1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кина е соочена со дилеми, изолација и внатрешни немири

2 декември 2022

Кина поминува низ екстремно тешка фаза, затоа што во изминатите години не знаеше да ги препознае ограничувањата на сопствениот успех. Пишува Ивор Мицковски

https://p.dw.com/p/4KND2
Жители на Шангај на протест против политиката на нула-Ковид, Кина
Жители на Шангај на протест против политиката на нула-КовидФотографија: REUTERS

Насилните демонстрациите започнаа на 25 ноември и оттогаш се проширија на најмалку 16 места низ Кина, вклучувајќи го главниот град Пекинг и неговиот финансиски центар Шангај.

На незадоволството на народот, насочено  против политиката на нула-Ковид,  државниот апарат се спротивставува со масивно полициско присуство.

Во кинескиот главен град Пекинг и во метрополите како Шангај, Гуангжу или Хангжу од неделава на улиците се забележува засилено присуство на полицијата. Зачестено се врши запирање на минувачите и од нив се бара да ги покажат своите мобилни телефони, заради вршење проверка на постоење сомнителни содржини или програми кои служат за заобиколување на кинеската цензура.

Приоритетот на Пекинг е да избегне  коронавирусот драматично да ја дестабилизира земјата и со тоа да го стави во ризик суверенитетот на Комунистичката партија. Кина уште од ноември почна полека да ги олабавува анти-Ковид мерките,  но како последица на тоа бројките на заразени драстично се покачија.

Дилеми околу политиката на нула-Ковид

Од понеделникот донесени се нови 20 мерки за олабавување на стратегија „нулта Ковид“, но останува дилемата на  Ши Џинпинг  и режимот. Нагло напуштање на политиката на нула-Ковид, би претставувал знак на слабост за Ши кој во октомври си обезбеди трет мандат и на тој начин ја отвори вратата за доживотно владеење. Воедно, напуштањето на мерките би донело огромен здравствен ризик: 6 милиони луѓе би имале потреба од интензивна терапија, во 6 месеци бројката на заразени би се покачила за 360 милиони, додека би починале најмалку 600 илјади луѓе.

-Повеќе од авторот: Зеленски како заталкана ракета не ја разбра суштината на НАТО

Во исто време  Кина не може да си дозволи протестите да продолжат,  особено откако беа адресирани директно против претседателот и Комунистичката партија. Луѓето скандираа: „На Кина не и треба император“, или „Дајте ми слобода или донесете ми смрт!“ Политиката на нула-Ковид почнува да делува како кохезивен елемент во протестите и станува трасверзална за бројни социјални категории. На партијата ѝ е потребен излез: премногу организирана опозиција околу една обединувачка тема е најголемиот страв за ККП. За протестите, како и вообичаено партијата ги обвини странските елементи, но овој наратив денес не поминува во Кина. Кинеската влада најверојатно ќе продолжи со меки олабавувања на мерките и ќе навести идно отварање на земјата, но комбинацијата од социјални немири, строги контроли, економско забавување и нерешените финансиски проблеми, само ќе го намалуваат консензусот кон  Комунистичката партија.  Со тоа ќе се закопаат и онака комплексните кинески напори да ја намалат воената и технолошката разлика со САД.

Пекинг, Кина, протести, полиција
Силно полициско присуство - одговор на власта на протестите против анти-Ковид мерките Фотографија: Koki Kataoka/Yomiuri Shimbun/AP/picture alliance

Третата фаза на ерата Ши,  започна на најлош можен начин.

Народна Република Кина поминува низ екстремно тешка фаза, затоа што во изминатите години не знаеше да ги препознае ограничувањата на сопствениот успех. На почетокот на 2000-тата, политичката елита од Пекинг се уште гледаше со страв и љубомора на американската супериорност. Во рамки на Комунистичката партија се разви дури и дебата околу потребата да се ремоделира кинескиот политички и финансиски систем со цел подобро да се соочи со новиот глобален контекст.

Но, сѐ се промени за само неколку години. Во 2005 година, американската интервенција на Блискиот Исток дојде до мртва точка. Нестабилноста на Авганистан и слабостите во Ирак сигнализираа пропаст на американскиот проект да го моделира регионот според сопствена замисла и волја. Пекинг со неверување ќе набљудува како првата светска сила ќе се заглави на секундарно воено и стратешко поле, оставена без јасна воена цел, заробена во конфузен и безизлезен систем на политички одлуки. Тоа ќе ги примора Кинезите да се предомислат. Кина ќе се убеди самата себеси дека САД се насочени кон неизбежно и незапирливо пропаѓање, нешто што би поставило основи за подем на Народната Република.

Финансиската криза од 2008 година само ќе ги зајакне овие кинески перцепции. Америка ќе се најде во поголем хаос од оној за време на Големата депресија, без да спроведува радикални мерки со цел да ја поправи архитектурата која во самиот старт доведе до кризата. Кина одлучува дека може слободно да се откаже од американскиот модел, горда на импресивниот економски раст, успешната Олимпијада во Пекинг и моќната реконструкција во Сичуан после земјотресот.

Понесена од лажната сигурност и своите заблуди за дефинитивен триумф, Пекинг ќе го потцени немирот кој го предизвикува кај соседните земји. Пекинг ќе ја направи стратешката грешка да не се обезбеди против растечките конвергентни интереси помеѓу Вашингтон и другите азијатски држави. Не се погрижи да го направи поприфатлив својот политички систем со цел да ги намали постоечките стравови, и не прифати да ја интегрира својата економска структура со остатокот од светот. На крај Кина ќе заврши со предизвикување на непријателство кон две регионални сили како Индија и Јапонија, за кои избегнувањето на кинеската доминација ќе се претвори во национална мисија. Кина ќе се најде осамена и спортивставена на сите соседни азиски држави, за дури во 2018-2019-та да сфати дека неисполнувањето на одредени билатерални трговски мерки, како конвертибилноста на ренбибито и отварањето на своите пазари, комплетно ја оддалечиле од каква и да е соработка и помирливост со Америка.

