1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ не смее Балканот да им го препушти на Русија, Турција,

Азер Слањанкиќ/Ж.А.6 декември 2015

Финансиската криза, Грција, Украина, бегалци...Вниманието на ЕУ минатите години беше насочено на проблеми кои не се директно поврзани со земјите од Балкан. Тоа мора да се промени, бараат германските социјалдемократи.

https://p.dw.com/p/1HI9F
Фотографија: picture-alliance/dpa

ЕУ минатите години се занимаваше со бројни проблеми кои не се во директна врска со Западен Балкан. Така, перспективата за влез во ЕУ падна донекаде во втор план и за самите политички елити во државите како БиХ, Србија, Македонија и Албанија. Тоа беше повод неодамна од Социјалдемократската партија на Германија да се огласат со посебна декларација за потребата од германски и ангажман на ЕУ во овие држави.
„Не смееме да заборавиме оти станува збор за држави во Европа, освен тоа, од земји од кои доаѓаат бројни баратели на азил кои воопшто не се политички прогонети. Огромен број млади луѓе сака да ги напушти родните земји поради немањето никаква перспектива. Тоа е сигнал дека овие земји не смеат да излезат од фокусот на политичкото дејствување на ЕУ“, вели Јосип Јуратовиќ, пратеник во Бундестагот и еден од иницијаторите за донесување на декларацијата на СПД.
Во неа прво е содржана кратка анализа на ситуацијата во споменатите држави: корупција, непотизам, немоќни парламенти, правосудство во рацете на политиката и недоволна слобода на медиумите се само некои од проблемите.
Се предупредува дека ова може да доведе до повторна дестабилизација на регионот, па дури и до распламтување на нови меѓуетнички судири. Последица на губењето надеж за скор влез во ЕУ е и тоа што младите бараат идоли на други места, па некои лесно стануваат плен на врбувачите на борци за војната во Сирија или за изведување терористички напади. БиХ неодамна директно ги почувствува последиците на овие состојби, наведува Јуратовиќ.
„Загрижен сум не само за БиХ, туку и поради состојбата во целиот регион. Премногу има негативни тенденции, премногу омраза, премногу се бараат непријатели и причини поради тоа што нештата не одат како што треба. Ако сакаме да им дадеме перспектива на БиХ и на Западен Балкан, тогаш мора да се почне нешто да се сака, а не да се мрази. Мора да се создаваат пријатели, а не непријатели.“
Забрзување на пристапните преговори
Поради сето тоа, СПД бара Германија и ЕУ да им дадат нов замав на реформските процеси и европските интеграции. Би требало да се интензивираат пристапните преговори, посебно со Србија, вклучувајќи ги и оние кои се однесуваат на реформата на правосудството и односите со Косово. Со Косово треба што е можно поскоро да се потпише Спогодба за стабилизација и асоцијација, како и да се воведе безвизен режим. На БиХ мора да и‘ се помогне во реформата на Дејтонскиот состав кој го кочи напредокот на земјата.
Јосип Јуратовиќ се залага за што поскоро отворање на пристапните преговори со сите држави од Западен Балкан, но и додава: „Самото менување на законите не донесува многу. Тие закони мора да заживеат и да се спроведуваат, што е малку потежок процес.“ Затоа, ЕУ мора да најде начини за поддршка и развој на економијата. Посебно се поздравува британската иницијатива за економско опоравување на БиХ.
Јакнење на регионалната соработка
Во СПД веруваат дека ЕУ мора да усвои конкретни мерки за подобрување на регионалната инфраструктура – патишта, железници, речен сообраќај. Напредокот, регионалната соработка и соработката со ЕУ не е можна без воведување на регионот во паневропските сообраќајни коридори . Мора да се отворат перспективи за странски инвестиции, да се помогне во развој на трговските комори. ЕУ мора да работи конкретно на тоа малите и средно големи фирми да добијат неопходни кредити за развој на бизнисот.
Се бара и склучување посебна спогодба меѓу ЕУ и државите од Западен Балкан за соработка на полето на образованието и науката. На младите ќе им се отворат перспективи за останување во нивните татковини и за работа само ако стекнат знаења и способности кои ќе ги користат во работата.
Кина, Русија и Турција не спијат
Истовремено, пропустите во ангажманот на ЕУ ги користат Кина, Русија, Турција и арапските држави, кои се се‘ поактивни во регионот. ЕУ засилено ги губи своите позиции, а токму нејзин интерес е балканските држави што повќе да се интегрираат економски со остатокот на Европа. Посебно подложна на странски влијанија е БиХ, која има внатрешни слабости, тврди Јосип Јуратовиќ. Една од причините според него секако е Дејтонската спогодба, но и непостоењето внатрешен консензус за тоа што се сака.
Јакнењето на демократските процеси е лек против национализмот
Посебно поглавие во декларацијата на СПД е посветено на јакнењето на демократијата и структурата на цивилното општество. ЕУ мора да дејствува врз јакнење на демократските процеси, како во партиите, така и во самите парламенти. Се предупредува дека бројни млади луѓе едноставно и‘ вртат грб на политиката, но и дека многу од нив се ангажирани во невладини организации. Западот мора да ги охрабрува тие млади луѓе да се ангажираат за развој на демократијата, во борбата против корупцијата и против другите проблеми не само во самите невладини граѓански здруженија, туку и со директно ангажирање во политиката.
Уште еден од проблемите присутен не само во балканските држави, туку во последно време и во државите од ЕУ, е јакнењето на национализмот. Национализмот наидува на посебно плодно тло во државите од Балканот кои пред две децении беа зафатени од војни.
„Национализмот е рак-рана на целиот Балкан. Се‘ е подредено на националните интереси, а премалку се води сметка за темелната вредност на ЕУ – правата на поединецот. Кога правната држава ќе го заштити поединецот, со тоа се заштитуваат и правата на колективите“, вели Јуратовиќ.
Против национализам можна е борба само преку јакнење на демократијата, но и со поддршка на независните и критички медиуми, како и заедничката интерпретација на историјата. ЕУ мора да им помогне на државите од бивша Југославија заедничката интерпретација на историјата да биде видлива и во школските учебници.
Освен тоа, мора да се воспостави и соработка и создавање партнерски односи меѓу градовите и училиштата во регионот, но и регионални мрежи на млади, по примерот на оние кои постојат меѓу Германија и Франција, како и меѓу Германија и Полска.

Bosnien und Herzegowina Proteste gegen Armut und Arbeitslosigkeit
Младите луѓе на Балкан немаат перспективаФотографија: DW/S. Huseinovic
Der Westbalkan in der Warteschleife
Јосип Јуратовиќ - еден од иницијаторите на декларацијата на СПДФотографија: DW/S.Padori-Klenke