1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

СПД, Зелените и ФДП го потпишаa коалицискиот договор

ЖА
7 декември 2021

Историски потпис во Берлин – СПД, Зелените и ФДП ја парафираа заедничката владина програма – по 16 години заврши ерата на Ангела Меркел.

https://p.dw.com/p/43vPU
Deutschland | Unterzeichnung Koalitionsvertrag von SPD, Grünen und FDP
Фотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

Социјалдемократите, Зелените и Либералите го потпишаа коалицискиот договор на кратка церемонија во Берлин, симболично во Футуриум, Берлинскиот центар за изложби на тема креирање на иднината.

Олаф Шолц, веројатниот иден канцелар притоа изјави: „Ова е утро во кое тргнуваме во формирање на  нова влада“.  Нејзината најважна задача на почеток ќе биде битката против  корона-кризата.  Шефот на Либералите, Кристијан Линднер најави: „Сега почнува времето на дела“, а кошефицата на Зелените, Аналена Бербок, истакна дека коалицискиот договор е „на ниво на реалноста и на општествената стварност.“

По  СПД и Либералите, и Зелените вчера на партиски конгрес дадоа согласност за владината програма опфатена на 177 страници, под наслов „Одважност за поголем напредок“. 

Идната влада,  според програмата,ќе биде „сојуз за слобода, праведност и одржливост“. Познати се во меѓувреме имињата на сите идни министри во новата коалициска влада.

Утре на седница на Бундестагот Олаф Шолц треба да биде избран за сојузен канцелар, а потоа и неговиот кабинет да положи заклетва. Со тоа по 16 години завршува  ерата на Ангела Меркел  од ЦДУ, која не се кандидираше на изборите на 26 септември. 

Во коалицискиот договор, за кој се преговараше неколку недели, трите партии меѓу другото се залагаат за големи напори во заштитата на климата и реорганизацијата на индустријата, ветувајќи истовремено подобрување на положбата на вработените со ниски примања, на потстанарите и на семејствата.

Најниската сатнина од сегашните 9,6 евра ќе се зголеми на 12 евра. Годишно се планира изградба на 400.000 нови станови, а ќе биде продолжена „кочницата“ за растот на станарините.

Во борбата против климатската криза, СПД, Зелените и ФДП за цел си поставија Германија до 2030 година 80 проценти од своите потреби за електрична струја да ги покрива од обновливи извори на енергија.

Забраната за нови државни задолжувања, содржана во Уставот, од 2023 година, по вонредното исклучување поради пандемијата, треба да продолжи да важи.

„Семафор“ коалицијата предвидува и намалување на старосната граница за остварување на гласачкото право на сојузните избори, од сегашните 18 на 16 години.