1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД повеќе не се партнер? Германија ќе ја зајакнува армијата

4 март 2025

По скандалот во Белата куќа меѓу украинскиот претседател Зеленски и американскиот претседател Трамп и неговиот потпретседател Венс, политички Берлин е шокиран и сака да инвестира милијарди во одбраната.

https://p.dw.com/p/4rM1m
Германскиот министер за одбрана Борис Писториус пред системот за противвоздушна одбрана „Патриот“.
Германскиот министер за одбрана Борис Писториус пред системот за противвоздушна одбрана „Патриот“.Фотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

Германија е во политички шок. На економски најсилната земја во Европа ѝ стана појасно од кога било досега дека геополитичката ситуација суштински се менува. Дека одамна се промени.

Сега сите релевантни политичари во Германија се зафатени со трескавично барање одговори за промените кои се случуваат исклучително брзо. Во моментов тоа значи појасно позиционирање во однос на САД и на Русија. И дополнително вооружување.

„САД се несигурни веќе долго време“

Угледниот политиколог Карло Масала оценува дека за Европа „САД нема да бидат доверлив партнер во однос на вредностите и интересите во догледна иднина“. Професорот на Универзитетот на Бундесверот во Минхен ја даде изјавата за Дојчландфунк во понеделникот (3-ти март).

Сепак, тој додаде: „Секако во некои случаи тие ќе имаат повеќе заеднички интереси со нас отколку со други. Верувам дека независна и суверена Европа во такви случаи би била попривлечна за САД“.

„САД безбедносен ризик за Европа“

Во заднина на оваа дискусија е скандалот во Белата куќа кој се случи во петокот (28 февруари), кога американскиот претседател Доналд Трамп, пред камерите и во присуство на украинскиот претседател Володимир Зеленски, практично ја откажа солидарноста со Украина.

Клаудија Мaјор од Фондацијата наука и политика (СВП) вели: „Мораме да признаеме дека нашиот најважен сојузник сега веќе не се однесува како сојузник, туку станува безбедносен ризик за Европа“.

Скандал во Белата куќа: Американскиот претседател Доналд Трамп луто го нападна украинскиот претседател Зеленски
Скандал во Белата куќа: Американскиот претседател Доналд Трамп луто го нападна украинскиот претседател ЗеленскиФотографија: Saul Loeb/AFP/Getty Images

Шолц во Лондон во сенка на Макрон и на Стармер

Сето ова се случува во време кога Германија сѐ уште нема формирано нова влада по предвремените парламентарни избори. Нов канцелар најверојатно ќе биде лидерот на демохристијаните Фридрих Мерц. Тој политичар никогаш претходно не бил на јавна функција. Германија моментално е во таа преодна фаза.

На самитот во Лондон, темпото го диктираа францускиот претседател Емануел Макрон и британскиот премиер Кир Стармер, а не германскиот канцелар Олаф Шолц, кој се ближи до крајот на својот мандат. Париз и Лондон застанаа зад украинскиот претседател Зеленски и предложија план за запирање на непријателствата меѓу Украина и Русија.

Германската воздржаност има причина, бидејќи Шолц нема целосен капацитет како канцелар по неговиот изборен пораз. Во Германија, политичката култура налага канцеларот кој треба да ја предаде функцијата на наследник да се воздржува од донесување далекусежни одлуки, а сѐ што би рекол Шолц во Лондон би имало карактер на далекусежен став.

Шефот на германските социјалдемократи (СПД) Ларс Клингбaјл рече дека во овие критични времиња Германија не стои настрана, па Шолц сепак отпатува за Лондон и се сретна со Зеленски. „Наредната германска влада ќе има голема одговорност во европската политика. Заедно со Полска и со Франција ќе формира трио земји кои ќе бидат одлучувачки за воспоставување стабилност во Европа“, рече тој.

Олаф Шолц во последниот ред на средбата на европските лидери со украинскиот претседател Зеленски
Олаф Шолц во последниот ред на средбата на европските лидери со украинскиот претседател ЗеленскиФотографија: Justin Tallis/AFP/Getty Images

Во Берлин се шпекулира дека Клингбaјл би можел да стане министер за надворешни работи во случај на коалиција меѓу демохристијаните (ЦДУ/ЦСУ) и социјалдемократите. Препирката во Овалната соба ја нарече повик за будење.

400 милијарди евра за Бундесверот?

Политички Берлин секако се разбуди. Одеднаш се разговара за мерки кои пред извесно време беа незамисливи. Ова е огромна нова финансиска програма што ќе му овозможи на Бундесверот да ја одбрани земјата, заедно со другите европски сојузници без учество на САД.

Таа програма би морала да вклучи и средства кои би го компензирале целосното или делумното отсуство на американската поддршка за Украина. Се споменуваат суми од 400 милијарди евра, иако минатата недела се зборуваше за 200 милијарди евра. Германија тоа секако не може да го финансира од тековниот буџет, туку мора да се задолжи надвор од границата пропишана со германскиот Устав. Парламентот би морал да ја промени таа уставна одредба.

Одлука е можна само во стариот состав на Бундестагот

Бундестагот, меѓутоа, ќе треба да одлучи за ова со двотретинско мнозинство – и тоа стариот парламентарен состав што беше избран во 2021 година. Новиот парламент нема двотретинско мнозинство делумно поради зајакнувањето на екстремно десничарската Алтернатива за Германија (АфД) и Левица. Нема многу време, бидејќи новиот состав на Бундестаг мора да одржи конституитивна седница најдоцна до 24 март.

Мерц има намера до Велигден да формира демохристијанско-социјалдемократска влада, но прво мора да договори коалиција со СПД. Тој во понеделникот во Берлин најави: „Сакаме да направиме нешто за Бундесверот и тоа стана повеќе од јасно по настаните во Вашингтон во Белата куќа во петокот. Но, сè уште немаме договор. Не можам да прогнозирам“.

Мерц и Шолц ќе разговараат во среда

Мерц на тој начин ја демантираше веста дека Бундестагот наредниот понеделник (10 март) ќе донесе одлука за рекордно инвестирање во германската војска. Притисокот врз сите засегнати страни да се договорат за ваква инвестиција е поголем од кога било. Социјалдемократите ги откажаа сите термини неделава со цел да се фокусираат на разговорите за формирање влада.

Во среда (5 март), канцеларот Олаф Шолц ќе се сретне со неговиот веројатен наследник Фридрих Мерц, за да се договорат за следните чекори. Меѓу главните прашања, едно е особено важно: како Германија сама да се грижи за својата безбедност, за која се грижат САД од 1945 година?