1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

2016 - повторно една ужасна година

Александер Кудашеф
31 декември 2016

На мнозинството Германци им е многу добро, но сепак, погледот кон светот на крајот од оваа година и кај нив буди загриженост, смета главниот и одговорен уредник на Дојче веле, Александер Кудашеф.

https://p.dw.com/p/2V3Zz
Deutschland Unwetter Straubing
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Weigel

И 2016. беше annus horribilis, една страшна година. Светот излезе од „колосек“: на Блискиот Исток беснеат ужасни војни - во Сирија, Јемен, Либија, затскриено и во Ирак. Т.н. Исламска држава, хоророт на бруталниот, убиствен фундаменталистички терор, уште не е победена. Нежните фиданки на Арапската пролет се трајно оштетени - од страна на автократи, деспоти, диктатори. И тоа со последици по самиот регион, кој може да стане, или веќе е епицентар на потресувачка за цел свет политичка и општествена експлозија. Се чини како Блискиот и Средниот Исток да потонува во 30-годишна војна, во која клановите, племињата и верските заедници водат меѓусебна жестока борба.

ЕУ ја мачат самосомневања

Европа пак, на чии брегови стигнуваат бегалци од Блискиот Исток, и самата е растресена. Веќе и самата бегалска криза јасно покажа дека „европската солидарност“ всушност е звучна фраза, но не може да се докаже во реалноста. Но, Брегзит, најавеното збогување на Велика Британија од ЕУ, ја втурна Унијата во длабок сомнеж во себе самата. Миротворниот заеднички проект е на коцка, а во Унијата се водат кавги околу идниот правец. Притоа, уште сега е сигурно дека по источноевропското враќање кон национал-државно самоопределување и идентитет, следната година ќе дојде до промена на силите и во Западна Европа: во Холандија преку Геерт Вилдерс, а во Франција преку нов претседател, можеби еден католички „Тачерист“, што е рамно на револуција.

И во Германија, која засега важи за лулка на стабилност, во септември ќе се одржат избори. Никој во моментов не може вистински да си замисли Ангела Меркел да не остане канцеларка, во било каква коалиција. Таа е цврсто сидро во разбрануваното море на светската политика, преку 11 години. Но, и во Германија во Бундестагот ќе влезе деснопопулистичката, националегоистична партија Алтернатива за Германија, освојувајќи можеби повеќе проценти отколку што им е мило на многумина. И овде стануваат популарни десничарските мисли, десничарските дела, иако нема да биде доволно за популистите да ја преземат власта. Германија ќе остане со стабилна влада во разбрануваната светска политика. И тоа, и покрај терористичкиот напад во Берлин кој ја потресе земјата кратко пред Божик. 

Kudascheff Alexander Kommentarbild App
Александер Кудашеф

Трамп и Путин - двајца непредвидливи претседатели

Следната неизвесност: во САД во иднина ќе владее Доналд Трамп. Дали тој ќе биде предвидлив претседател? Каков ќе биде ставот на бизнисменот во надворешната политика? Дали тој надворешнополитичките односи ги сфаќа како „дилови“ или дипломатска уметност? Дали ќе ја задржи позицијата на водечка сила во глобалната политика или не? И првенствено: дали тој се смета себе си за дел од Западот или сите карти ќе ги стави на мотото „Америка повторно да стане голема“? Во 2017. година нѐ очекува голема неизвесност.

Во 2016. година доживеавме значајна ренесанса на Русија и Владимир Путин на светската политичка сцена. Русија не е регионална сила, како што изјави еднаш потценувачки американскиот претседател Барак Обама. Русија се вмешува во Блискиот Исток и во Европа. Москва пред сѐ претпочита воени решенија, а не дипломатија. Свесно применува насилство, во Сирија или во замрзнатите конфликти како оној во источна Украина. Враќањето на Русија на светската бина е враќање и на воените ангажмани во светската политика со цел обезбедување влијание и моќ. На тоа Западот, ако остане во првата година на Трамп како единствен, ќе мора да одговори. Исто така и Германија, која традиционално тешко се решава на интервенции.