ДИК не треба да се притиска со партиски собири | Македонија | DW | 15.12.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

ДИК не треба да се притиска со партиски собири

„Приговорите се дел од изборниот процес и за нив треба да се одлучува во законска и демократска атмосфера“, велат поранешни членови на ДИК, додавајќи дека не е добро таа да работи под притисок на чии било партиски собири

Најавените „спонтани собири“ на приврзаници и членови на ВМРО-ДПМНЕ за „одбрана на победата“ пред седиштето на ДИК, вчера беа откажани откако Комисијата соопшти дека закажаната јавна седница ја одложува за денеска, а дополнително ќе информира за терминот на нејзиното одржување. Но, тоа не ги спречи функционерите на ВМРО-ДПМНЕ да ја шират тезата дека опозицијата преку приговори сака да им ја украде победата.

„Изборната волја е 455.000 гласачи за ВМРО-ДПМНЕ и тоа ДИК требаше само да го верификува“, изјави Антонио Милошоски, потенцирајќи ја загриженоста што што ДИК ги одложува седниците.

„Гледаме дека сето тоа заедно со приговорите е еден смислен концепт за постизборен инженеринг, што значи фалсификување или изигрување на веќе изразената волја на гласачите. Неслучајно СДСМ поднесува приговори за прегласување во шестата изборна единица и неслучајно 'Беса' поднесува приговори за прегласување во втората изборна единица. Зошто се одбрани овие изборни единици? Затоа што таму е најмал количникот и најмала е разликата. СДСМ би можел со преземање на гласови од 'Беса' во ИЕ 6 да добие пратеник на штета на веќе добиениот пратеник на ВМРО-ДПМНЕ. Со иста политичка трговија СДСМ сака да ги даде гласовите на 'Беса' во ИЕ 2 каде што таа би добила еден пратеник повеќе и би одзела пратеник од ВМРО-ДПМНЕ“, изјави Милошоски.

Wahlen in Mazedonien Antoni Milososki (MIA)

Антонио Милошоски е загрижен поради одлагањето на седницата на ДИК

Со истите тези вчера се огласи и претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски. Тој обвини за сценарио и договор меѓу „Беса“ и СДСМ со кој треба да земат два пратенички мандати од ВМРО-ДПМНЕ и да си ги поделат.

Жерновски: Трипати се прегласуваше во Центар!

„Приговорите се дел од изборниот процес и за нив треба да се одлучува во законска и демократска атмосфера“, велат поранешни членови на Комисијата, додавајќи дека не е добро ДИК да работи под притисок на било чии партиски собири. 

На фактот дека поднесувањето приговори никогаш не било проблематизирано во текот на досегашните изборни процеси, потсети и градоначалникот на Центар, Андреј Жерновски, одговарајќи на обвинувањата од Влатко Ѓорчев дека опозицијата сака да ѝ ја украде „чистата победа на ВМРО-ДПМНЕ“.

„Нема зборови со кои може да се долови политичката перверзија која ни ја приредува ВМРО-ДПМНЕ“, напиша Жерновски на Фејсбук.

Mazedonien Skopje Bürgermeister der Gemeinde Centar Andrej Zernovski (DW/P. Stojanovski)

Андреј Жерновски: Ако се гневни дека некој сака да има ја одземе победата, ќе излезат уште помасовно (на гласање, н.з.) и ќе го одбранат својот глас

„Луѓето кои цели три круга ги малтретираа граѓаните на Центар. Луѓето кои ги погазија сите закони и ги прекршија сите членови од Кривичниот законик, само за да победат во Центар. Оние кои нарачуваа шамари. Да, истите луѓе кои од Управниот Суд направија своја општинска организација, само за да поништат регуларни избори. Истите оние луѓе кои носеа гласачи од Пустец, Албанија, за да гласаат во Центар! Е, токму тие луѓе велат декa 'граѓаните ќе биле гневни ако се прегласувало'. Епа, центарци беа гневни и тогаш и сега. Ама прегласуваа, не еднаш, туку три пати, и со секоја нова рунда сѐ повеќе губеше ВМРО ДПМНЕ. Влатко, ако луѓето се гневни, тие ќе излезат повторно на гласање и уште посилно ќе ве поддржат, исто како што направија во Центар. Ако се гневни дека некој сака да има ја одземе победата, ќе излезат уште помасовно и ќе го одбранат својот глас. Зошто Влатко, тогаш не оставиш тоа да се случи?“, напиша Жерновски.

Седницата на ДИК денеска ќе биде јавна, точно ќе се знае на што приговараат Беса и СДСМ и дали навистина има несовпаѓање меѓу заверените записници на изборните комисии и електронските известувања што тие ги пратиле во ДИК, а што наводно било нотирано во дел од приговорите.

Се јави и руското МНР!

По бројните обвинувања и сомнежи во работата на ДИК искажани во провладини медиуми, а во кои беше инволвирано и името на амбасадорот на САД, Џес Бејли, вечера се огласи американската амбасада во Скопје.

„Со загриженост го забележуваме ова неточно известување, кое тврди дека американскиот амбасадор се меша во работата на Државната изборна комисија. Ова не е време за објавување лажни вести или заговори. Амбасадорот на САД не се сретнал со претставници на ДИК, не ја посетил Државната изборна комисија ниту, пак, интервенирал кај некој од членовите на ДИК. САД ги поддржува правата на граѓаните на Република Македонија во демократски процес кој е отворен, транспарентен и одговорен. Ова вклучува и разгледување на жалбите и на приговорите, во согласност со македонските закони“, се вели во изјавата на Амбасадата на САД.

Mazedonien US-Botschafter Jess Baily VORLÄUFIG - NICHT NUTZEN (DW/P. Stojanovski)

Амбасадорот на САД, Џес Бејли, не ја посетил ДИК, тврди американската амбасада

И додека сите повикуваат на трпение до конечните резултати, работа на ДИК без притисок од партиски собири и воздржаност, со коментар се огласи и Министерството за надворешни работи на Руската Федерација, во кое повикува „да се избегнат надворешните контрапродуктивни влијанија во врска со формирањето на новиот владин кабинет“.

„Ги повикуваме сите политички партии во Македонија да ја почитуваат волјата на гласачите, да дејствуваат единствено во рамките на Уставот и да ги избегнат надворешните контрапродуктивни влијанија во врска со формирањето на новиот владин кабинет. Веруваме дека македонските политичари се свесни за одговорноста за зачувување на стабилноста во Македонија и на меѓуетничката хармонија, кои се главен фактор за мирот на целиот Балкан. Очекуваме дека новата Влада на Република Македонија ќе води балансирана надворешна политика, фокусирана на зајакнување на мирот и безбедноста на целиот европски континент“, се вели во соопштението.

Во него се наведува дека Русија е задоволна што изборите на 11-ти декември, и покрај екстремно тензичната политичка ситуација во земјата, поминале во мирна атмосфера.

Меѓународните набљудувачи, меѓу кои имаше и руски претставници, не регистрираа значајни прекршувања на меѓународните изборни стандарди“, се вели во соопштението, во кое е нотирано и дека според резултатите, ниту една од политичките партии не успеала да освои апсолутно мнозинство.

DW.COM

Поврзана содржина

Реклама