1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Војна во Иран: Зошто е толку важно гасното поле Јужен Парс?

Тимоти Рукс
20 март 2026

Нападот врз клучното гасно поле во Иран, Јужен Парс, ги потресе глобалните енергетски пазари, ги зголеми стравувањата од понатамошна ескалација и предизвика дополнителен скок на цените на нафтата.

https://p.dw.com/p/5AkcC
Поглед на гасното поле Јужен Парс во Иран
Гасното поле Јужен Парс во Персискиот Залив го делат Иран и Катар (архивска фотографија од 2004 година)Фотографија: epa/picture-alliance/ dpa

Во средата (18 март, 2026), Израел го нападна иранското гасно поле Јужен Парс, таргетирајќи ги рафинериските копнени единици и резервоарите за складирање гас во Асалујет, како и офшор објектите поврзани со гасното поле.

Како одмазда, Иран брзо возврати со ракетни напади и напади со беспилотни летала врз Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати и главниот енергетски центар на Катар, индустрискиот град Рас Лафан, најголемиот терминал за извоз на течен природен гас (ЛНГ) во светот.

Комплексот Рас Лафан опфаќа речиси 300 квадратни километри и претрпе „голема штета“, соопшти Катар Енерџи, државната компанија која ја управува фабриката во партнерство со Ексон Мобил, Тотал Енерџис и Шел.

Ова беше првпат да биде погоден вистински објект за производство на фосилни горива откако започна војната на 28 февруари. Досега, и САД и Израел избегнуваа да ги таргетираат иранските производствени капацитети за да спречат слична одмазда.

САД: „Не знаевме ништо за нападот“

Како знак дека САД и Израел не секогаш дејствуваат во целосна координација, претседателот Доналд Трамп на мрежата Трут Соушал напиша дека „не знае ништо за овој конкретен напад“, но додаде дека Израел нема повторно да го нападне гасното поле без провокација.

Во исто време, обидувајќи се да ја контролира ситуацијата, тој го предупреди Иран дека САД „масовно ќе го уништат целото гасно поле Јужен Парс со сила каква што Иран никогаш порано не ја видел“ ако повторно го нападне Катар. 

И двата напада означија сериозна ескалација на регионалната војна и дополнително ги потресоа енергетските пазари, со оглед на тоа што полето Јужен Парс е клучно за глобалното снабдување и дека е веројатна понатамошна ескалација. По нападот, цената на природниот гас, а особено нафтата, скокна нагло.

Иран: Зависен од Јужен Парс

Иранското гасно поле Јужен Парс е дел од поголемо поле поделено со поморска граница во Персискиот Залив. Од другата страна е катарското поле Северна купола, познато и како катарски Северен блок.

Заедно, овие заеднички наоѓалишта го формираат најголемото гасно поле во светот, со околу една третина од познатите резерви.

За Иран, нападот врз Јужен Парс е првенствено внатрешен проблем. Западните санкции го ограничуваат извозот, па затоа поголемиот дел од произведениот гас се користи дома. Остатокот оди во Ирак и во Турција.

Полето Јужен Парс обезбедува околу 70 отсто од иранското производство на гас и голем дел од економијата кога е вклучена и нафтата.

Секое прекинување во производството може да го намали капацитетот, да ги влоши локалните енергетски проблеми и да доведе до понатамошно рационализирање и прекин на струја - и покрај тоа што земјата има втори најголеми докажани резерви на природен гас по Русија и трети најголеми резерви на нафта.

Катар: Глобалните пазари се вознемирени

За Катар, нападот врз полето Јужен Парс и објектите поврзани со него е глобален проблем, бидејќи земјата извезува најголем дел од својот гас и е најголем снабдувач во Азија.

Комплексот Рас Лафан е одговорен за околу 20 отсто од светската трговија со ЛНГ. Генерално, Катар е трет најголем извозник на ЛНГ по САД и Австралија.

Затворањето на објектот Рас Лафан би влијаело и на производството на хелиум, нуспроизвод од процесот на ЛНГ, кој е клучен за производство на полупроводници и многу други индустриски употреби.

Низ целиот Блиски Исток, производството на нафта и гас е во опаѓање. Една од главните причини е блокадата на Ормускиот Tеснец, која ги спречуваше бродовите да транспортираат нафта и гас од Персискиот Залив.

Иако објектите досега можеа да функционираат, иако повремено привремено затворени, сега кога се директно цел, тие може да останат надвор од употреба многу подолго за поправки - дури и ако војната заврши и теснецот биде повторно отворен.

„Нафтениот пазар и натаму во криза“

Поправките на оштетените објекти се сложени, скапи и можe да траат со месеци или дури години, што значи помалку нафта и гас на глобалниот пазар.

Додека Катар може да си дозволи такви поправки, Иран со години трпи последици од санкциите и веројатно нема доволно средства.

Нападот врз гасното поле беше значаен „бидејќи го означи првиот удар врз нивната инфраструктура од почетокот на војната“, напиша аналитичарот на Дојче Банк, Џим Рид, во белешка до клиентите во четвртокот (19.03).

Цените на нафтата и гасот скокнаа по нападот, а „пазарите на нафта во Азија остануваат напнати утрово поради страв дека енергетската инфраструктура може да биде сериозно оштетена“, додаде тој.

Трамп: Војната ќе заврши наскоро

Слични предупредувања доаѓаат и од други аналитичари. „Штетата на објектот за течен природен гас значи дека проблемите за глобалните пазари на гас не е само кога ќе продолжи трговијата преку Ормускиот Теснец, туку и колку долго ќе траат поправките“, напишаа Ворон Патерсон и Ева Мантеј од ИНГ. 

Во новата реалност, расте стравот дека би можело дополнително да ги зголеми цените на енергијата.

„Нападот врз енергетската инфраструктура на Иран е невообичаен потег, со оглед на тоа што американската администрација се обидуваше да го ублажи притисокот врз цените на нафтата во последните недели“, додадоа Патерсон и Манти.

„Нападите врз енергетската инфраструктура одат подалеку од овие напори и, особено во услови на одмазда, укажуваат на натамошно зголемување на цените“, наведуваат тие.