1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кога кругот се стеснува

22 јули 2023

Kругот што се ширеше цела година, наеднаш почна да се стеснува за сите актери откако конечно предлогот за уставни измени беше испратен во Собранието - и за власта и за опозицијата. Пишува Љупчо Поповски

https://p.dw.com/p/4UFha
Зградата на парламентот во Скопје Северна Македонија
Зградата на парламентот во Скопје во текот на протестите против „францускиот предлог“ во јули 2022 годинаФотографија: Petr Stojanovsk/DW

Само еден мал, но многу важен пример за тоа како во Македонија се шири аналфабетизам за тоа како функционира Европската унија и како ги штити интересите на блокот и неговите членки, дури и таму каде што би можело да изгледа нелогично, па дури и апсурдно. Апропо политички поттикнатите расправи дека преговарачката рамка со ЕУ може да се смени, без оглед на она што го говорот многу европски министри дека таа е веќе донесена.

Оваа недела 60 земји на ЕУ и Латинска Америка потпишаа коминике во кое Фолкландските Острови, кои се британска територија, се нарекуваат Islas Malvinas, аргентинското име за групата острови во негостопримливиот дел на Атлантскиот Океан. Во 1982 година Аргентина и Британија водеа 10-неделна војна откако тогашната аргентинска воена хунта испрати војници да го окупираат архипелагот, кој државата историски го смета за нејзина територија. Маргарет Тачер тогаш прати моќна армада преку Атлантикот, Аргентина беше целосно поразена и тоа беше крај на воената хунта. Но, Аргентина не престана да тврди дека Фолкландите се нивни.

За цело време додека беше во ЕУ, Лондон ставаше вето на самиот обид за споменување на зборот Малвини, но кога Британија го напушти блокот во 2020 година веќе ја нема таа моќ. Сега, кога називот Islas Malvinas се најде во официјално коминике, Лондон презеде френетичен обид да го спречи тоа именување. Министерот за надворешни работи Џејмс Клеверли му испратил писмо на шефот на европската дипломатија Жозеп Борел, во кое вели: „Се надевам дека ќе можете да ги држите Фолкландските Острови надвор од коминикето на Самитот – реферирањето на нив Аргентина ќе го толкува како поддршка за нивната кауза, што ќе бара од нас да одговориме и да ги зголемиме тензиите во регионот“.

Бриселски „Политико“ пишуваше дека дипломат на ЕУ изјавил оти британските функционери „избезумено ги повикувале делегатите и аташеата... но безуспешно“. Друг дипломат рекол дека „само Франција препорача претпазливост по ова прашање“ за време на состаноците на европските амбасадори - редок момент на англо-француско единство. ЕУ потоа издаде брзо соопштение во кое појасни дека не зазема формален став за статусот на островите.

Но за Лондон штетата веќе беше направена и британската порцеланска шолја за чај требаше да се лепи, ако може да се залепи, и да се лечи гордоста. Се разбира, Буенос Аирес беше радосен, тврдејќи дека тоа е првпат ЕУ официјално да ја признае неговата позиција за островите.

Љупчо Поповски
Љупчо ПоповскиФотографија: Petr Stojanovski

Продавачи на илузии

Ова не е безначаен пример – тој само покажува што значи кога си во ЕУ, а што кога си надвор, па макар бил толку моќна земја како Велика Британија. Ако Британија, со нејзината нашироко фалена дипломатија и влијание, не успеала да го спречи појавувањето на називот Islas Malvinas во коминикето од самитот ЕУ-Латинска Америка, може ли една мала, невлијателна земја како Македонија, со скромна дипломатија, со исклучително сиромашни ресурси, да промени еден заеднички став на 27 земји на ЕУ за преговарачката рамка и почетокот на преговорите за пристапување, кој притоа го носи и називот „француски предлог“. Некои велат дека тоа не е невозможно, дека како што еден документ бил донесен, така може да се промени и дека веројатно вреди Македонија да се обиде откако ќе ги отфрли уставните измени.

Веројатно нема човек што не би посакал да се оствари тоа, но главното прашање е како да им се поверува на политичарите кои се најдобрите продавачи на илузии (а не луѓе како Дејвид Коперфилд). Бидејќи илузиите се најспектакуларни кога Коперфилд ќе направи да ја снема Статуата на слободата во Њујорк, така веројатно изгледа илузијата дека ЕУ ќе ги смени заклучоците и ќе го отстрани условот кој нам ни изгледа гаргантуански голем – внесувањето на  Бугарите во Уставот. И самите граѓани создаваат ваква коперфилдовска илузија. Да видиме само два одговори од последната анкета на ИРИ. На едното прашање: „Неодамна Северна Македонија го започна пристапните преговорачки процес со ЕУ според рамката за преговори предложена од француското претседателство. Дали го поддржувате или се противите на овој преговарачки процес“ – позитивно одговориле 41 отсто, а негативно 50 проценти. Но веќе во следното прашање – „Дали поддржувате внесување на бугарската заедница во Уставот“ – 66 отсто се против, а 30 отсто се „за“.

