1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Од 2035 година само климатски неутрални возила?

Кристијан Валц
29 јуни 2022

Според планот на ЕУ, од 2035 година треба да бидат дозволени само нови автомобили без емисии на ЦO2. На инсистирање на Германија, отворена останува една задна врата за моторите со внатрешно согорување.

https://p.dw.com/p/4DOOv
Ladestecker in einem VW ID.3
Фотографија: Torsten Sukrow/SULUPRESS.DE/picture alliance

По речиси 16 часа преговори во Луксембург, министрите одговорни за животна средина во земјите на ЕУ се договорија до 2035 година да ги намалат на нула ограничувањата за испуштање на ЦО2 за автомобили и лесни комерцијални возила. Овие гранични вредности им се зададени на производителите и означуваат колку ЦO2 е дозволено да испуштаат нивните автомобили и комбиња при работа. Тоа значи дека веќе нема да смеат да се продаваат нови автомобили со конвенционален погон, односно со мотори со согорување.

Европа „ги постави насоките за поголема заштита на климата во сообраќајот“, изјави германската министерка за животна средина Штефи Лемке. „Со тоа испраќаме јасен сигнал дека мораме да ги постигнеме климатските цели. Тие ѝ ја даваат на автомобилската индустрија потребната безбедност во планирањето“, нагласи политичарката на Зелените.

Либералите се за е-горива

Германската влада успеа да дојде до внатрешен компромис дури за време на тековните преговори. Либералната ФДП инсистираше на тоа дека технологиите како што се е-горивата не треба да бидат исклучени од климатскиот пакет. Затоа Лемке во Луксембург предложи Европската комисија да поднесе предлог „за дозвола на возила по 2035 година што ќе користат исклучиво ЦО2-неутрални горива“.

Е-горивата обично се произведуваат од вода и ЦO2 и притоа се користи електрична енергија. Дали производството е еколошко, зависи од тоа од каде доаѓа електричната енергија и колку и какви средства и работа се вложуваат за производство на горивата. Сепак, Европскиот парламент, кој веќе на почетокот на јуни се согласи за укинување на моторот со согорување од 2035 година, е против давање поголемо значење на синтетичките горива.

Infografik Klimaneutrale Kraftstoffe E-Fuels EN

- повеќе: Клима: Ако продолжи како досега, светот ќе се соочи со двојно повеќе катастрофи

Покрај условите за нови автомобили, 27-те земји на ЕУ се договорија и за климатски социјален фонд од 59 милијарди евра и реформа во трговијата со емисии на гасови. „Ова е најголемиот пакет за заштита на климата договорен во Европа во последните 15 години“, рече германскиот министер за економија Роберт Хабек.

По постигнувањето согласност на надлежните министри на земјите членки на ЕУ, сега почнуваат преговори во Европскиот парламент околу конечните формулации.