1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Брисел е одговорен за стабилноста на Македонија и регионот

10 февруари 2010

Европскиот парламент денеска (10.02.2010) расправа за извештајот на словенечкиот европратеник Зоран Талер за постигнатиот напредок на Македонија на патот кон ЕУ. Се препорачува почеток на преговори без одолговлекување.

https://p.dw.com/p/Lxca
Фотографија: Petr Stojanovski

Во извештајот за Македонија се препорачува почеток на преговори без понатамошно одолговлекување, а меѓу другото Македонија се повикува да продолжи со реформите во јавната администрација, борбата против корупцијата и одржување на меѓуетничките односи. Во разговор за Дојче веле, непосредно пред дебатата, Зоран Талер смета дека „ќе биде навистина неодговорно ако не се направи сé, за работите да тргнат по позитивен пат за Македонија.“ Талер нагласува дека резолуцијата која треба да биде усвоена по денешната расправа претставува позитивен сигнал за земјата. Тој не крие дека има високо ниво на согласност меѓу сите политичките партии во Европскиот парламент од левицата и од десницата за неопходноста да се забрза приемот на Македонија во ЕУ. Затоа се препорачува Македонија да започне преговори за членство со ЕУ, односно се повикува Советот да ја потврди препораката на Европската комисија за почеток на преговори без понатамошно одолговлекување, на самитот предвиден за март и се очекува преговорите да започнат во блиска иднина.

Одлуките имаат сериозни последици

Зоран Талер, покрај што ја подвлекува одлучувачката одговорност на владите од регионот во областа на мирот, безбедноста и стабилноста, исто како и значајната улога која ја играат институциите на ЕУ, одлучно ги моли истите внимателно да се грижат за последиците од нивните одлуки и акции. Во овај контекст, тој е загрижен поради одлагањето на одлуката за идните етапи во процесот на зачленување на Република Македонија од страна на Европскиот совет, што ризикува да ја влоши меѓуетничката политичка положба во земјата и да има негативни последици за целиот регион.

Skopje,Ulica Makedonija
Да не се дозволи нестабилност во земјатаФотографија: DW

„Се разбира дека сите работиме за тоа да не се случи. Мислам дека нема непосредна опасност, но знаеме дека регионот не е стабилен, тоа се покажа последниве две децении не само во Македонија, туку и во други земји од регионот. “

Поголеми напори за решавање на спорот со името

Во контекст на повикот за почеток на преговорите, се укажува на потребата за изнаоѓање на решение за спорот за името, при што двете страни се повикуваат „двојно да ги зголемат напорите за изнаоѓање заемно прифатливо решение за прашањето за името“.

Во разговорот за Дојче веле, известувачот Зоран Талер рече дека очекува на денешната расправа да биде изразена јасната волја на Европската унија и на сите фактори да им се помогне на Македонија и Грција за да го надминат проблемот со името. За ова прашање тој разговарал со новиот европски комесар за проширување Штефан Филе и министерката за надворешни работи Кетрин Ештон и очекува новата Европска комисија активно да се вклучи во решавањето на проблемот. Притоа Талер изразува умерен оптимизам.

„Не смееме само да гледаме и да бидеме пасивни набљудувачи, туку треба активно да бидеме вклучени во ова. На крајот треба да се најде решение кое ќе го заштити достоинството на двете страни и ќе ја отвори можноста да се гледа нанапред. Мислам дека Грција полека гледа дека изминативе две децении не беа позитивни за неа, таа е премогу изолирана на југот на Балканот, на крајот тоа се гледа и во економијата и финансиите. Грција заслужува да игра активна улога на Балканот, додека Македонија заслужува да оди кон Европската унија и да биде полноправна членка. Очекувам дека оваа линија јасно ќе биде покажана при денешната расправа.“

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Жана Ацеска