Некои работи понекогаш изгледаат дека немаат логика – ако 50 отсто се против францускиот предлог (со внесување на Бугарите во Уставот) тогаш како во анкетирањето бројката која е против уставните измени се зголемува на 66 проценти. Тоа изгледа изгледа како креирање на сопствени илузии, додека во заднината тече песната на Бајага „Верујем, не верујем“.

Има многу такви коперфилдовски илузии. Вмровскиот лидер Христијан Мицкоски оваа недела на двапати повторуваше една од нив – дали нему му се причини, дали беше избран како гледач од публиката или нешто друго, не е јасно. Во крајна линија изгледа дека не е ни важно.

Во средата (19.07), по состанокот во Стопанската комора, осврнувајќи се на предлогот за пристапување кон уставни измени, тој рече дека Владата и премиерот Ковачевски излегле надвор од заклучоците на Советот и од преговарачката рамка.

„Каде во преговарачката рамка и во заклучоците на Советот стои дека треба вака и вака да изгледа предлог-текстот за измена на Уставот? Никаде“. Ден претходно, по состанокот кај Сојузот на стопанските комори, даде слична изјава: „Во кој дел на преговарачката рамка, и во кој дел на протоколот е содржан овој текст на овие уставни измени?“

Во првата изјава тој го споменува протоколот, а во втората заклучоците на Европскиот совет. Оваа реторика е симптоматична сама по себе. Па дури и парадоксална.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, тврдејќи дека текстот „за уставните измени кој не само што не е прифатлив, туку можам да кажам дека е тотално неразумен“, сега се повикува на преговарачката рамка и на заклучоците на Европскиот совет, кои до некни ги напаѓаше како пораз за Македонија. Мицкоски сега сака да имплицира дека текстот за уставните измени требало да го има во преговарачката рамка. Доколку, пак, таков текст, стокмен од европските функционери, беше сместен во преговарачката рамка, сигурно уште од лани ова време ќе беснееше политички ураган дека во Брисел (по бугарски диктат) ни одредуваат како треба да бидат напишани уставните измени, што би било врвно понижување за Македонија и нејзиното Собрание.

Во основа, кругот (или меурот, ако сакате) што се ширеше цела година, наеднаш почна да се стеснува за сите актери откако конечно предлогот за уставни измени беше испратен во Собранието. И за власта и за опозицијата. И за едните и за другите тоа може да биде трауматично.

Протести против „францускиот предлог“ во Скопје
Протести против „францускиот предлог“ во Скопје (14.07.2022)Фотографија: Petr Stojanovsk/DW

Европскиот акварел

Владата на Димитар Ковачевски знае дека во овој момент нема 80 пратеници за да се помине првото гласање, без оглед на нивните оптимистички изјави кои повеќе служат за себебодрење отколку што се одраз на ситуацијата во Собранието. Неуспехот да се обезбедат две третини ќе биде огромен товар за владиното мнозинство. Ако тоа не успее речиси инстантно, веднаш по гласањето на почетокот од септември, ќе се претвори во огромна лавина од притисок дека по таквиот „пораз“ мора веднаш да се оди на избори. Големо прашање е дали Владата има разработено стратегија што би правела од тој „ден потоа“ па натаму.

Владата, сосем сигурно, ќе повторува дека вмровската опозиција ја загрозила европската иднина на Македонија, дека ќе може да ги повторува зборовите на австрискиот министер за надворешни работи, Александар Шаленберг, минатата недела во Скопје: „Ако постоечкиот ќорсокак продолжи, Северна Македонија ризикува да ја испушти наредната шанса и дури, на подолг период, да биде исфрлена од ЕУ-патот“. Но тоа ќе биде мала утеха за властите. Како што ќе биде мала утеха и дека Европската унија, многу веројатно ќе излезе со изјава во стилот – преговарачката рамка е јасна, ама Македонија не сака да ги исполни условите во неа; нема промена во неа и чекаме Македонија сама да одлучи дали сака да оди кон пристапување кон ЕУ. Но, штетата за „проевропската коалиција“ ќе биде веќе направена и прашање е како ќе може да се опорави од тој удар.

