1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиСоединети Американски Држави

Обвинувања за блискост со Русија: Трамп го брани Виткоф

СН | АРД | агенции
26 ноември 2025

Потеклото на американскиот план за Украина е нејасно. Телефонски разговор помеѓу специјалниот претставник на САД, Виткоф и советник на Путин покрена прашања и критики. Трамп, пак, зборува за „нормални преговори“.

https://p.dw.com/p/54H2P
Претседателот на САД, Доналд Трамп стои зад специјалниот пратеник Стив Виткоф, кој говори на прес-конференција
Претседателот Трамп ги отфрла критиките дека Стив Виткоф е проруски ориентиранФотографија: Carlos Barria/REUTERS

Американскиот претседател Доналд Трамп го бранеше својот специјален пратеник Стив Виткоф од обвинувањата дека е премногу проруски ориентиран во напорите за завршување на војната во Украина. „Тоа е сосема нормална работа“, рече Трамп, откако една новинарка го праша за извештајот на новинската агенцијата Блумберг.

Според наводите на агенцијата, таа добила снимка од петминутен телефонски разговор од 14 октомври, која ја објавила како писмен транскрипт. Во неа, според транскриптот, Виткоф разговара со Јуриј Ушаков, советник за надворешна политика на шефот на Кремљ, Владимир Путин. Тој очигледно го советува за директна разговори меѓу двајцата претседатели. Виткоф, меѓу другото, сугерира дека Путин би можел да ја нагласи улогата на Трамп како „човек на мирот“.

Специјалниот пратеник на САД, Стив Виткоф во крупен план говори на прес-конференција
Телефонски разговор помеѓу специјалниот пратеник на САД, Стив Виткоф и советник на Путин покрена критики.Фотографија: Mandel Ngan/AFP

Покрај тоа, специјалниот пратеник на САД ја покренува идејата за „план од 20 точки“ - сличен на американскиот документ за завршување на војната во Газа - , кој би можел да послужи како основа за разговори за договор меѓу Русија и Украина.

Путин и Трамп разговараа телефонски два дена подоцна

Телефонскиот разговор би можел да укаже на потеклотонаамериканскиот план од 28 точки, кој многу набљудувачи во неговата оригинална верзија го сметаа поволен за Москва. Тој вклучуваше значителни територијални отстапки од страна на Украина и ветување дека земјата нема да се приклучи кон НАТО.

Според транскриптот, Виткоф рекол дека верува оти Русија „секогаш сакала мировен договор“. Тој, исто така, наводно изразил „најдлабоко почитување кон претседателот Путин“.

Предложениот телефонски разговор меѓу Трамп и Путин конечно се одржа на 16 октомври. Американскиот претседател го нарече „многу продуктивен“ и ги доведе во прашање барањата на Украина за крстосувачки ракети Томахавк. Ден потоа, тој го прими Зеленски во Белата куќа.

Критики од републиканскиот табор

Објавувањето на телефонскиот разговор предизвика остри критики дури и во партијата на Трамп. Републиканскиот конгресмен Брајан Фицпатрик во објава на социјалната мрежа X говореше за „огромен проблем“ и побара крај на „тајните споредни канали“.

Партискиот колега, Дон Бејкон, беше уште појасен: „Очигледно е дека Виткоф е целосно на страната на Русите“, напиша тој. „Не може да му се довери водењето на тие преговори. Дали агент платен од Русија би направил помалку од него? Треба да биде отпуштен.“

Рускиот претседател Владимир Путин, лево, и специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф, десно, се ракуваат за време на нивната средба во август 2025
Стив Виткоф (десно) започна директни преговори со Русија (на фотографијата со претседателот Путин) уште пролетта годинаваФотографија: Gavriil Grigorov/AP Photo/picture alliance

Трамп го поддржува Виткоф

Трамп ги отфрли ваквите критики. Иако не ја слушнал снимката, за него звучи како „сосема нормални преговори“. Едноставно е потребно на Украина да и се пренесат руските ставови и обратно, на Москва барањата од Киев. Тој претпоставува дека Виткоф се однесува слично во разговорите со украинската страна. 

На прашањето дали не е загрижен дека неговиот специјален пратеник е премногу проруски ориентиран, Трамп одговори дека војната може да продолжи со години, а Русија има „многу повеќе жители и војници“ од Украина. Затоа, ако нападнатата земја може да преговара за договор, тоа, според него, е добра работа. Во разговорите за основите за преговори, во меѓувреме, станува збор за „фино дотерување“, додаде Трамп.

Директорот за комуникации на Белата куќа, Стивен Чеунг, за новинската агенција АФП во врска со извештајот на Блумберг изјави дека тој докажува дека Виткоф „речиси секојдневно разговара со претставници на Русија и на Украина за да се постигне мир, што е токму причината поради што претседателот Трамп го назначил на таа функција“.