1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КриминалСоединети Американски Држави

Што се знае за нападот врз војниците на Националната гарда

БЈ | АРД | агенции
27 ноември 2025

Американскиот претседател Трамп пукањето врз припадници на Националната гарда во близина на Белата куќа го нарече „терористички чин“. Какви сознанија има досега за нападот и за осомничениот сторител?

https://p.dw.com/p/54KlQ
Припадници на Националната гарда на САД во маскирни униформи на место на злосторство во Вашингтон обележано со жолти полициски ленти
Припадници на Националната гарда се собраа во близина на местото на злосторството во ВашингтонФотографија: Daniel Slim/AFP

Што се случи?

Според наводите на властите, маж во средата попладне среде центарот на Вашингтон отворил оган врз двајца припадници на Национална гардаи притоа им нанел тешки повреди. Истрелите се случиле на само два блока северозападно од Белата куќа, во близина на популарното свртувалиште Фарагут. Заменик-началникот на полицијата на Вашингтон, Џефри Керол, вели дека напаѓачот „се појавил од зад аголот“ и веднаш почнал да пука во припадниците на Националната гарда. Керол се повика на видео запис што го прегледале истражителите. Градоначалничката на Вашингтон, Муриел Баузер, на прес-конференција зборуваше за „напад со цел“. Според извештаите во медиумите, барем една од жртвите возвратила на оганот. Откако други служби во близина ги чуле истрелите, се упатиле кон местото на настанот и го совладале осомничениот напаѓач кој бил ранет, дополнуваКерол.

Кои се жртвите?

Двете жртви се припадници на Националната гарда од државата Западна Вирџинија и дел единиците во главниот град распоредени по наредба на претседателот Доналд Трамп. Властите сè уште не објавуваат дополнителни детали за нивниот идентитет. Сојузната полиција ФБИ и градоначалничката на Вашингтон изјавија дека гардистите се во критична состојба.

Маж во воена униформа лежи на носилка во амбулантно возило во центарот на Вашингтон.
Се вели дека двете жртви се во „критична состојба“Фотографија: Drew Angerer/AFP

Претходно владееше конфузија, па гувернерот на Западна Вирџинија, Патрик Морисеј, преку повеќе интернет канали објави дека двајцата нападнати гардисти се мртви. Потоа во последователна објава наведе дека имало „контрадикторни информации“.

Што се знае за осомничениот напаѓач?

Полицијата соопшти дека осомничениот напаѓач е уапсен и подлежи на медицински третман во болница. Според наводите, тој нема повреди опасни по живот. Полицијата во моментов поаѓа од тоа дека има само еден сторител. Осомничениот е авганистански државјанин кој влегол во САД во 2021 година, рече претседателот Трамп во обраќањето до нацијата. Трамп инцидентот го нарече чин на тероризам. „Овој одвратен напад беше чин на зло, на омраза и терор“, рече Трамп и не наведе поконкретни детали за можниот мотив. Според телевизијата Ен-Би-Си и новинската агенција Ројтерс, ФБИ го истражува нападот како можен чин на тероризам.

Какви се реакциите?

Во своето обраќање, Трамп го нарече Авганистан „пекол на планетава“ и тврдеше дека милиони луѓе од целиот свет дошле во САД без проверки на биографијатаза. Време на владеењето на неговиот претходник, демократот Џо Бајден. Тој најави дека повторно ќе ги провери сите лица допатувани од Авганистан за време на мандатот на Бајден. Освен тоа, „ќе ги преземе сите потребни чекори за да биде сигурен дека сите странци од сите земји кои не припаѓаат тука или од кои нема никаква корист за нашата земја, ќе бидат депортирани“, наведе трамп. Тој моментално е во Флорида за Денот на благодарноста. Во првична реакција, Трамп наводниот напаѓач на платформата Социјална вистина го нарече „животно“ и посочи дека ќе мора да „плати висока цена“. И министерката за внатрешна безбедност Кристи Ноем, тврдеше дека човекот дошол во земјата без потребните проверки. Докази за тоа дека не била направена вообичаената проверка пред влез во земјата, не наведоа ниту Трамп, ниту Ноем. Дури и за време на делумно хаотичната евакуација на Авганистанци од Кабул од страна на американската војска во 2021 година, тие не беа директно носени во САД, туку меѓу другото префрлани во американска база во Катар, каде што беа спроведувани првични безбедносни контроли. По обраќањето на Трамп, Службата за имиграција на САД на платформата X објави дека обработката на сите апликации за имиграција од страна на авганистански државјани, ќе биде неодложно суспендирана. Американската организација АвганЕвак, која се залага за Авганистанците, предупредува од политичка инструментализација на нападот.

Шефот на Пентагон, Пит Хегесет, рече дека Трамп го замолил да испрати 500 дополнителни гардисти на во Вашингтон. И американскиот претседател потврди дека ќе има распоредување на дополнителни војници. Шефот на ФБИ, Кеш Пател, рече дека гардистите биле „бесрамно нападнати во ужасен чин на насилство“. Поранешниот претседател Бајден го осуди нападот. „Насилството од каков било вид е неприфатливо и сите мора да постапуваме против него обединети“, пиша тој на платформата Х. Барак Обама изјави дека за„насилство во Америка нема простор“.

Зошто Националната гарда е распоредена во Вашингтон?

Од летото повеќе од 2 илјади војници на Националната гарда се распоредени во Вашингтон. Трамп во август годинава нареди распоредување во главниот град на САД образложувајќи ја нивната многу контроверзна мобилизација со наводниот распространет криминал - иако криминалната статистика не оди во прилог на таквата теза, а градоначалничката и полицијата на Вашингтон беа против.

Три војници на Националната гарда патролираат во близина на американскиот Капитол
По наредна на Трамп пд летото повеќе од 2 илјади војници на Националната гарда се распоредени во Вашингтон.Фотографија: Rahmat Gul/AP Photo/picture alliance

И покрај истекот на вонредната наредба на Трамп и тужби против присуството на гардистите, тие сè уште се на терен и  патролираат во станбени области, на железнички станици и други места, држат контролни пунктови на автопатите, а беа распоредени и при собирањето на ѓубрето и како надзор на спортските настани. Минатата недела, сојузен судија нареди да се стави крај на распоредувањето, но својата наредба ја суспендираше во времетраење од 21 ден за да ѝ даде време на администрацијата на Трамп или да ги повлече гардистите, или да поднесе жалба против нејзината одлука.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема