1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој чека Албанци, ќе дочека шампањ во Белата палата

25 јануари 2024

Доколку СДСМ и ДУИ не можат, а САД и ЕУ не сакаат да расчистат со криминалната олигархија, ВМРО-ДПМНЕ не е виновно и не може да биде обвинето. За ништо. Па ни за победата. Пишува Арсим Зеколи

https://p.dw.com/p/4beCe
Арсим Зеколи
Арсим ЗеколиФотографија: DW/K. Blazevska

На крај, сѐ што ќе остане запаметено од тензично очекуваната посета на Џим О'Брајан е бизарната фотографија од дружбата на американскиот димпломат со грст политичари и еден т.н. филантроп. Што им е на Американците со фотографииве?! Таман подзаборавивме на фото-твитот на Кејт Мери Брнз со „вевчанските пишман-вмровци”, сега ни се понуди надградена и проширена верзија, која не само што наликува на евтино пакување на некој свадбарски кочанско-чегрански лимен оркестар, туку и по составот однапред ја обесмисли секоја изјава која следеше по средбите.

Верувале или не, во Скопје сѐ уште постојат претставништва на Националниот демократски институт (НДИ) и Републиканскиот меѓународен институт (ИРИ), како гранки на двете најголеми политички партии од САД. Настрана курсевите за стајлинг на секретарки и бескрајното, оток бескрајно „едуцирање на политичките лидери”, прашање е што всушност бараат овие две претставништва кај нас? Кој воопшто ги „рецка“, освен за некој ситен „канцелариски мебел донација”, кога ни самите нивни институции и партии не ги фермаат? Нивната улога одамна е преземена од разни Алекс Сороси и Ричард Гренели како спонзори или сиви еминенции на американската политика, со многу влијание и нулта одговорност.

Да де, секако, согласен сум и јас дека „американската надворешна политика ја кројат професионалци”, плус дека „нивните одлуку се предмет на сериозни анализи”, ама нешто веќе длабоко не штима во таа позитивна предрасуда. Бидејќи, навистина, веќе е нејасно кој носеше „панталони” во делегацијата од САД. Номинално ќе да е О'Брајан, но по третманот, уважувањето, умилкувањата и упикувањата од страна на балканските „лидери“, тоа сепак ќе да е Сорос јуниорот. А на балканските лидери може да им префрлите сѐ, но не и да им ја оспорите способноста на светски експерти во препознавање кој коси, а кој вода носи.

Следствено, сѐ што О'Брајан вербално го тврдеше, присуството на Сорос визуелно го демантираше. За една „професионално кроена надворешна политика на професионалци” е неприфатливо едно да бараш од домаќините вербално (департизација, отчетност, ЕУ), а со себе да носиш и до себе да држиш лик кој е своевиден Пуцко-фактор на Демократската партија, лишен од каква било отчетност и пропонент на идеи кои се отфрлаат од ЕУ. Како што е Отворен Балкан. А во основа, смислата на посетата на Сорос под закрила на О'Брајан беше токму тоа - одржување на Отворен Балкан во живот.

Заткулисна игранка

Самиот факт што на тој силен ЕУ-потик Брисел беше претставен на пристојно најниско можно ниво е потврда за заткулисната игранка во експлоатација на евроинтеграциите од гостите и домаќините. Што понудија Сорос, т.е. О'Брајан? Безвизен режим со нивните САД, доколку на изборите го направиме правилниот избор? Па, не. Дојдоа да нѐ куражат со влез во, за нив туѓата, ЕУ, иако домаќините од Брисел јасно и гласно порачуваат да не се надеваме премногу на евтините американски ветувања за брзи европски влегувања. Барем не додека сме предводени од овдешните омилени партнери на Сорос, т.е. О'Брајан.

На Сорос, т.е. О'Брајан, не може да му се замери што во недостаток на конкретни проекти или успеси ни натура лажни надежи за „еве, само што не влеговте”, или ни го разубавува резерватот со големи, блескави, шарени, неонски фирми „Отворен Балкан”. Што друго да прават освен да ја преземат домашната итроманштина на експлоатација на проинтегративниот сентимент за да протнат уште еден мандат на политичката гангстеризирана олигархија? И знаете што, тоа дури и некако би им го простиле.

Но, кога нивната дипломатска претставничка на неполни две недели пред посетата на Сорос, т.е. О'Брајан ни ги трие носевите со обвиненија за „епидемија на корупција”, а потоа нејзините шефови се кочоперат дружејќи се со „клицоношите“ на истата таа епидемија, е тогаш нештата се посериозни отколку некои пусти, евтини pulp fiction бладања на Сорос, т.е. О'Брајан. Бидејќи, телеграфски и карикатурално пресликано, таа бајна „професионална надворешна политика на Вашингтон” личи вака: САД нѐ кудат дека сме терминално оболени од епидемија на корупција, па затоа - ним за љубов - треба да легнеме до „клицоношите“ на таа иста епидемија, а кога на корупциски КОВИД-19 ќе ни се накачат и Ковид-20, и Ковид-21 па сѐ до Ковид-24, е тогаш наследничката на Агелер ќе нѐ прекори дека сами сме си виновни! Мементо мори, Картагено мори!

