Путин го прима Виткоф: За што ќе се преговара во Москва
2 декември 2025
Што се знае за состојбата на преговорите?
Во моментов, малку се знае за напредокот на разговорите. Во текот на викендот, претставници на САД и Украина се состанаа во Мајами за да разговараат за промените во оригиналниот план од 28 точки на администрацијата на Доналд Трамп, кој во голема мера се поклопуваше со руските интереси.
Откако се дозна за овој план во ноември, водечките европски држави, ЕУ и Украина инсистираа на промени, што доведе до разговори во Женева, кои очигледно резултираа со ревидиран документ и беа продолжени во Мајами.
Американскиот државен секретар, Марко Рубио, последователно ги опиша разговорите во Мајами како „многу продуктивни“. Целта, рече тој, не е само мир, туку и да се помогне на Украина „да биде засекогаш безбедна, за никогаш повеќе да не мора да се плаши од инвазија“.
Кои се проблематичните точки во преговорите?
Украина бара безусловно примирје и сака да преговара за сè друго потоа.
Русија, од друга страна, сака да бидат исполнети нејзините барања пред да се согласи на прекин на огнот. Централната поента на Русите е нивното инсистирање на територијални отстапки од Украина. Шефот на Кремљ, Владимир Путин, бара Украина целосно да се откаже од Донбас, што значи од регионите Луганск и Доњецк, како и да се повлече од областите што сè уште ги контролира. Украина досега тоа го одбива.
Москва, исто така, ги бара и регионите Херсон и Запорожје. Сепак, од летото има извештаи според кои Путин би бил подготвен да ја замрзне линијата на фронтот во овие области. Затоа, овие региони би останале делумно под контрола на Украина.
И првичниот план на САД од 28 точки го содржи ова. Русите исто така сакаат демилитаризација и неутрален статус на Украина - без членство во НАТО. Во исто време, тие бараат запирање на испораките на оружје од Западот и укинување на санкциите.
Од перспектива на Украина, правно признати територијални отстапки не доаѓаат предвид. До кој степен Киев всушност ќе мора да попушти на одредени барања засега е шпекулативно. Во секој случај, отстапките за територијалните прашања зависат од тоа дали и какви безбедносни гаранции ќе добие Украина и кој ќе биде гарант во случај на криза. Формално, Украина затоа нема да се откаже од својата долгорочна цел за членство во НАТО - но членството во блиска иднина е нереално.
Кои се главните грижи на Украинците и Европејците?
Украинците со месеци се загрижени дека САД ќе се согласат на договор што е неповолен за нив, заобиколувајќи ги. Желбата на Трамп да ја заврши војната што е можно побрзо, делумно за да продолжи со бизнисот со Русија, станува сè појасна во последните месеци.
Со оглед на тоа што барањата на Украинците и Русите изгледаат толку непомирливи во клучните точки, Украинците се плашат дека САД ќе ја повлечат воената поддршка ако тие не се подготвени да се согласат на диктиран мир, на таков кој одговара на желбите на Москва.
Освен американското оружје, разузнавањето е особено важно за одбраната на Украинците.
Европејците се загрижени за заклучоците што Русија би можела да ги извлече од договор што е многу поволен за Москва и за последиците врз трансатлантските односи. Русија би можела да се почувствува охрабрена по период на воено закрепнување повторно да ја нападне Украина под некој изговор и сè повеќе да ги дестабилизира, ако не и да ги нападне, земјите од ЕУ, на пример во Балтикот. Европејците стравуваат дека САД ќе му придадат уште помало значење на НАТО во иднина и дека повеќе нема да можат да се потпрат на заемната одбранбена обврска.
Планот од 28 точки што САД и Русија тивко го преговараа во последните месеци веќе од некои беше сфатен како еден вид документ за развод, поднесен од Доналд Трамп.
Колку е реално наскоро да се постигне договор?
Засега, сите страни вклучени во преговорите демонстрираат оптимизам. Колку од тоа ќе остане по разговорите на Стив Виткоф во Москва е неизвесно. Политичките набљудувачи, од друга страна, се во голема мера скептични. На крајот од минатата недела, рускиот претседател Путин ги потврди своите максималистички територијални барања како непреговарачки.
Во исто време, се чини тешко замисливо Европејците де јуре да ги признаат претензиите на Русија кон Крим и регионите Луганск и Доњецк, како и кон сега освоените делови од регионите Запорожје и Херсон. „Ништо“ од она што моментално се преговара „нема да доведе до мир или договор“, пишува Јанис Клуге од истражувачкиот институт СВП со седиште во Берлин на X.
А експертот за Русија, Татјана Становаја, гледа проблем кај самиот Виткоф. Тој е премногу слаб преговарач за да постигне какви било вистински резултати. Покрај тоа, од руска перспектива, сите преговори страдаа од фактот дека сè уште не е презентиран конечен, а со тоа и конкретен, договор. Истовремено, Путин е поуверен од кога било дека може да ги постигне своите цели на бојното поле.