Во тој круг што почна забрзано да се затвора во овие пеколни горештини веројатно веќе нема да има нови посети на европски министри (најважните веќе дојдоа, кажаа јавно и на затворени средби што е и што не може да биде, како што изгледа на Мицкоски и партиската делегација им беше кажано на средбите со претставниците на ЕПП во Брисел). Јавно сѐ ќе биде оставено на македонските политичари и пратеници. Во заднината никој не знае што може да се случува.

Министрите за надворешни работи на Австрија, Словачка и Чешка во Скопје, 13.07.2023
Министрите за надворешни работи на Австрија, Словачка и Чешка во Скопје, 13.07.2023Фотографија: Petr Stojanovski

ВМРО-ДПМНЕ со месеци повторуваше зошто Владата не го доставува предлогот за уставните измени до Собранието бидејќи се плаши дека дема двотретинско мнозинство. Кога предлог-текстот стигна во Собранието Мицкоски вчера рече дека немало потреба да се излегува со таков документ во јавноста. Тоа, според него, била третата суштинска грешка на Владата.

Ова не е едноставна ситуација за Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ. Со негативниот глас во европскиот акварел ќе бидат насликани како евроскептична, па дури антиевропска партија. И ќе треба да се вложи многу труд да се поправи таа перцепција. Имаше дури една гротескна сцена на средбата на раководството на ВМРО-ДПМНЕ со Вајмарската тројка на која беа присутни и двајца коалициски лидери. Спроти тројцата европски министри гордо исправен седеше Иван Стоилковиќ, претседател на Демократската партија на Србите, кој во мај годинава беше на безбедносен форум во Москва, каде од регионот беа и Милорад Додик и шефот на српската агенција БИА, Александар Вулин, од неодамна на црната листа на САД. Највисоката личност од руската власт на форумот беше моќниот шеф на Советот за безбедност на Русија, Николај Патрушев. На присутните преку видео врска им се обрати и рускиот претседател Владимир Путин. Главната тема за расправа на форумот беше како Русија да ја спаси Европа од хегемонијата на Америка.

Европските министри, или нивните советници, сигурно го забележаа ова поставување на Стоилковиќ на масата за разговори. И тоа не беше добра слика за Мицкоски. Затоа што и на оние што се просечно упатени во европските политички збиднувања им е јасно дека преку разврската во Македонија ќе биде јасно дали победил европскиот наратив и перспектива или Москва успеала да забоде голем брут во општеството кое е најмногу проевропски расположено во регионот. Изгледа необјасниво зошто овде постојано се цитираат зборовите на бугарскиот претседател Румен Радев, кој кога беше избрана новата влада во Софија ја загуби командата во бугарската политика. И за кого и во Бугарија има неподелено мислење дека ги штити руските интереси, што особено стана јасно со војната во Украина. Кога американскиот дипломат Габриел Ескобар на сослушувањето во Конгресот вели дека САД работат со новата влада во Бугарија да нема нови услови за Македонија, овде наместо да се анализираат неговите зборови им се дава огромна важност на стандардните закани на Радев, насочени најмногу кон тоа Македонија да не напредува кон ЕУ.

Во овој круг што се затвора Мицкоски има две подеднакво лоши опции за него – да „си остане на зборот“ и вмровските пратеници да не гласаат за почнување на процесот на уставните измени. Или целата пратеничка група (а можеби десетина пратеници) да го поддржат процесот и Мицкоски да се најде во минското поле кое тој не го поставил и не знае кон каде да зачекори. И во двете опции тоа нема да биде пирова победа, туку горчлив пораз во повеќе рати. Затоа што не ќе може да чека брегот да дојде кон него, туку тој ќе се упати кон него и ќе го најде истиот документ. Прашањето е колкаво крварење дотогаш ќе предизвика московскиот брут во македонскот општествено ткиво.

И најпосле една ситуација која сите ја гледаат, а молчат. Да не беа новинарите ништо немаше да се знае околу тоа дека Орце Камчев е ставен на црната листа на Америка. Реки од изјави потекоа од политичарите од најразличните спектри кога градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, беше ставен на истата таа листа поради корупција. Сега на политичарите устите им се зашиени, никој не сака да спомне ниту збор, особено не оние кои против Мерко и ДУИ фрлаа со сите можни дрвја и камења.

Барем да ги прочитаат по неколку пати овие зборови на американската амбасадорка Анџела Агелер од четвртокот: „Злоупотребата на законите, на функциите, перењето пари, поткупот и другите активности во кои учествувал господинот Камчев го поткопаа судскиот систем и во исто време се значително предавство на народот на оваа земја“. Изгледа дека вреди да се молчи за „значителното предавство на народот на оваа земја“.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар