1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

И 2022-ра ќе биде пандемиска година

Кристоф Хаселбах
1 јануари 2022

Новата германска влада сака да шири политички оптимизам. Но, расположението го расипуваат мрачните глобални политички облаци и короната.

https://p.dw.com/p/451Qc
Symbolbild Jahreswechsel
Фотографија: Sascha Steinach/imago images

Колку работите се слични! Убедливо најважната тема за Германците пред една година беше - пандемијата на корона. Исто како и сега, на почетокот од 2022 година. Сепак, со една клучна разлика: во тоа време, претстојната кампања за вакцинација сè уште даваше надеж за брзо решение.

Една година и повеќе од сто милиони дози вакцини потоа, бројот на инфицирани лица е дури значително поголем од тогаш. „Цела Германија е среде една голема епидемија“, рече за ситуацијата со короната на средината од ноември Лотар Вилер, раководител на Институтот „Роберт Кох“.

Со цел да се натераат повеќе луѓе да се вакцинираат, наскоро би можело да има дури и општа задолжителна вакцинација. Тоа би било еклатантно прекршување на зборот. Бидејќи, и претходната канцеларка Ангела Меркел и новиот канцелар Олаф Шолц, како и лидерот на ФДП, Кристијан Линднер - сите до пред неколку недели отфрлаа задолжителна вакцинација .

Општеството е веќе поделено поради мерките за сузбивање на пандемијата. Јаз постои особено помеѓу мнозинството кое ја поддржува вакцинацијата и малцинството кое се противи.

Berlin I Ergebnis der Grünen-Urabstimmung
Новата коалиција во Берлин сака да шири дух на оптимизам и полетФотографија: Chris Emil Janßen/imago images

Амбициозни планови за заштита на климата

По 16 години влади предводени од ЦДУ и Ангела Меркел, новата влада на социјалдемократите, зелените и либералите сака да шири дух на оптимизам. „Да се осмелиме на поголем напредок“, гласи насловот на коалицискиот договор, направен во исти дух како мотото од 1969 година на поранешниот канцелар Вили Брант - „Да се осмелиме на повеќе демократија“. Што подразбира новата коалиција под ова? Пред сè, поголема заштита на климата преку обновливи извори на енергија и, ако е можно, напуштање на јагленот уште во 2030 година.

Политикологот Флоријан Хартлеб особено го нагласува„брзиот договор“на семафор-коалицијата. „Тука работеа тимски играчи, за разлика од она што доаѓаше од Унијата за време на изборната кампања. Значи, се забележува извесно полетно расположение.“

Што мислат луѓето за политиката на новата влада најверојатно ќе се покаже на четирите покраински избори во 2022 година - напролет во Сар, Шлезвиг-Холштајн и Северна Рајна-Вестфалија и наесен во Долна Саксонија. Според досегашните истражувања на јавното мислење, неодамнешниот подем на социјалдемократите, кој доаѓа по долго паѓање, ќе продолжи и натаму.

Koalitionsgespräche zwischen SPD, Grünen und FDP in Berlin
Ќе се работи пред сѐ на поголема заштита на климата преку обновливи извори на енергијаФотографија: Tom Weller/dpa/picture alliance

Дали ЦДУ ќе оди надесно?

Во меѓувреме, на почетокот на новата година, тешко зашеметената ЦДУ се надева дека ќе добие полет благодарение на нејзиниот нов партиски претседател Фридрих Мерц. Неговиот избор се смета за одлука за насоката во која ќе тргне партијата. Поранешниот лидер на пратеничката група на Унијата, Мерц, победи во трката за партиски шеф во третиот обид. Се очекува ЦДУ под негово раководство да трне кон десно, подалеку од курсот на центарот што го форсираше Ангела Меркел. Но, Мерц е „повеќе солист“ во партијата, смета политикологот Хартлеб, и „нема да создаде нов почеток“.

Континуитет во секој случај може да се очекува во февруари, при пополнување на највисоката функција во државата. Сојузниот претседател Франк-Валтер Штајнмаер од СПД би сакал да продолжи да работи уште еден мандат. И, неговите шанси се добри. Засега нема други кандидати, а коалициските партнери имаат мнозинство во Сојузното собрание кое го избира Сојузниот претседател.

Deutschland Friedrich Merz wird neuer CDU-Parteivorsitzender
Се очекува ЦДУ под раководство на Фридрих Мерц (во средина) да трне кон десноФотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

Предизвиците Кина и Русија

Во однос на надворешната политика, Германија ќе може да блесне во 2022 година пред сѐ со своето претседавање со Г7. Сјај е веројатно несоодветен збор во време на интензивирање на кризи: руската агресија против Украина и Кина, која во глобалната политика настапува сѐ поосвојувачки, се само два големи надворешнополитички предизвици.

Новата министерка за надворешни работи, Аналена Баербок од Зелените, алудирајќи на политиката на Меркел за Кина, во интервју за „Тагесцајтунг“ рече: „Долгорочно, гласниот молк не е облик на дипломатија“. Таа сака да води надворешна политика заснована на вредности и повеќе да ги покренува прашањата за човековите права во тоталитарните држави.

