1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Пред преговорите во Абу Даби: Фрустрација и студ во Украина

АРД
4 февруари 2026

Претставници на Русија, Украина и САД денеска се среќаваат на нови разговори во Абу Даби. Во самата Украина, луѓето со голем скептицизам гледаат на преговорите. Кај многумина преовладува фрустрација.

https://p.dw.com/p/581Rc
Човек во сина облека полни течност во чаша на студ, во снег, зад него стојат двајца мажи во зимска облека, а во заднина се шатори - пунктови за загревање
Во украинскиот главен град, Киев, помагачите делат топли супи и чајФотографија: Valentyn Ogirenko/REUTERS

Хуманитарци делат топла храна –на пример во едно училиште во Харков, како што покажува украинската телевизија.  Во источниот украински град со милиони жители моментално има повеќе од 100 вакви пунктови. Во градот се поставени и 33 мобилни станици за греење.

На двоцифрени минусни температури на улиците, само во Харков, по последните руски напади, повеќе од стотина илјади домаќинства се без греење.

„Немам струја, немам греење. Многу е студено“, вели Људмила Лисунова. „Дојдов да испратам порака до моето семејство. Сигналот е многу лош, немам ништо. Нема интернет, нема струја.“

Слична ситуација постои и во украинскиот главен град, Киев. И тука, помагачите делат топли супи, а градот организира пунктови на кои луѓето можат да се стоплат и да ги наполнат телефоните и лаптопите.

Мраз на прозорците

„Не сум единствената што го доживува ова“, вели Јулија Долотова, завиткана во дебела јакна, со капата ниско навлечена преку лицето. Таа нема начин да зготви нешто за своето 18-месечно бебе, нејзиниот сопруг е на фронтот.

„Дури и кога нашата зграда има греење, наутро во станот е 10 до 12 степени. На прозорците има мраз."

Двајца мажи со туба и генератор пред пункт за загревање во Чернихив, Украина
Во повеќе градови се организирани пунктови на кои луѓето можат да се стоплат и да ги наполнат телефоните и лаптопите - како овде во ЧернихивФотографија: Maksym Kishka/Anadolu/picture alliance

Во услови на масивни руски воздушни напади и нивните тешки последици за цивилното население, граѓаните со голем скептицизам гледаат на разговорите  за можни начини за завршување на  војната,  кои денеска и утре се одржуваат-  во Абу Даби.

Новинарот Виталиј Портников изразува сомнеж во врска со  наводното примирје  и пауза во напаѓањето на термоцентралите договорено меѓу американскиот претседател  Доналд Трамп  и рускиот лидер  Владимир Путин.

„Можно е да се работи само за намера на Русија да акумулира доволно ракети и дронови за нов масовен напад“, претпоставува Портников. „А Путин можел тоа во разговор со Трамп да го продаде како ‘примирје’ за да покаже подготвеност да му излезе во пресрет на американскиот претседател.“

Украинците се сомневаат во руската желба за мир

Напротив, последните руски напади покажуваат дека  Русија  нема интерес за сериозен мировен процес, смета Портников – и не е единствен. Скепсата во земјата е голема. Мнозинството од населението, и покрај студот и темнината,  одбива да се согласи на отстапување територии  на Русија. Многумина во војската очекуваат нови, тешки борби, сведочи војникот Андриј.

„Најтешката фаза од една војна се преговорите. Зашто во тој период двете страни се обидуваат да освојат дополнителни територии за да имаат што посилна преговарачка позиција“, вели Андриј. „Мислам дека дури сме на самиот почеток на оваа фаза. Преговорите може да траат со години. Затоа мора да се подготвиме дека сега  работите ќе станат уште многу полоши.“

Украина гледа позитивно само на составот на руската делегација. Со високите руски воени и разузнавачки претставници, барем е можно да се водат професионални разговори, велат во Киев. Но, која стратегија ја следи руската делегација – останува нејасно.

Автор: Ребека Барт, АРД