Стратешки погрешни чекори

Ситуацијата драматично ќе се влоши со експлозијата на пандемијата кон крајот на 2019-та. Од тој момент Кина ќе влезе во фаза на длабока ревизија на сопствената постура, нешто што и понатаму трае и што е далеку од решение. Одеднаш Кина сфаќа дека не знае повеќе како да се постави кон светот. Одеднаш делува далечна сликата за еден свет центриран околу Народната Република, кој според античката и империјална кинеска догма, ќе успее магнетски да ги привлече далечните и блиските земји. Амбициозна иницијатива „Појас и пат“, полека ќе почне да исчезнува од јавните обраќања на кинеските функционери во Пекинг. И токму во овој далеку поизолиран контекст од замисленото, треба и да се анализираат погрешните чекори на Кина во соочување и со Ковид пандемијата и со војната во Украина, како и со домашните немири.

-Повеќе од авторот: Почнува пост-Трамп ерата

Чувството на Кина дека се наоѓа во слепа улица ја примораа да направи неколку стратешки погрешни чекори. Ковид кризата е еден од нив. Додека пандемијата хараше низ Европа и светот, Кина го претвори Ковидот во идеолошко прашање. Кинеската пропаганда го користеше вирусот со цел да ја илустрира супериорноста на кинескиот политички систем и слабоста на демократскиот. Само авторитарноста на кинескиот систем, според наративот на партијата, беше во состојба да спасува човечки животи.

Две години подоцна улогите комплетно се променија. Западните општества успеаја да произведат ефикасна вакцина и да развијат имунитет на стадо, претворајќи го Ковид -19 во обична форма на сезонски грип. Од друга страна, Кина сеуште нема ефикасна вакцина. За Кинезите пандемијата не е само лошо сеќавање. Луѓето сеуште стравуваат од вирусот, преморени се од ограничувањата и сѐ помалку имаат средства за преживување. Но, Кина не е подготвена да направи еден чекор назад, да прифати западни вакцини и така да ја признае слабоста на својот авторитарен систем.

Ivor Mickovski
Ивор Мицковски, автор на колумнатаФотографија: Privat

Вториот погрешен чекор е уште поеклатантен. На почетокот на годината, пред инавзијата на Украина, Пекинг беше убеден дека Москва може за неколку дена да освои победа. Кинезите веруваа дека рускиот успех ќе ја подели Европската Унија, ќе го фрагментира атлантскиот систем и ќе ги истера Американците од Европа.

Откако сфатија дека се прелажани од Русите, Кина увиде дека се наоѓа во еден вид на ничија земја. Денес, внатрешната економија е во огромна опасност. Намалувањето на домашната потрошувачка, експлозијата на балонот со недвижности, ограничениот пристап кон пазарите, го загрозија непрестаниот 40 годишен раст.

Чекачки пристап

Светот се менува со незамислива брзина, а Кина денес е приморана на чекачки пристап. Најверојатно ќе чека да види што ќе се случи помеѓу САД и Русија и ќе се посвети да ја оддржи компетитивната предност во извозот. За Кина е приоритет да се зајакне светската економска меѓузависност, со цел процесот на деглобализација да стане незамислив. Америка и Европа пак, ќе продолжат со процесот на „decoupling“ на своите економии од кинеската, како и со враќање на индустриското производство во свои граници (reshoring) или во блиски земји (nearshoring).

Чекачкиот пристап ѝ одговара на Кина и поради фактот што и понатаму верува дека на другите им е полошо. Русија е пред внатрешен колапс, САД поминуваат низ сериозна идентитеска криза, додека Европа се соочува со тешка енергетска криза и непомирливи несогласувања. Пекинг ќе се обложи на својата економска и демографска карта, убедена дека другите ќе пропаднат пред неа.

-Повеќе од авторот: Британија со Сунак, авторитаризмот во Кина и мид-терм изборите во САД

Но, во моментот Кина е опколена и соочена со внатрешни немири. Руската кампања е готова работа и прашањето е само колкава цена ќе плати за своите грешки. Оттука Русија е повеќе терет отколку ресурс за Кина. Режимот на Ајатоласите е ослабен од протестите во Иран, со кој Кина лани потпиша 25 годишен договор. Изгубена во своите погрешни резони, без капацитет точно да ги предвиди динамиките, Кина се наоѓа во својот најстрашен кошмар, да биде опколена и опседната од непријателски сили додека дома се соочува со сериозни изблици на незадоволство и протест.

Рускиот неуспех во Украина влијаеше и врз кинеските проекти во однос на Тајван. Инвазијата на островот и понатаму е возможна, но не и веројатна. Не само затоа што поморски напад е исклучително тежок, туку и затоа што Тајпеј е интегриран во американскиот безбедносен систем и има поддршка од Индија и Јапонија. Ризиците од евентуален конфликт би биле егзистенцијални по Кина.

Како резултат на своите грешки Кина предолго не знае каде тера. Сега ќе чека и ќе набљудува. На домашен план ќе продолжи со политиката нулта-Ковид и силна репресија и пропаганда. Меѓународната изолација ќе проба да ја преброди преку подобрување на односите со ЕУ и ветувања за поголема соработка околку војната во Украина. Во ситуација на внатрешна економско-социјална криза Кина ќе се обиде да инвестира дел од својот политички капитал за пацификација на Украина, со цел да поврати дел од својот кредибилитет кај Западот и да купи време околу своите внатрешни потешкотии. Ја чека „долг марш“ кон нормализација.