Канцеларот Олаф Шолц, од друга страна, се чини дека сака да ја продолжи претпазливата надворешна политика на својата претходничка и јасно стави до знаење дека нема целосно да ѝ го препушти теренот на својата министерка за надворешни работи: „Мора да има соживот во светот, дури и со влади кои многу се разликуваат од нашата“, рече тој кратко за ЗДФ по давањето заклетва.

Во овој контекст, ќе биде интересно да се види дали новата сојузна влада ќе застане на страната на американскиот претседател Џозеф Бајден и ќе дозволи да биде доведена во посилна конфронтација со Кина.

China | Russland | Virtuelles Treffen zwischen Xi Jinping und Wladimir Putin
Како со Русија и Кина?Фотографија: Yin Bogu/AP Photo/picture alliance

Во однос на Русија, Хенинг Хоф од Германското друштво за надворешна политика, советува „да се користи гасоводот Северен тек 2 како средство за притисок врз Москва: во случај на агресија врз Украина, тој не треба да биде ставен во функција“. Во однос на политиката кон Кина, Германија мора „да се ослободи од непотребниот страв дека германската индустрија нема да има иднина без кинескиот пазар и да тргне кон многу постратешка политика која се занимава со кинеското системско ривалство“.

Политикологот Јоханес Варвик од Универзитетот во Хале, пак, предвидува дека Бербок „наскоро ќе го почувствува притисокот на функцијата и на реал-политиката. Ова особено важи по прашањето - дали човековите права навистина можат да се земат како врвен репер за надворешнополитичко дејствување“.

Цел - европска федерална држава

Во европската политика, коалицискиот договор зборува за долгорочната цел на ЕУ како „европска федерална држава“. Вакви возвишени идеи одамна не се слушнале во ЕУ. Во исто време, берлинската коалиција се залага за релативно либерална политика за азил и бегалци и на европско ниво.

Колку се жешки двете железа стана јасно на крајот на минатата година во две земји на ЕУ кои се особено важни за германската влада - Франција и Полска. Јарослав Качински, шефот на полската владејачка партија ПиС, рече дека политиката на новата сојузна влада го загрозува суверенитетот на европските земји. Ова е еднакво на оддалечување од откажувањето од хегемонистички претензии.

Bildgalerie 50 Jahre Römische Verträge I Fahnenmasten mit den Flaggen der EU-Staaten wehen vor dem Gebäude des Europaparlaments in Strasbourg
Коалицискиот договор на семафор-коалицијата зборува за долгорочната цел на ЕУ како „европска федерална државаФотографија: Thomas Ruffer/imageBROKER/picture alliance

Во Франција реакцијата е важна не само поради блиското партнерство со Германија, туку и поради тоа што напролет ќе има претседателски избори. Најважна тема е борбата против несаканата имиграција. Претседателот Емануел Макрон сака да го искористи француското претседателство со Советот на ЕУ во наредните шест месеци за да ги обезбеди надворешните граници на ЕУ, што, пак, не е приоритет за берлинската коалиција. Токму конзервативецот и поранешен еврокомесар Мишел Барние во француската изборна кампања побара Франција да го врати „суверенитетот во сите миграциски прашања“ и релевантните закони за таа цел „веќе да не се диктираат од Европскиот суд и Европската конвенција за човекови права.“

И во врска со овој проблем мислењата на двајцата експерти за надворешна политика се разликуваат. Хоф смета дека „амбициите во европската политика“ на сојузната германска влада се не само исправни, туку и неопходни: „Ако ЕУ сака да стане 'посуверена' - а, тоа мора да го стори ако сака да преживее - нема да може да избегне натамошен структурен развој.“ Варвик, од друга страна, размислува за целта за европска федерална држава во коалицискиот договор: „Тоа брзо ќе пропадне поради реалноста на европската политика. Всушност, никој во Европа не го сака тоа“. Наместо тоа, тој го фали терминот „лидерство во служба“ на европската политика кој е употребен во коалицискиот договор. „Затоа што се работи за тоа: вложување на германската тежина на таков начин што нема да предизвикува одбранбени рефлекси, туку ќе отвора простор за делување.“

BG Merkels letzter Tag
Меркел и Шолц на церемонијата на предавање на должноста во Берлин, 8.12.2021Фотографија: Markus Schreiber/AP Photo/picture alliance

Големите стапки на Меркел

На глобалната дипломатска сцена, канцеларката Ангела Меркел имаше многу важна, а во европската политика дури и апсолутна водечка улога. Дали Олаф Шолц ќе сака и ќе може да оди по нејзините стапки?

Хенинг Хоф оценува дека од важните лидерски квалитети Шолц има „претпазливост и прагматизам ориентиран кон решенија“.

Јоханес Варвик вели: „Се разбира, никој не може да се натпреварува со искуството на Ангела Меркел“. Германската политичка тежина, меѓутоа, е голема, без разлика кој е канцелар. А, Олаф Шолц, „со својот непретенциозен, балансирачки начин е нешто како роден наследник на вечната канцеларка“.