1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто земјите од Заливот ги преиспитуваат своите партнери

Керстен Книп
19 март 2026

Иранските напади ги зголемија сомнежите во врска со американските безбедносни гаранции во регионот на Персискиот Залив. Бидејќи регионот зависи од стабилноста, тамошните држави внимателно разгледуваат нови опции.

https://p.dw.com/p/5Ac66
Саудиска Арабија Ријад 2026 | Чад над градот по почетокот на американско-израелскиот конфликт со Иран
Чад над Ријад по почетокот на војната во Иран, март 2026 годинаФотографија: REUTERS

Саудиското министерство за надворешни работи не обелоденува за што точно разговараат политичките елити на земјите од Персискиот Залив во текот на многуте телефонски повици, но не оставаат ни трошка сомнеж дека се координираат. На платформата X министерството ги наведува бројните разговори што државниот врв на Саудиска Арабија, особено принцот Мохамед бин Салман, ги води со политичките лидери на заливскиот полуостров.

Ако се сумираат анализите, извештаите и коментарите од медиумите и тинк-тенк организациите ширум светот, веројатно разговорите се вртат околу две главни прашања:

Прво, околу односите со Иран, кој ги напаѓа земјите од Персискиот Залив веќе трета недела.

И второ, идните релации со САД. Од гледна точка на многу земји од Персискиот залив, САД заедно со Израел, предизвикаа војна која тие не ја сакаат. „Ова е војна на Нетанјаху“, оцени за Си-Ен-Ен на почетокот на месецов принцот Турки ал-Фајсал, поранешен шеф на саудиското разузнавање. „Некако го убеди претседателот (Трамп) да ги поддржува неговите ставови“, смета принцот.

Разочарување поради недостиг на заштита

Во Заливот истовремено трезвено ги перцепираат САД. Многу набљудувачи сметаат дека нивните безбедносни ветувања се покажале празни, или во најмала рака многу помалку сигурни отколку што се верувало. Бројни ракети од Иран не можеа да бидат пресретнати ниту од саудиската ниту од американската војска. Владетелите во Заливот мораа да ја научат горчливата лекција дека американски воени бази на нивна територија не значат автоматски и заштита, туку поради нив стануваат потенцијално мети на ирански напади.

Индија Мумбаи 2026 | Танкерот за нафта Шенлонг Суецмакс по минувањето низ Ормускиот Теснец
Опасен терен: Танкер за нафта во Ормускиот ТеснецФотографија: Francis Mascarenhas/REUTERS

Освен тоа, се наведува дека САД ги отфрлиле приговорите од регионот пред почетокот на војната. Вашингтон игнорирал предупредувања за потенцијално катастрофални последици, јавува новинската агенција Асошиетед Прес повикувајќи се на анонимни претставници на две држави од Заливот. Тоа предизвикува значително отрезнување, барем во делови од регионот. Откако Американците ја презедоа одговорноста за заштита на земјите од Персискиот Залив, тие самите станувале сè помалку способни да дејствуваат, гласи на пример еден коментар на арапски јазик во весникот финансиран од Катар, Ал Араби Ал-Џадид: „Во моментов станува јасно дека базите не служат за заштита на земјите од Персискиот Залив, туку за да ги спречат да се бранат себеси и да носат независни одлуки.“

Стратегија на претпазлива неутралност

Многу набљудувачи сметаат дека војната во Заливот предизвикала стратешка дебата. Блискоисточниот совет за глобални прашања, тинк-тенк со седиште во Катар, зборува за стратегија на „претпазлива неутралност“ која треба да спречи самиот Залив да стане бина за странски конфликти и да ги загрози моделите на економски развој на регионот.

Бруно Шмит-Фојерхерд, политиколог на универзитетот Оксфорд, потсетува на првичните реакции по нападите од Иран. „Перцепцијата беше одговорноста за ескалацијата да се припише на Израел, а до одреден степен и на САД“, вели тој и додава дека истовремено иранските напади беа доживеани како прекин на претпазливото приближување од изминатите години. „Значи фрустрацијата е насочена првенствено кон надворешни актери“, вели Шмит-Фојерхерд, кој објаснува дека заливските држави морале да примат на знаење дека нивната безбедност зависи од трети страни.

