САД и Русија „рамо до рамо“
9 април 2010Ветувањата на Барак Обама пред една година во Прага наидоа на многу позитивни реакции: „Овде сум за да кажам дека Соединетите Држави никогаш нема да им го свртат грбот на луѓето од вашата земја. Не поврзуваат заедничките вредности и историјата, како и постојаното ветување на нашиот сојуз. Тоа е сосема јасно наведено во членот 5 од договорот на НАТО каде се вели: Нападот на еден е напад на сите.“
Западот се покорува пред Русија
Сепак многумина се скептични околу повторната посета на Обама, рамо до рамо со рускиот претседател Дмитри Медведев. Поранешниот министер од ЕУ Александер Вондра изреволтирано вели дека во изминатите 20 години на доживеал таква „љубовна оргија“ со Русија. Неделникот „Рефлекс“ објави карикатура на која е прикажан Обама во страствена прегратка со поранешниот советски државник Леонид Брежњев. Пораката е дека Западот се покорува пред Русија.
Гледано од историски аспект разбирливо е разочарувањето, смета чешкиот социјалдемократ Љубомир Заоралек: „Во Чешка и во други посткомунистички земји за жал се’ уште се присутни ставовите дека Русија е најголема опасност за мирот во светот. Но, и Соединетите држави всушност немаат причина да им прават услуга на Русите.“
Идејата на Обама е утопистичка
Покрај Чешка и другите посткомунистички земји сметаат дека руското-американско приближување претставува закана. Како прво се плашат дека ќе го изгубат приоритетот во агендата на Вашингтон. Во истовреме сметаат дека ќе бидат изложени на нови барања од моќната Русија. Во отворено писмо до Барак Обама, водечките интелектуалци од Средна и Источна Европа минатата година затоа предупредија од слабеење на НАТО и од руската ревизија.
Овие стравови се зголемија откако Барак Обама се откажа од поставување ракетен штит во Полска и Чешка, смета прашкиот политиколог Петр Краточвил. Овој проект за многумина претставуваше симбол за заложбите на Америка во регионот. Краточвил смета дека чешката политичка елита сега се однесува како заборавена љубовница. Но, исто така и Полска и балтичките држави се почувствуваа запоставени од новата влада на САД. Тоа нема да го промени ниту потпишувањето на договорот во Прага. Политикологот вели дека оваа елита смета дека идејата на Обама за соработка со Русија е утопистичка, ако не и наивна.
Вашингтон или Москва
Чешка и многу други држави во регионот сметаат дека воопшто не претставуваат неутрален терен помеѓу Истокот и Западот. За повеќето од нив се подразбира дека Вашингтон им е подобар сојузник од Европската унија. Реакциите се’ уште понегативни кога се добива впечатокот дека Вашингтон ги жртвува своите партнери во Источна Европа, за да ги обнови односите со Русија.
Само мал број земји, како на пример Словачка, прагматично си го поставуваат прашањето „Вашингтон или Москва.“ Словачкиот министер за надворешни работи Мирослав Лајчак вели: „Ниту една земја во светот не би го поставила прашањето ’или-или’. Русија е глобален играч, Словачка е скоро 100-процентно зависна од увозот на енергија од Русија, а околу тоа прашање промени не направила ни една словачка влада. Би било неодговорно да не се земе предвид овој факт, или дури да се игнорира.“
Значи Барак Обама во Прага е конфронтиран со долга листа на желби и поплаки. Мислењето на американскиот претседател на таа тема, луѓето во Прага, Братислава или Варшава ги интересира повеќе отколку неговото потпишување на договорот за разоружување.
Автор: Кристина Јансен/ Јасна Мушиќ Јанчулева
Редактор: Александра Трајковска