им се допаѓа, односно Украина забрзано да влезе во ЕУ, со што Киев би добил значителни средства и фондови за скапата поствоената реконструкција. БДП на Украина пред војната изнесуваше 180 милијарди евра, додека пресметките се дека реконструкцијата до овој момент би чинела најмалку 350 милијарди. Како и да е, јасно е дека без европска или западна финансиска поддршка, Украина не би била во состојба повторно да застане на нозе.

Американскиот претседател Џо Бајден и украинскиот претседател Володимир Зеленски
Американската стратегија во моментов делува прилично јасна: забрзување на воената помош за Украина со цел Путин да прифати преговори до крај на годината (фото: американскиот претседател Бајден и украинскиот претседател Зеленски во Киев, 20.02.2023)Фотографија: Uncredited/Ukrainian Presidential Press Office/AP/dpa/picture alliance

Мировниот план на Кинезите

Во сенка на овие проблематики и годишнината, се појави кинескиот мировен план кој би требало да биде објавен овие денови, но и зајакнатите кинески дипломатски напори по посетата на Европа и Москва од страна на кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји, кој воедно се сретна и со Путин. Планот само донекаде може да се нарече кинески, затоа што Пекинг планот го дискутираше и договораше со Москва, и затоа што без разлика колку Кина сака да се претстави како неутрална сила во конфликтот, и понатаму ја нема осудено руската агресија и и понатаму стои зад големото пријателство „без ограничувања“ меѓу Кина и Русија.

Каков и да биде планот на Ши Џинпинг за прекин на огнот или некакви преговори, тој силно ќе натежне на страната на Русија, ќе ги земе предвид руските интереси или во најмала рака ќе ѝ помогне на руската пропаганда. Ако една од клаузулите на овој план за прекин на огнот биде барањето да запре воената поддршка од двете страни, а Русија унилатерално тоа го прифати, тогаш Украина и Западот може се најдат во стапица, додека во рамки на западните и европските сојузници би се развиле уште поголеми стравови и несогласувања околу одвивањето на војната.

Во исто време, кинескиот излез од историската неутралност во меѓународните конфликти, доаѓа во момент кога САД, НАТО и Западот ја обвинуваат Кина дека планира да интеревенира во конфликтот нудејќи оружје, муниции и технологија за Русија. Можеби е само тактика за раздор меѓу европските сојузници и помагачи на Украина, но доколку европските земји навистина поверуваат во кинеското инволвирање и воено помагање на Русија, тогаш можеби некои од нив двапати ќе размислат дали неограничено да ја помагаат Украина.

Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји на безбедносната конференција во Минхен, 18.02.2023
Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји на безбедносната конференција во Минхен, 18.02.2023Фотографија: Johannes Simon/Getty Images

Кина му нуди на Путин спасување на образот

Кинескиот влез во кризата е елементот кој може да ги промени правилата на играта. Војната не ѝ одговара на Кина, ја лимитира глобалната економија и нејзиниот раст, но во исто време и наметнува сериозна дилема: Кина реално не може ниту да ја напушти Русија ниту да ѝ помогне. Оттука, Пекинг се прашува себеси, што да ѝ понуди на Москва и да го спаси нејзиниот образ, и како во исто време да ги поправи односите со Европа и Западот и да се легитимира како одговорен чинител во конфликтот?

Па сепак, доколку Кина одлучи одговорно да се постави во насока на решение на конфликтот може да извлече големи придобивки за себе. Прво, да го спречи прекинувањето на трговската размена што има сериозни реперкусии врз нејзината економија и внатрешна стабилност. Второ, да се подигне до ранг на влијателен меѓународен актер добивајќи на политичка моќ и кредибилитет. И трето, конечно да застане рамо до рамо со Америка, како втора од двете светски суперсили.

За таа цел Пекинг има два џокера кои може да ги изигра. Првиот да изврши реален притисок врз Путин, заканувајќи се дека ќе го изолира на меѓународен план или дека нема повеќе да купува од него енергенси. Кинезите засега бараат почитување на принципите на ООН, односно, почитување на интегритетот на државите. Ако зборовите нешто значат, тогаш Русија би требало да се повлече од целата украинска територија. Но, од друга страна, кинеската дипломатија потенцира дека ништо не може да се направи без гарантирање на „безбедносните интереси“ на Москва. Тоа во суштина се однесува на источното проширување на НАТО до границите на Русија. Со тоа, Кинезите ги легитимираат причините кои го приморале Путин да влезе во војна, кога, за волја на вистината, неговите мотиви беа чисто империјалистички. Кина во суштина му нуди на Путин достоинствено да си го спаси образот, обезбедувајќи му гаранции кои би му дозволиле да се повлече од Украина или барем да се откаже од Крим. Останува прашањето какви гаранции би добила Русија и од кого, и кој би гарантирал нешто за Украина, која не агресор, туку е нападната?

Опасна и тешка игра

Украина би можела да прифати делови од кинескиот предлог и да изрази намера да прогласи неутралност, да се откаже од влез во НАТО, под услов воено да биде бранета од големите западни воени сили.

- повеќе од авторот: Украина: Денес тенкови, утре авиони, а задутре можеби и пешадија

Кина игра опасна и тешка игра еден огромен проблем да го претвори во голема можност. Доколку успее, би ја спасила Русија од тотален колапс и распад, спасувајќи се и себеси од хаосот кој од тоа би произлегол, додека во исто време од Москва ќе направи помал и зависен партнер во насока на менување на светскиот поредок. Кинескиот мировен наратив силно би одекнал меѓу земјите од глобалниот Југ кои се неутрални во однос на конфликтот. И конечно, Пекинг би ја задржал Москва до себе, не би ги уништил односите со Европа која сѐ повеќе се приближува кон американските позиции, и би го направил потежок и поскап за Американците потенцијалниот економски или воен судир во иднина.

- повеќе од авторотКина е соочена со дилеми, изолација и внатрешни немири

Дека вакво нешто може да се случи набрзо - не може. Но, дека нешто се крчка, а не знаеме до крај што, тоа е и повеќе од јасно. Како што е јасно дека решение за конфликтот ќе дојде само од горе и само доколку безбедносните прашања и континенталната стабилност се загарантирани за сите актери подеднакво, од Владивосток до Лисабон.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.