Адвокатот на „Ѓаволот“ се спогодил со Обвинителството
17 април 2026
Поранешниот државен правобранител и актуелен адвокат Фехми Стафа признал вина и се спогодил со Обвинителството да одлежи казна затвор од една година и три месеци. Информацијата што ја објави порталот „Скопје1“ е потврдена за медиуми од Основното јавно обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).
Адвокатот Стафа беше лишен од слобода на 13-ти декември минатата година, а на 20-ти март годинава против него беше поднесен обвинителен акт за кривичното дело „Примање награда за противзаконито влијание".
Според обвинителниот акт, тој во периодот од октомври до 13-ти декември 2025 година, со намера да прибави противправна имотна корист тој примил вкупен износ од 50.000 евра за да посредува и да го искористи своето влијание за да интервенира кај судија во Апелациониот суд Скопје. Односно, преку давање поткуп да влијае да се изврши службено дејствие што не би смеело да се изврши. Тој беше лишен од слобода непосредно по примањето на парите, при што кај него биле пронајдени и одземени паричните средства.
Од државен правобранител до...
Овој случај предизвика големо внимание во јавноста, бидејќи Стафа беше државен правобранител од 2018 до 2022 година задолжен за правна заштита на имотните права и интереси на Македонија. Лицето за чиј интерес требало да изврши противзаконито влијание (со цел укинување на мерката ефективен притвор) е Љупчо Пецов, познат под прекар Ѓаволот. Стафа му беше адвокат на Пецов, кој е еден од осомничените за финансиски криминал во случајот „Синџир“, покренат на крајот на октомври 2023 година, со кој опфатени 26 физички и 28 правни лица. Тие се осомничени дека создале шема за даночно затајување, преку која издавале фактури со ДДВ за наводно извршени набавки кои всушност не биле извршени, односно со лажно даночно побарување предизвикале штета на буџетот во износ од речиси 8 милиони евра (7.980.627 евра).
Неколку месеци пред да биде уапсен, адвокатот Стафа поднел барање за замена на мерката ефективен со куќен притвор за Пецов, за што била понудена и гаранција, но тоа барање беше одбиено. Пецов кој беше во бегство, три дена дена по апсењето на Стафа сам се предал на органите на прогонот.
Потоа ситуацијата се смени. Претходното изречената мерка ефективен притвор на Пецов му беше заменета со куќен притвор, со 24-часовен надзор од МВР и одземање на патни исправи. Одлуката беше образложена со тоа дека самиот се пријавил на органите на прогонот, дека имал влошена здравствена состојба, а надлежниот јавен обвинител оценил и дека во притворското одделение не може да се гарантира неговата лична безбедност.
Кога се користи спогодба?
Предлог - спогодба како институт се користи при постоење признание за вина, со што правилата на постапката се поедноставени: не се изведуваат докази поврзани за фактичката состојба и постапката е брза и ефикасна бидејќи судот само треба да ја изрече санкцијата. Една од причините за прифаќање на спогодување за кривична санкција, е настојувањето да се скрати траењето на кривичната постапка во случаите кога фактичката состојба е неспорна за обете странки, односно кога Обвинителството располага со доволно докази во однос на кривично-правниот настан, при што и без изведување на прибавените докази судијата ќе може да донесе основана, законита и правична пресуда.
Со прифаќање и потпишување на предлог -спогодба, обвинетиот ја признава вината, односно не го спори кривичното дело што му се става на товар и е согласен со предложената кривична санкција. Со доброволно прифаќање на предлог-спогодба и последиците што произлегуваат од неа, лицето се откажува од право на жалба ако се донесе пресуда со која се прифаќа предлог- спогодбата.
„Неофицијално, Стафа соработува со Обвинителството во откривање на други случаи на висока корупција во правосудството", објави вчера Скопје1.
Истрагата стигна до пари во ѕид
Истрагата за Стафа резултираше со проширување на постапката и кон судијата од Апелацискиот суд во Скопје, Ѓоко Ристов, осомничен за противправно стекнување и прикривање имот, за кој постоеле сомненија дека е прибавен, меѓудругото, со корупција и трговија со влијание. По детален претрес извршен на локација во Неготино во домот на родителите на осомничениот судија, ОЈО ГООК соопшти дека „соѕидани во простор во ѕидот биле пронајдени 350.000 евра, за кои постои сомнение дека биле незаконски стекнати и прикриени".
За кривичното дело „Примање награда за противзаконито влијание", во 2024 година „паднаа“ членот на Советот на јавни обвинители, Иџет Мемети и врховниот судија Наке Георгиев. Врховниот судија беше затекнат in flagranti и приведен на паркинг непосредно по земање поткуп за интервенирање во судски предмет, со цел да се олесни процесот на обвинет во предметот за шверц со марихуана. И двајцата се спогодија со Обвинителството. Мемети доби условна казна, а Георгиев беше осуден на три години затвор.
Нивните спогодби со Обвинителството наидоа на големи критики, со оценка дека го поткопуваат принципот на правични санкции кои треба да спречат идни слични дејства во таа фела, со аргументи дека станува збор за двајца истакнати членови на правосудни установи, со долгогодишно искуство и влијание, кои биле одговорни совесно да го спроведуваат законот, а не да го кршат.