„Здружени браќа“

Сѐ на сѐ, вербално и визулено, и посетата на Сорос, т.е. О'Брајан и самата „професионално скроена надворешна политика на САД” кон Македонија повеќе наликува дека е скроена во Бихаќка-Речица отколку да е резултат на „внимателно скроена” опсервација. Не велам дека гостите од Вашингтон се идентични на актерот што нудеше бесплатни МекДоналдси, но содржински изјавите на гостинот наликуваа на спикерско читање на домашни владини желби. Бидејќи, елементарно е Вотсон, кога од граѓаните бараш сериозност, пожртвуваност, доследност, демократичност, да се обидеш барем да одржиш минимум баланс преку барање од власта да дозволи нешто минимално. Нешто како опозициски член во ДИК. Но, тоа очигледно Бихаќка-Речица го немаше вклучено во говорот на О'Брајан. Следствено, да бараш жртва од секој и секого по секоја основа и секаква цена, а притоа не сакаш да отстапиш ни трошка од „раатлукот“, е тоа драги Сорос, т.е. О'Брајан само укажува дека писателите се навистина во безнадежна состојна ослепувачка паника. А и вие двајца сосе нив.

Според моите сознанија, точно е дека постои нон-пејпер на кој треба да се потпишат сите поддржувачи на СДСМ, пардон, на европските интеграции, нели. А што вели нон-пејперот? Па, во основа, ништо друго освен уште еден од сериски повторуваните рефрени од Илинденскиот повик за „здружени браќа” кој обично се вади во предизборие и се заборава веднаш по избори. Па затоа, и повикот или очекувањата до албанските политички партии денес и овде е веќе видена, избледена, несварлива и неминлива верзија на формулата „предизборно етнички - постизборно интегристички“.

Фасцинантно е, навистина, што скраја сите албанофони во власта, скраја стотици години битисување еден до друг, скраја вакви врвни експерти како Сорос, т.е. О'Брајан, во основа никој од нив нема благ поим од разбирање на албанската политичка свест, култура или определба. Да беше поинаку, ќе си разбереа на време дека Албанците никогаш не гласаат против. Доколку не се согласни, не излегуваат на гласање - како на референдумите 1991 и 2018. Доколку имаат да гласаат за нешто што е „за”, не чекаат ни повици, ниту прифаќаат да бидат спречени. Како на масовниот протест 2015 или изборите 2016. Оттаму, нон-пејперите за албанско заедничко дејствување е повеќе плод на македонската племенска предрасуда и американското дипломатско племство, отколку што е разбирање на албанскиот политички резон. Кој е сѐ, но не и претставен од албанофонските собеседници на Сорос, т.е. О'Брајан.

Тој филм нема да игра

За разлика од македонските предрасуди и западните преубедувања, Албанците прават разлика помеѓу националното и политичкото. И го докажаа тоа на двата референдума кога не се согласуваа со политичкото, но не по цена на оспорување на националното. Колку и да се напрегаат домашните и странските советници за спротивното, за очекување е дека истиот став ќе го заземат и на следните избори. Особено кого понудата наметната врз нив е да бираат помеѓу национално понижување преку СДУИ или политичко понижување преку ВМРО. Албанците секако нема да гласаат за ВМРО и ќе претпочитаат самите Македонци преку нивниот глас за таа партија да се понижат самите себе. Но исто така, нема Сорос, нема О'Брајан, нема Рама, нема Курти, нема Вјоса кој ќе ги натера за атер на Ковачевски, Маричиќ, Спасовски, Спасов, Зечевиќ, Заев да гласаат за нив и сопственото понижување на уште четири години мизерија под Ахмети, Груби, Османи, Бесими, Џафери. Ретко сум категоричен, но овојпат ве уверувам: тој филм нема да игра во Манаки! Едноставно, прашањето е егзистенијално. Агелер и Сорос може да се евакуираат од епидемијата, заедно со омилените им коруптократи, но за Албанците таквото гласање е рамно на само-смртна пресуда.

Време е на избори. Време е за жртви. Кое било барање, од СДСМ или САД или ЕУ до Албанците „уште овојпат, плиз“ да си „вбризгаат“ малку отров во свои вени „за атер на евроинтеграциите” и повторно да бидат цинично намагарчени со Ахмети и бандата, било како да е спакувано и напарфимирано, ќе биде отфрлено. Доколку САД и ЕУ ѝ сакаат добро на Македонија и на овдешните граѓани, нека направат избор помеѓу драстично сечење на озлогласените од СДСМ и ДУИ од изборните, законодавно-извршни тела или унесреќувањето на цела една нација поради грст преферабилни коруптократи.

Албанците нема да сакаат поворно и повторно да ги чистат авгиевите штали на Ковачевски, Ахмети, Агелер, Гир, Сорос и О'Брајан и заради нив го преземат гневот на соседите Македонци, па дури и доколку самите Македонци со својот глас си ја осакатат сопствената иднина, која ја гледаат во ваква, шумадиско-банкарска имитација на ВМРО. Изборот е едноставен, навистина. Доколку СДСМ и ДУИ не можат, а САД и ЕУ не сакаат да расчистат со криминалната олигархија, ВМРО-ДПМНЕ не е виновно и не може да биде обвинето. За ништо. Па ни за победата.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема