1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КриминалТурција

Десетици налози за апсење по нападите во училишта во Турција

Патрик Гросе
16 април 2026

Во рок од 48 часа, два насилни инциденти во училишта ја потресоа Турција. Девет лица загинаа, многумина беа повредени. Властите сега ги следат и реакциите на делата во дигиталниот простор.

https://p.dw.com/p/5CHbp
Турција Кахраманмараш 2026 | Спасувачи по пукање во училиште
Спасувачи по пукањето во училиште во Кахраманмараш, ТурцијаФотографија: Orhan Erkilic/AFP

Турските власти уапсија повеќе од 160 лица. Причината се два смртоносни напади со огнено оружје во училишта во рок од само два дена. Уапсените, меѓу другото, се обвинети за ширење погрешни информации и за величење на пукањата во училиштата оваа недела, соопшти турскиот министер за правда Акин Гурлек на платформата X.

Гурлек вели дека 95 лица биле приведени затоа што, и покрај воведената забрана за информирање, ширеле слики и видеа поврзани со инцидентите. Овие содржини можеле да предизвикаат „страв и паника“ кај населението. По уште 35 осомничени сè уште се трага. Дополнително, пристапот до 1104 профили на социјалните мрежи бил блокиран, додава Гурлек.

Понатаму, истражителите идентификувале профили кои намерно во визир земале училиштата и навестувале можни напади. Во овој контекст биле уапсени 67 корисници кои се поврзани со соодветни објави.

Напаѓачот наводно го имал оружјето од својот татко

Во средата (15.04), 14-годишник во јужниот турски град Кахраманмараш застрела осум ученици и еден наставник, а уште 13 лица се повредени. Неколку жртви морале да бидат лекувани на одделот за интензивна нега, а три од нив привремено биле во животна опасност.

Според информации на властите, малолетникот донел во училиштето неколку парчиња огнено оружје и седум шаржери во ранец. Ученикот влегол во две училници и отворил оган без одредена цел. Оружјето наводно му припаѓало на неговиот татко, поранешен полицаец, кој во меѓувреме, исто како и мајката на сторителот, е уапсен.

Во видео снимено од жителка и верифицирано од новинската агенција АФП, се гледа како деца во паника скокаат од прозорец на првиот кат. Други бегаат преку училишниот двор. За време на снимката, која трае околу една и пол минута, се слушаат врисоци и околу 15 истрели.

Турција Кахраманмараш 2026 | Роднини чекаат пукање во училиште
Загрижени роднини чекаат пред училиште во Кахраманмараш по пукањетоФотографија: Orhan Erkilic/AFP

Властите воведоа забрана за информирање

Очевидци исто така опишаа драматични сцени. „Моето дете беше сведок“, изјави Омер Ердаг за АФП. „Тој рече: ‘Тато, мојот другар беше повреден’. Другите деца не ги видел. Внатре имало многу крв.“ Снимки на новинската агенција ИХА, покажаа како покриено тело се носи во амбулантно возило. Пред училиштето, расплакани родители чекаа во неизвесност.

Напаѓачот и самиот го загуби животот. Според властите, не е недвосмислено јасно дали станувало збор за самоубиство „или дали тоа се случило во хаосот“, изјави гувернерот на покраината, Мукерем Унлуер. Обвинителството започна истрага, а истовремено беше воведена забрана за објавување детали од случајот.

16 повредени во уште еден напад врз училиште

Посебно внимание им се посветува на дигиталните траги од делото. На својот Ватсап‑профил, малолетникот се повикувал на Елиот Роџер. Американскиот напаѓач во 2014 година во Калифорнија уби шест лица, а потоа и себеси. Претходно, тој изразил фрустрација поради својата девственост и одбивањето од страна на жени. Властите сега ги проверуваат можните поврзаности меѓу онлајн-содржините и насилните дела — и со налозите за апсење целно постапуваат против соодветни коментари.

Во вторникот, еден поранешен ученик во југоисточниот град Сиверек отвори оган во своето поранешно училиште и повредил16 лица. Меѓу жртвите има десет ученици, четири наставници, еден полицаец и еден вработен во училишната менза. Напаѓачот потоа си го одзел животот.

Наставници протестираат за поголема безбедност во училиштата

Серијата насилства предизвика шок низ целата земја. Претседателот Реџеп Таип Ердоган зборуваше за „трагичен напад“ и вети сеопфатно разјаснување. Претседателот на парламентот, Нуман Куртулмуш, изјави: „Нашето срце крвари. Изразуваме сочувство до целата нација.“ Во Кахраманмараш училиштата остануваат привремено затворени.

Воедно расте и притисокот врз владата: Во главниот град Анкара, повеќе од 3500 наставници протестираа и побараа оставка од министерот за образование. „Крвта ја извалка мојата професија“ и „Каде бевте кога децата умираа?“ извикуваа демонстрантите.

Вакви напади со огнено оружје се релативно ретки во Турција. Во мај 2023 година, исклучен ученик во своето поранешно училиште го застрела 74‑годишниот директор. По бегството, напаѓачот беше уапсен. Насилниот чин предизвика национални дебати. Уште тогаш, илјадници наставници демонстрираа во Истанбул за подобри безбедносни мерки во училиштата.

Во Турција важат строги закони за оружје. Поседувањето огнено оружје бара регистрација и дозвола за оружје, вклучувајќи доказ за психолошка способност и проверка на евентуални претходни осуди. За нелегално поседување оружје се предвидени строги казни. Според проценките на една турска фондација, сепак, во Турција во оптек сè уште има многу огнено оружје, од кое поголемиот дел е нелегално.