1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Зеленски е подготвен да разговара за американскиот план

СН | АРД | агенции
21 ноември 2025

Украинскиот претседател Зеленски го добил американскиот план за завршување на војната и има намера за него да разговара со својот американски колега, Трамп.

https://p.dw.com/p/53yV0
Украинскиот претседател Володимир Зеленски и претседателот на САД, Доналд Трамп позираат за фоторепортерите. Зад нив се гледаат две фотелји и знамињата на САД и на Украина
Украинскиот претседател Володимир Зеленски е подготвен да соработува со претседателот на САД, Доналд Трамп за мировниот планФотографија: Ukrainian Presidential Press Office/UPI Photo/IMAGO

Украина, според сопствените наводи, го добила нацрт-планот за завршување на војната со Русија од американската влада и е подготвена да разговара за него. Владата на Украина сака конструктивно да соработува со американската влада со цел да „обезбеди достоинствен крај на војната“, соопшти канцеларијата на претседателот Володимир Зеленски. Тој има намера „во наредните денови“ да разговара за предлогот со американскиот претседател Доналд Трамп.

Исто така, беше наведено дека Украина се стреми кон мир од почетокот на војната и дека ќе го поддржи секој суштински предлог кој „приближува до вистински мир“. Од почетокот на годината, Киев ги поддржа предлозите на Трамп. „Подготвени сме и сега конструктивно да соработуваме со американската страна и нашите партнери во Европа и светот, со цел на крајот да се дојде до мир“. 

Путин се држи до своите воени цели

Во средата беше објавено дека САД изработиле нов план за решавање на речиси четиригодишниот конфликт во Украина. Киев соопшти дека иницијативата предвидува отстапување на територии кои Русија ги контролира, вклучувајќи го и Кримскиот полуостров, како и значително намалување на украинската војска и откажување на Украина од какво било оружје со долг дострел. Американските медиуми претходно објавија за наводни тајни разговори меѓу Москва и Вашингтон. 

Шефот на Кремљ, Владимир Путин, нагласи дека Русија ќе стои зад своите воени цели во Украина. „Имаме наши заеднички задачи, наши цели. Најважно е безусловно да се постигнат целите на специјалната воена операција“, рече Путин, според наводите на Кремљ, за време на наводната посета на командниот центар.

 

ЕУ и Германија се критични кон планот

Европските сојузници на Киев реагираа воздржано на најновата американска иницијатива, која се чини дека во голема мерка ги фаворизира руските интереси. Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул и високата претставничка на ЕУ за надворешна политика, Каја Калас, инсистираа на учество на Украина и Европа во можните преговори.

Шефот на кабинетот на германскиот канцелар, Торстен Фрај, ја нарече веста за американскиот предлог „прилично вознемирувачка“. Тој предупреди дека шефот на Кремљ, Владимир Путин, „со тоа би можел да постигне воени цели кои не ги постигнал на бојното поле“. Тоа сигурно би бил исход кој нема да биде прифатлив, рече Фрај.

Британската влада соопшти дека само Украина може да одлучи за својата иднина. Во исто време, Лондон ја дели аспирацијата на американскиот претседател Трамп да се „заврши варварската војна“, рече портпаролот на Владата. Во меѓувреме, Велика Британија продолжува да ја поддржува Украина и воено.