1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Преговори во Абу Даби: Контакт да, договор не

Лилија Ржеутска
26 јануари 2026

Украина реагира воздржано на трилатералните разговори во Абу Даби, во кои учествуваа Русија и САД. Резултатот од состанокот е директниот контакт меѓу страните. Дали тоа ќе доведе до успех?

https://p.dw.com/p/57So6
Учесниците на трилатералните разговори меѓу САД, Русија и Украина во Абу Даби на 24 јануари седат на долга правоаголна маса
Трилатерални разговори меѓу САД, Русија и Украина во Абу Даби на 24 јануариФотографија: SNA/IMAGO

Во Обединетите Арапски Емирати, со посредство на САД, се завршени преговорите меѓу Украина и Русија во трилатерален формат. Делегациите отпатуваа за да ги усогласат позициите разработени во Абу Даби. Можно е делегациите наскоро да се вратат на преговарачката маса. Ова го објави украинскиот претседател Володимир Зеленски по состанокот одржан во петокот и во саботата (23 и 24 јануари).

„За првпат по долго време, имавме ваков формат - дводневни трилатерални разговори. Успеавме да разгледаме многу работи и важно е преговорите да бидат конструктивни“, напиша Зеленски на социјалните мрежи. Според него, фокусот на разговорите бил на „можните параметри за завршување на војната“.

„Многу го ценам фактот дека постои свест за потребата од американски надзор и контрола при завршување на војната и обезбедување вистинска безбедност. Американската страна го покрена прашањето за можни формати за одредување на параметрите за завршување на војната и безбедносните услови потребни за тоа“, рече Зеленски.

Напади за време на преговорите

За време на преговорите, ноќта на 24 јануари, врз Украина беа извршени нови масовни руски ракетни и напади со дронови. Москва повторно ја таргетираше енергетската инфраструктура во Киев, Харков и Чернигов, предизвикувајќи прекини во снабдувањето со електрична енергија.

„Путин цинично нареди брутален масовен ракетен напад врз Украина токму во моментот кога делегациите се собираа во Абу Даби за да го унапредат мировниот процес под покровителство на САД. Неговите ракети ги погодија не само нашите граѓани, туку и преговарачката маса“, напиша украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха на социјалната мрежа X, коментирајќи ги руските напади и рускиот претседател Владимир Путин.

Оган и чад во Киев по ноќниот руски напад со ракети и дронови на 24 јануари, 2026
Дури и за време на преговорите, Русија продолжи да го напаѓа украинскиот главен град и другите региони.Фотографија: Vladyslav Sodel/REUTERS

Реагираа и други украински политичари. Копретседателката на опозициската пратеничка група „Европска солидарност“, Ирина Герашченко, изјави дека Русија врши геноцид врз украинските цивили и мора да биде казнета. „Денеска светот повторно го виде 'мировниот план' на Путин. Москва не е подготвена за мир. Повикуваме на заострување на санкциите против државата агресор и за тоа разговараме со меѓународните партнери“, напиша таа на социјалната мрежа Телеграм.

Олексиј Копитко, воен експерт и поранешен советник во Министерството за одбрана, смета дека Русија, имајќи ја предвид важноста на состанокот во Абу Даби, отворено води „преговори“ со терор против цивилното население и дека само Путин би можел лично да нареди таков напад. „Тоа е негов начин да го потврди аргументот дека без решавање на 'територијалните прашања' според 'формулата од Анкориџ' нема ни да дојде до примирје“, напиша Копитко на Фејсбук, додавајќи дека Путин свесно се обидува да ја префрли одговорноста врз американскиот претседател Доналд Трамп и да го претстави како соучесник во хуманитарната катастрофа во Украина.

Трамп и Путин се сретнаа во август 2025 година во воената база во Анкориџ, Алјаска. Москва, за долгорочно мировно решение, бара, територијалните прашања да се решат според формулата договорена таму, која предвидува Украина целосно да се повлече од Донбас.

„Нема дипломатски театар како порано“

Хана Шелест од тинк-тенкот Украинска призма смета дека состанокот меѓу Украина, САД и Русија во Абу Даби не донел конкретни одлуки, но покажал дека преговорите имаат нова динамика.

Таа особено го нагласува брзото организирање на состанокот и трилатералниот формат. „Во Давос беше договорено, а во Абу Даби состанокот се одржа практично веднаш. За првпат, разговорите се одржаа во трилатерален формат“, изјави таа за ДВ, нагласувајќи дека присуството на американската и руската делегација им овозможува на САД директно да ја проценат позицијата на Русија и нејзината подготвеност или неподготвеност за компромис.

Експертката, исто така, наведува дека руската делегација го променила своето однесување. Според неа, овојпат Москва ги избегнала демонстративните и провокативните потези карактеристични за претходните рунди преговори. „Тоа уште не значи дека Русија е подготвена за договор, но значи дека повеќе не го гледаме очигледниот дипломатски театар како порано“, рече таа. 

Претседателот на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Мохамед бин Зајед ал-Нахјан (во средина) разговара со шефовите на делегациите што учествуваат на трилатералните разговори меѓу САД, Русија и Украина.
За првпат во Абу Даби: Разговори во трилатерален форматФотографија: UAE PRESIDENTIAL COURT/AFP

Таа за важен сигнал ја смета намерата на сите страни наскоро да продолжат со контактот. Според неа, ова е особено важно за Украина, бидејќи им овозможува активна улога на САД во процесот.

„Само имитација на преговори“

Володимир Хорбах од Украинскиот институт за трансформација на Северна Евроазија смета дека сегашниот контакт меѓу страните е важен за преговорите, но уште е позначаен во воена смисла. Доминацијата на воените претставници во делегациите овозможува дискусија исклучиво за технички прашања како што се механизми за верификација, повлекување на трупите или контрола на прекинот на огнот.

Меѓутоа, овие прашања се однесуваат на ситуација која сè уште не се случила.

„Се разговара што да се прави по завршувањето на војната и како технички да се обезбеди почитување на примирјето. Но, сè уште нема примирје. Она што го гледаме сега е само имитација на преговори, со единствена цел да не се налути Трамп и да не се обвинува Украина дека не сака мир“, вели Хорбах за ДВ.

Тој го смета таканаречениот „план на Трамп“, кој моментално се дискутира со посредство на САД и Русија, за неизводлив. „Таквиот предлог е неприфатлив за двете страни, несоодветен, неприменлив во пракса и неодржлив на долг рок“, нагласува Хорбах. Според него, во рамки на ваквите разговори страните можат да очекуваат само технички договори - паузи во нападите врз енергетскиот сектор или размена на заробеници. Но, дури ни такви резултати не беа постигнати.