1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Енергетска криза: Како да се надмине зависноста од Русија?

Томас Матусек
18 октомври 2022

Кога станува збор за енергетската политика, германската влада мора да ги исправи пропустите од минатото. Првите чекори се направени, оценува Томас Матусек.

https://p.dw.com/p/4ILha
Германскиот министер за економија Хабек во посета на гасната станица Лубмин
Германскиот министер за економија Хабек во посета на гасната станица Лубмин, 19.09.2022Фотографија: Stefan Sauer/dpa/picture alliance

Германската влада зад себе има неколку бурни недели. Гасоводот „Северен тек“, кој и онака вештачки се одржуваше во живот, сега и официјално е „труп во вода“. Како дел од напорите на владата да обезбеди сигурност во снабдувањето, беше национализиран најголемиот германски снабдувач со гас - Унипер. Конечно, неодамнешните патувања на министерот за економија Хабек, а сега и на канцеларот, резултираа со нов договор со Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) за снабдување со течен природен гас (ЛНГ). Овој - последен во серијата зделки - договор не можеше да дојде во подобро време, но иако владата дејствуваше брзо, таа, доколку сака да чекори пред настаните, треба и натаму да го забрзува темпото.

Години на пропусти 

Германија се соочи со досега невидена енергетска криза. Никој не можеше да ја предвиди неверојатната брзина на настаните во 2022 година. Сепак, не треба да се заборави дека причината поради која денес сме сведоци на толку далекусежни промени е тоа што се обидуваме да го достигнеме она што долго време го пропуштавме.

Томас Матусек
Томас МатусекФотографија: Thomas Matussek

Во ретроспектива, може да изгледа апсурдно што Германија долго време беше речиси исклучиво зависна од еден единствен снабдувач на гас. Секој климатски експерт ќе ви каже дека иднината на енергијата лежи во широка палета на горива и потребна е мешавина. Различни горива ќе одговараат на различни индустрии: водород за тешката индустрија, обновлива електрична енергија за секторот за снабдување со енергија и.т.н. Затоа е чудно што, со оглед на развојот на овие технологии и горива, германската енергетска политика не успеа да ја препознае потребата за диверзификација.

Сега реалноста е јасна: мора да се истражат сите можни начини за снабдување со енергија, а Германија треба да замени еден голем снабдувач со мноштво алтернативи. Освен тоа, германската влада мора да остане доследна на својата посветеност за постигнување на идната цел за нето-нула емисии на издувни гасови.

Диверзификација наместо зависност

Во овој контекст, преминот на владата на пазарите на ЛНГ, во склад со повеќето земји во Европа, е деликатна работа. Течниот гас е почист од нафтата и јагленот. Тоа е скапо, но практично решение за германските краткорочни проблеми со снабдувањето и на земјата ќе ѝ обезбеди посигурно и разновидно снабдување со гас во годините што доаѓаат. Поради новиот договор со ОАЕ, кои се сè поважен снабдувач со енергија на европскиот пазар, Националната нафтена компанија Абу Даби (АДНОЦ) кон крајот на годинава ќе ѝ обезбеди на германската енергетска групација РВЕ почетна испорака од 137.000 кубни метри ЛНГ. Ова следи по слични значајни договори потпишани со Австралија, Катар и САД оваа година.

Овие договори се недвосмислено значаен чекор во вистинска насока за диверзификација на снабдувањето со енергија на Германија, меѓу другото и поради тоа што ги отсликуваат веќе постоечките партнерства на Германија за снабдување со обновлива енергија. Претходно годинава, беше склучен договор со Австралија за забрзување на снабдувањето со водород, по што следеше договор за ЛНГ помеѓу Унипер и австралиската енергетска групација Вудсајд овој септември. Стремежот за рамнотежа помеѓу снабдувањето со ЛНГ и долгорочното снабдување со обновлива енергија е разумен пристап, бидејќи и двата на крајот се надополнуваат еден со друг - помагајќи да се изгради диверзифициран систем за снабдување со енергија.

Конечно, Германија се поврзува со низа партнери за да воспостави разновидно снабдување со јаглероводороди денес и обновливи извори на енергија во блиска иднина. Не требаше да има криза за да дојдеме до оваа точка, но развојот барем сега е во тек. Ова е турбулентно време за Германија, но чекорите што ги презема владата се вистинските. Диверзифицирано снабдување од помали, но доверливи партнери, способни да ја обезбедат нашата енергетска сигурност сега, без притоа да ги загрозат нашите климатски цели - тоа пред една година беше далечен сон, а денес почнува да станува реалност. Каква разлика може да направи една криза!

Томас Матусек е поранешен дипломат. Тој беше германски амбасадор во Обединетото Кралство, беше во служба во Обединетите нации и Индија, а беше и шеф на кабинет на двајца германски министри за надворешни работи.