1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаГлобално

СИПРИ: Враќање на политиката на атомска моќ

Нина Веркхојзер
8 јуни 2026

Нуклеарно вооружување повторно добива на значење, предупредува СИПРИ – модернизацијата и проширувањето на арсеналите ги зголемуваат глобалните безбедносни ризици.

https://p.dw.com/p/5EzBW
Руска нуклеарна бомба во бункер во тајна воена база
Во услови на моменталната напната глобална ситуација, нуклеарното оружје повторно добива на значењеФотографија: Sofiia Potanina/Zoonar/IMAGO

Нуклеарното вооружување повторно станува клучен елемент на глобалната безбедносна политика. Сè повеќе држави се потпираат на нуклеарно одвраќање, а со интензивирањето на вооружувањето растат и ризиците, предупредува шведскиот Институт за истражување на мирот СИПРИ. Прашањето што се наметнува е: колку е реална заканата од нова глобална трка во вооружување?

Во услови на зголемени геополитички тензии,  вооружувањето повторно е приоритет за многу земји –  вклучувајќи го и нуклеарното. Според податоците на СИПРИ, сите девет држави кои поседуваат атомско оружје во 2025 година ги модернизирале и прошириле своите арсенали. Покрај нови нуклеарни боеви глави, воведени се и дополнителни системи за носење, како ракети и крстосувачки проектили, кои можат да бидат опремени и со конвенционални и со нуклеарни експлозивни полнења.

Во својот годишен извештај за 2026 година, истражувачите забележуваат јасен тренд: сè повеќе држави повторно гледаат на нуклеарното оружје како клучно средство за национална одбрана. Научничката Тити Ерасто од програмата на СИПРИ за оружје за масовно уништување го илустрира тоа преку примерот на Финска и Шведска. Од руската инвазија врз Украина во 2022 година и нивното пристапување кон НАТО, нивната политика кон нуклеарното оружје драстично се променила.

„Овие држави, кои историски беа познати како неутрални и поддржувачи на нуклеарно разоружување, сега активно учествуваат во нуклеарната политика на НАТО, вклучително и во вежби што симулираат употреба на атомско оружје“, изјавува Ерасто.

Криза во контролата на вооружувањето 

Според анализите на СИПРИ, во 2025 година во светот имало речиси 12.200 нуклеарни боеви глави. Иако бројката е благо намалена во однос на претходната година, тоа  не значи дека се работи за вистински процес на разоружување.  Во моментов се отстрануваат повеќе застарени боеви глави отколку што се произведуваат нови, но овој тренд се очекува да се сврти. Причината е забавување на демонтирањето и забрзување на распоредувањето нови оружја.

Во исто време, механизмите за контрола на вооружувањето се распаѓаат. Додека поранешниот американски претседател  Барак Обама  во 2009 година беше награден за својата визија за свет без нуклеарно оружје, денешните случувања се движат во спротивна насока. Во февруари престана да важи  последниот преостанат договор што го ограничуваше бројот на атомски оружја – „новиот  СТАРТ“ меѓу  САД  и  Русија.

„Сè повеќе има индикации дека нуклеарните сили ги занемаруваат или целосно ги напуштаат своите обврски за разоружување и наместо тоа демонстрираат сила“, нагласува експертот Ханс М. Кристенсен. „Со потпирање на нуклеарни решенија, државите создаваат нови ризици и ја поттикнуваат динамиката на  трката во вооружување.“

Според СИПРИ, девет земји располагаат со нуклеарно оружје: САД, Русија, Велика Британија, Франција, Кина, Индија, Пакистан, Северна Кореја и Израел, кој официјално не го потврдува својот арсенал. САД и Русија заедно контролираат околу 83 проценти од сите оперативни нуклеарни боеви глави во светот.

Севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун шета низ погон за производство на нуклеарен материјал; редови сивкасти канистри се видливи лево и десно, додека ред униформирани воени лица и други лица го следат
Севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун врши инспекција на објект за производство на нуклеарен материјалФотографија: KCNA/KNS/dpa/picture alliance

Северна Кореја продолжува да ги развива своите нуклеарни капацитети. Се проценува дека земјата веќе има произведено околу 60 боеви глави и располага со доволно фисилен материјал за најмалку уште 30. Во 2025 година, режимот во Пјонгјанг претстави нови ракетни системи, вклучително и интерконтиненталната ракета Хвасонг-20 со цврсто гориво.

Забрзано вооружување на Кина и европскиот нуклеарен штит

Кина се вооружува побрзо од која било друга држава.  Според проценките на СИПРИ, земјата располага со околу 620 нуклеарни боеви глави, наспроти 600 една година претходно. На воена парада во септември 2025 година, Кина за првпат претстави целосна нуклеарна тријада – способност за лансирање на нуклеарно оружје од копно, море и воздух.

Кинеските нуклеарно способни ракети се распоредени во три големи полиња со силоси во северниот дел од земјата, а дополнителни силоси се градат во источните планински региони. Според СИПРИ, до крајот на деценијата Кина потенцијално би можела да располага со најмалку ист број интерконтинентални ракети како САД и Русија, иако бројот на боеви глави останува значително помал. Пораката е јасна – Кина сака да обезбеди кредибилно нуклеарно одвраќање.

Интерконтинентална балистичка ракета со бел натпис „DF-5C“ поминува покрај гледачи за време на воена парада во Пекинг; некои од нив фотографираат со мобилни телефони
Кинеската интерконтинентална балистичка ракета DF-5C, која може да носи нуклеарни боеви глави, претставена на воена парада во Пекинг во септември 2025 годинаФотографија: Go Nakamura/REUTERS

Во Европа, Франција се позиционира како носител на нуклеарен чадор. Таа располага со 290 нуклеарни боеви глави, кои можат да се лансираат од подморници или од борбени авиони „Рафал“. Француската влада континуирано ги развива своите сили и им нуди на другите европски држави да се потпрат на овој нуклеарен штит.

Германија, пак, нема право да поседува сопствено нуклеарно оружје, што е утврдено со Договорот „Два плус четири“ од 1990 година. Наместо тоа, земјата се потпира на американскиот нуклеарен чадор, во чии рамки се проценува дека на германска територија се стационирани околу 20 американски атомски бомби.

Овој систем на колективно одвраќање во рамки на НАТО е познат како „нуклеарно учество“. Но, поради сомнежите што американскиот претседател Доналд Трамп ги изразува во однос на ангажманот на САД во Алијансата, германската влада неодамна иницираше разговори со Франција за можности за продлабочена соработка во нуклеарното одвраќање.