Паулине Рабе, политичка аналитичарка во консултантската фирма и тинк-тенк „Средноисточни умови“ со седиште во Берлин, исто така забележува нова отвореност во критиките кон Вашингтон. „Државите од Персискиот Залив пред сè се единствени во тоа дека се шокирани“, вели таа. Особено иритирало тоа што одлуките очигледно биле донесени без консултација со нив. Саудиска Арабија особено „отворено ги критикуваше Трамп и Нетанјаху“, додека Катар реагираше повоздржано.

Дебата за американските воени бази

Во фокусот на дебатата првенствено се американските воени бази. Од една страна, Иран ги оправдува своите напади со нивното присуство, од друга страна ракетите од старт погодија и цивилни цели како „аеродроми, хотели и друга цивилна инфраструктура“, истакнува Шмит-Фојерхерд. За него паѓа в очи и тоа што Емиратите беа особено тешко погодени уште од самиот почеток. „Значи, можеби не станува збор само за американските бази, туку и за притисок врз успешни модели во регионот, како што е Дубаи“, вели тој.

Трамп: Војната ќе заврши наскоро

Американскиот тинк-тенк Атлантски совет истакнува дека економската стабилност на Емиратите е особено ранлива. Угледот на Дубаи како безбеден трговски и туристички центар е централен столб на економијата на Емиратите, а со тоа и потенцијална стратешка слабост. Долгорочно војната со Иран би можела да доведе до преиспитување на безбедносните партнерства со САД. „Очекувам по војната да има ревизија на ситуацијата“, вели експертот Шмит-Фојерхерд. Државите ќе мора да одлучат „дали американските воени бази се безбедносна придобивка или ризик“, вели тој, посочувајќи дека воената интеграција со САД е толку длабока што промената на курсот би траела со години.

Нови партнерства во развој

Експертката Паулине Рабе исто така забележува промени, но како составен дел од долгорочен тренд. „Деценискиот договор за евтина нафта во замена за американски безбедносни гаранции, сега на многумина им се чини како застарен модел“, вели таа. Но, и покрај тоа смета дека брз прекин е малку веројатен, оти односите се развивале со децении и се протегаат надвор од границите на воената соработка.

Во исто време таа посочува дека постепената стратешка преориентација веќе станува очигледна. Саудиска Арабија ги подобрува своите односи со Пакистан и Турција, додека Катар ги зајакнува своите врски со европските држави, како Велика Британија и Франција. „Таквиот развој го имаше и пред тоа“, вели Рабе. „Но, актуелната ситуација значително ја зголемува нивната важност“, заклучува таа.

Цените на горивото во Македонија и Европа

Шмит-Фојерхерд исто така забележува дека „во последниве години, набљудувачите зборуваа за стратегија за заштита од ризик“, што, според него, вклучува градење односи со повеќе партнери - на пример со Кина, Турција или европски држави. Сепак, никогаш не беше „објаснето“ како овој концепт од економијата треба да функционира во безбедносната политика. Прашање е дали безбедноста во Заливот може толку лесно да се раслои како инвестициите, или дали некој би можел да се „заштити“ ако САД отпаднат. Таквата слабост е очигледна и во тековниот конфликт, бидејќи „ниту еден од овие партнери во моментов не претставува вистинска воена алтернатива“.

Нов поттик за стара дебата

Сепак, земјите од Заливот сè уште не зборуваат во еден глас. „Во никој случај не е само по себе разбирливо тие да дејствуваат како обединет чинител“, вели Шмит-Фојерхерд. Меѓу Саудиска Арабија, Емиратите и Катар има политички соперништва и економска конкуренција. Една заедничка цел сепак опстојува, додава аналитичарката Паулине Рабе. „Регионалната стабилност е клучна за земјите од Заливот“, вели таа. Нивните проекти за економска трансформација - од „Визијата 2030“ на Саудиска Арабија до глобалните амбиции на Дубаи и Доха - зависат од тоа средината да биде мирна.

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик