1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИзраел

Нетанјаху тврди дека „Иран е десеткуван“

ЕМФ | агенции
20 март 2026

Израелскиот премиер Нетанјаху тврди дека Иран е значително ослабен по нападите на Израел и САД. Војната, според него, ќе заврши „многу побрзо отколку што луѓето мислат“.

https://p.dw.com/p/5AkVN
Израел Ерусалим 2026 | Бенјамин Нетанјаху на прес-конференција
Нетанјаху: Војната ќе заврши „многу побрзо отколку што луѓето мислат“Фотографија: Ronen Zvulun/REUTERS/AP Photo/dpa/picture alliance

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху смета дека Иран, речиси три недели по почетокот на воздушните напади од Израел и САД, е значително ослабен. „Ние победуваме, а Иран е десеткуван“, изјави Нетанјаху во вчеравечер на прес-конференција емитувана на телевизија.

Нетанјаху нагласи дека Иран веќе не е во состојба да облагородува ураниум или да произведува балистички ракети. Војната, според него, ќе заврши „многу побрзо отколку што луѓето мислат“. Сепак, тој додаде дека конфликтот сè уште не е завршен. „Има уште многу што да се направи и ние ќе го направиме тоа“, рече тој.

Пукнатини во иранското раководство?

Осврнувајќи се на нападот врз иранското гасно поле „Саут Парс“, Нетанјаху изјави дека Израел дејствувал самостојно. Американскиот претседател Доналд Трамп потоа побарал од Израел „да ги прекине понатамошните напади“, и Израел се придржува до тоа барање.

Нетанјаху посочи и на наводни „пукнатини“ во иранското раководство. „Не сум сигурен кој сега ја има контролата во Иран.“ Синот и наследник на врховниот лидер, ајатолахот Али Хаменеи, Моџтаба Хаменеи, „не се појавил во јавност“. Според Нетанјаху, постојат „големи тензии меѓу луѓето кои се стремат кон врвот на власта“.

Израелскиот премиер повторно ја спомена и идејата за промена на режимот во Иран, која претходно ја изнесуваа и тој и Трамп. „Често се вели дека не може да се направи револуција од воздух“, рече Нетанјаху и додаде: „Тоа е точно.“ Потребна е и „копнена компонента“. „Постојат многу опции за таа компонента, но нема да ги споделам со вас“, додаде тој.

Трамп: Војната ќе заврши наскоро

Техеран повторно напаѓа цели во заливските држави

По неговото обраќање, израелската армија пријави нови ракетни напади од Иран. Напади имаше и во земјите од Персискиот Залив. Државните медиуми во Обединетите Арапски Емирати пријавија „закани од ракети и дронови од Иран“. Саудиското министерство за одбрана соопшти дека нивните сили пресретнале и уништиле повеќе од десет дронови за помалку од два часа.

Министерството за внатрешни работи на Бахреин соопшти дека остатоци од „иранска агресија“ предизвикале пожар во магацин. Кувајтската армија соопшти дека нејзината противвоздушна одбрана реагирала на „непријателски ракетни и дронски закани“. Подоцна беше објавено дека во рафинеријата Мина ал-Ахмади избувнале повеќе пожари поради напади со дронови, а дел од постројките биле исклучени.

Иранската револуционерна гарда соопшти дека ги таргетирала американските сили во базата ал-Дафра во ОАЕ, како и цели во Израел, користејќи дронови и ракети.

Катар, чиј најголем гасен комплекс беше нападнат ден претходно, предупреди дека нападите ќе го намалат извозот на течен природен гас за 17 проценти. Најпогодени од ова ќе бидат Кина, Јужна Кореја, Италија и Белгија.