1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Путин го исфрли Западот од „игра“

Керстен Книп/ Превод: Ж.А.1 октомври 2015

Руската воена авијација врши напади против Исламска држава. Тоа значи, Путин успеа да ја спроведе својата намера. На Западот му останува само улогата да ги ублажи страдањата на цивилите, смета Керстен Книп.

https://p.dw.com/p/1GgO6
Фотографија: imago/A. Djorovic

Тврдењата не можат да бидат попротивречни: се бомбардираат позициите на терористичката организација Исламска држава во околината на градот Хомс, вели руската војска. САД, Франција, како и Слободната сириска армија имаат поинакво гледање: во некои од нападнатите места ИД воопшто не е присутна. Целта се противниците на сирискиот претседател Башар ал-Асад. Сеедно кои од овие информации се точни, едно е јасно: Путин е на целта!

Неминовен е впечатокот- рускиот претседател со години се подготвуваше за оваа ситуација преку континуирана политика на вето во Советот за безбедност на ОН, преку изјави на поддршка и солидарност на адреса на сирискиот диктатор и преку масивна воена помош. Путин ја има Кина на своја страна во Советот за безбедност на ОН, во регионот тој тесно соработува со Иран. Три држави со сомнителна политичка култура, три режими на кои не им е туѓ авторитарен стил на раководење. Три режими, кои сега ја одредуваат не само иднината на Сирија, туку и на големи делови од арапскиот свет.

Knipp Kersten Kommentarbild App
Керстен Книп

Западот е исфрлен од игра

За Западот тоа значи: предвидливо е негово „исфрлање од играта“. Ретроактивно гледано, се чини дека во изминатите речиси пет години, Западот во сириската граѓанска војна не успеа никогаш вистински да и‘ се спротистави на Русија. Женева 1, Женева 2, „Пријатели на Сирија“, безбројни конференции на безбројни локации-сето тоа не донесе ништо. Според податоци на ОН, во војната во Сирија животот го загубиле над 250.000 луѓе. Можеби се и многу повеќе.

Западот не можеше да ги спаси. Тој не можеше да се пробие наспроти руската опструктивна политика, или барем не се осмели. А како и да се осмелеше? Путин во Украина покажа колку далеку е подготвен да оди. Москва веројатно ќе покажеше ваква одлучност и во Сирија, меѓу другото дури и ако американскиот претседател Барак Обама го санкционираше преминувањето на дефинираните „црвени линии“, како што тој најави, од страна на Асад.

Ниеден гест не ја покажува толку нагласено кроткоста на Западот, колку овој. И првенствено-беспомошноста. Западот едноставно не е подготвен на ваква сурова политика каква што води Путин. А и како би изгледала адекватна реакција, ако се исклучат санкциите? Од добри причини, никој веќе не би сакал да го употреби говорот на топовите. Но, тоа значи: Путин успеа да го спроведе науменото. Неговата порака гласи: по четвртина век, Русија повторно е голема сила.

Асад ќе остане

За Сирија пак тоа значи останување на власт на Башар ал-Асад. А на секуларната сириска опозиција не и‘ преостанува ништо, освен тоа да го прифати. Уште на почетокот на неделава Буран Галиун, поранешен претседател на опозициониот Сириски национален фронт, индиректно побара Асад да замине од власт. За тоа постојат неминовни причини, барем теоретски. Но практично, нужно е помирување со мислата дека засега тоа нема да се реализира: Сиријците и натаму ќе живеат под власта на својот диктатор.

Притоа, за што е можно помалку да страдаат од него, на западните држави им останува само едно: тие мора да влијаат за Путин барем да го скроти својот штитеник. Ако веќе Асад останува, барем што помалку да му наштетува на својот народ. Тој мора да биде одвратен од секојдневното измачување со фрлање буриња-бомби, со принудување милиони луѓе на бегство. Придонесувањето кон оваа цел е најитна задача за Западот. За повеќе, Западот не е во состојба. Засега му останува единствено да им го ускрати на Сиријците она најлошото.