1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиБлиски Исток

Војна на Блискиот Исток: Дали се заканува нова гасна криза?

АРД
12 март 2026

Војната во регионот предизвика силен раст и на цените на гасот. Тоа ја погодува и германската економија. Сепак, експертите сметаат дека Германија денес е подобро подготвена отколку на почетокот на војната во Украина.

https://p.dw.com/p/5AGPM
Танкер за течен гас ЛНГ на терминал во Германија
Германија во актуелниот конфликт на Блискиот Исток е подобро подготвена за набавки на гас отколку на почетокот на војната во Украина. Фотографија: Stefan Sauer/dpa/picture alliance

2022 година сè уште е длабоко врежана во сеќавањето на вработените во компанијата Јунипер. На почетокот од војната во Украина, оваа компанија од Дизелдорф помина низ година на тешка криза. Најголемиот германски трговец со гас тогаш беше силно зависен од испораките од Русија. Германската држава мораше да ја спаси компанијата, а Јунипер до ден‑денес е речиси целосно во државна сопственост.

„Ситуацијата сега е сосема поинаква“, вели извршниот директор Мајкл Луис, осврнувајќи се на актуелната гасна криза. Јунипер значително ја диверзифицираше набавката. Компанијата сега увезува гас од САД, Канада, Норвешка, Азербејџан и Австралија. Катар, кој моментално не може да извезува течен гас поради блокадата на Ормускиот теснец, не е меѓу нивните добавувачи.

Растот на цените ги погодува индустриските компании

Гасот од Катар главно е наменет за азискиот пазар. Сепак, индиректните ефекти ги чувствува и Јунипер, објаснува Луис. Азиските купувачи на Катар се пренасочуваат кон други добавувачи, „што значи дека цената на светскиот пазар расте“, додава тој.

Во Германија тоа најсилно ги погодува индустриските компании кои купуваат гас краткорочно — на т.н. спот‑пазар. Тоа се чувствува, на пример, во индустрискиот комплекс Хемпарк со неговите локации во Леверкузен, Дормаген и Крефелд, каде што работат Баер, Ковестро и Евоник.

Германија: Изградба на нов гасовод во рекордно време

„Тоа јасно го чувствуваме во рамките на Хемпарк затоа што најголемиот дел од количествата ги купуваме преку спот‑пазарот“, соопшти операторот Курента.

Приватните домаќинства засега речиси не се погодени

За разлика од периодот веднаш по рускиот напад врз Украина, моментално не се очекува недостиг на гас.

„Сигурноста на снабдувањето за Германија и за Европа и понатаму е загарантирана“, вели Клаус Милер, претседател на Германската Сојузна мрежна агенција.

„Кај приватните домаќинства краткорочно нема да има промени, бидејќи повеќето имаат договорена гарантирана цена на 12 или 24 месеци“, објаснува тој. „Но во следната грејна сезона тоа може да се промени.“

Сè зависи од тоа колку долго ќе трае конфликтот на Блискиот Исток. Ако цените на нафтата и гасот останат високи со месеци, тоа ќе влијае врз економскиот раст и инфлацијата, предупредува економистот Андреас Лешел од Универзитетот во Бохум.

Гасот е потребен и за производство на електрична енергија.

„Тоа, секако, значи дека високите цени на гасот се прелеваат и врз цените на струјата“, вели Лешел.

Сепак, и тој смета дека Германија денес е подобро позиционирана, особено поради ЛНГ-терминалите кои овозможуваат увоз на течен гас од различни земји.

Автор на текстот: Давид Цајонц, АРД