1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На Европа ѝ се потребни алтернативи

Autorenbild | Alexander Görlach
Александар Герлах
5 април 2023

САД ја притискаат Европа економски да се ослободи од Кина. Со оглед на претседателските избори во Америка следната година, би било неразумно Европејците да го послушаат тој совет, оценува Александар Герлах.

https://p.dw.com/p/4PgHx
Џо Бајден (лево) има слух за Емануел Макрон и Урсула фон дер Лајен - но, дали ќе биде исто така и со следниот претседател на САД?
Џо Бајден (лево) има слух за Емануел Макрон и Урсула фон дер Лајен - но, дали ќе биде исто така и со следниот претседател на САД?Фотографија: Leon Neal/AP/picture alliance

Војната во Украина, што ја започна диктаторот на Кремљ, Владимир Путин, ја принуди Европа да се ослободи од зависноста од руските гас и нафта. Но, шокот и трошоците кои ги предизвика војната не се ништо во споредба со она што би можело да се случи доколку САД побараат нивните европски сојузници целосно економски да се одвојат од Кина.

Во индустријата за чипови, тоа одвојување е веќе во полн ек. Во иднина, производите веќе нема да смеат да се извезуваат во Кина доколку компоненти од САД се вградени во машините што се користат за производство на микрочипови. Од една страна, тоа има смисла, бидејќи Народната Република би можела да ги користи тие чипови за својата воена машинерија (Пекинг штотуку објави повторно зголемување од 7,2 отсто на воените трошоци во 2023 година).

Шансите за опстанок без Кина се никакви

Холандија веќе тргна по стапките на САД и, исто така, делумно се одвои од Кина, што може да значи големи финансиски загуби за земјата и за нејзините компании. Од друга страна, германските компании, како Фолксваген и БАСФ, кои веќе не можат да опстанат без кинескиот пазар, градат еден вид паралелни корпорации во Кина, кои ќе имаат малку врска со она што се произведува во слободниот свет. Тоа е негативната страна на таквата стратегија за одвојување.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, затоа сега е во посета на Кина, заедно со францускиот претседател, Емануел Макрон. Во Брисел се слушаат гласови дека Кина секако не е совршена, но дека можеби ќе биде потребна во иднина. Во политички Берлин, сеќавањето на финансиската криза од 2008 година не е целосно избледено, кога Пекинг започна инвестициска програма вредна 460 милијарди евра за патишта и инфраструктура, што беше исклучително важно за извозната економија на Германија.

Александар Герлах, колумнист на ДВ
Александар Герлах, колумнист на ДВФотографија: Hong Kiu Cheng

Кина тогаш ѝ помогна на Германија, но за време на Доналд Трамп, односите меѓу Берлин и Вашингтон беа замрзнати. Наредната година повторно ќе се одржат избори во САД, а Доналд Трамп и неговиот ривал Рон Десантис, исто така, републиканец, креваат протекционистички и изолационистички тонови. Брисел, Берлин и Париз затоа во иднина не треба да се потпираат само на Америка.

Друштво на разочарани американски партнери

Победник на таквиот развој на настаните е Народната Република, која не само што сака да се приклучи на Транспацифичкото партнерство (TTP), туку Пекинг сфати како да ги собере околу себе земјите кои се разочарани од САД и од нивните сојузници. Покрај сите земји од Централна Азија, Шангајската организација за соработка ја вклучува и Индија, номинално најголемата демократија во светот. Турција е еден од партнерите во дијалогот. Пекинг, исто така, води разговори за статусот со Техеран. А и Русија е членка.

За време на минатонеделната посета на Ши Џинпинг на Москва, властодржецот Путин објави дека има намера да ги спроведе сите идни бизниси со нафта и со гас во кинески јуани со Народната Република. Кина долго време работи на тоа да го замени американскиот долар и да ја направи нејзината валута број еден во светот. Резултатот би бил тоа што диктатурите и воените злосторници веќе нема да бидат автоматски цел на американските санкции. Руската економија трпи од санкциите воведени поради инвазијата на Украина. Но, без кинескиот јуан, на кој Русија се потпира, ситуацијата би била уште полоша.

ЕУ и Кина досега имаат одржано повеќе од 20 самити
ЕУ и Кина досега имаат одржано повеќе од 20 самитиФотографија: Dursun Aydemir/AA/picture-alliance

Сојузи на долги патеки

Во глобализираниот свет, сè е меѓусебно поврзано, што значи дека е неопходно да се создадат сојузи кои имаат смисла на долг рок. Во Брисел и во Париз се појавува нов начин на размислување дека не треба да се одвојува од Народната Република ни во добро ни во лошо.

Кина, исто така, размислува напред во своите дипломатски активности: дипломатскиот удар што Пекинг успеа да ги врати во дипломатска близина своите најголеми непријатели Иран и Саудиска Арабија не може да се потцени во смисла на неговата важност на среден и на долг рок. Дипломатијата меѓу Кина и европскиот дел од слободниот свет не смее да се распадне - дури и ако Вашингтон би сакал тоа да го види. Затоа што Европа на крајот не смее да остане без алтернативни опции.

Александар Герлах е виш соработник на Советот Карнеги за етика во меѓународни односи и вонреден професор на школата Галатин на Универзитетот во Њујорк, каде што предава теорија на демократија. По престојот во Тајван и во Хонг Конг, овој регион во светот, особено подемот на Кина и што тоа значи за демократските држави во Азија, стана централна тема на неговата научна работа. Бил на различни позиции на универзитетот Харвард и на универзитетите во Кембриџ и Оксфорд. Александар Герлах живее во Њујорк и Берлин.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема