1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европска тројка во Скопје: Нема време за губење

ДТЗ
13 јули 2023

Ако нема уставни измени на Македонија и се заканува изолација, порачаа министрите за надворешни работи на Австрија, Чешка и Словачка.

https://p.dw.com/p/4TpPA
Александер Шаленберг, Јан Липавски, Мирослав Влаховски, Бујар Османи
Европска тројка во Скопје во обид да се забрзаат уставните измени Фотографија: Petr Stojanovski

Тројца министри на три членки на Европската Унија во четвртокот (13.7.2023) од Скопје испратија пораки на охрабрување со цел Северна Македонија храбро да продолжи на патот кон ЕУ. „Нема време за губење, би сакале да продолжите со потребните уставни измени за да почнете со преговорите за членство. Да се одложи усвојувањето на амандманите значи да се одложи пристапувањето на Северна Македонија во ЕУ и опасност од нејзина изолација“, порачаа министрите за надворешни работи на Австрија, Александер Шаленберг, на Чешка, Јан Липавски и на Словачка, Мирослав Влаховски во име на високиот претставник за надворешни работи на Европската унија, Жосеп Борел. 

Посетата на Скопје доаѓа во период кога земјата се наоѓа пред сериозен крстопат - дали ќе ги усвои уставните измени во парламентот и ќе го продолжи патот кон ЕУ, или ќе се соочи со внатрешна блокада. Тоа според нив е јасен сигнал за поддршката за во ЕУ, бидејќи не се случува често тројца министри да дојдат заедно на една вака значајна посета на Западен Балкан.  

„Истрчавте тежок маратон“ 

„Би било штета Скопје, откако истрча еден тежок маратон да се сопне на следната пречка. Долг пат изминавме заедно и надминавме многу тешкотии“, порача Шаленберг на заедничката прес-конференција со шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи. 

Шаленберг уверува дека штом ќе почнат преговорите, тоа е неповратен процес. „Земјата чекаше 18 години да дојде до овој момент, кој треба да го искористите“, рече тој. 

Шефот на австриската дипломатија е дециден дека решението може да дојде само од Северна Македонија. „Решението нема да дојде од Брисел, од Виена, од Прага или Братислава, а ве уверувам нема да дојде ни од Софија. Вам ви останува дали ќе одите напред“, додаде тој.  

Потсетувајќи на актуелната геостратешка состојба, Шаленберг смета дека е време стратешки да се размислува, а ваква порака беше упатена и до Бугарија, со цел да се надминат билатералните спорови. 

Александер Шаленберг, Јан Липавски, Мирослав Влаховски, Бујар Османи
Европската тројка преку разговори со државниот врв и политичките партии, ќе се обиде да се постигне национален консензус за стратешката цел - зачленување во ЕУ. Фотографија: Petr Stojanovski

Процесот мора да се заокружи 

Слични пораки упати и неговиот чешки колега Јан Липавски. „Кога зборувам секогаш велам НАТО ја гарантира безбедноста, а ЕУ го гарантира просперитетот. Го посакувам истото за Северна Македонија. Веќе сте членка на НАТО. Северна Македонија ја сметаме како дел од европското семејство веќе и процесот едноставно треба само да се заврши“, рече тој.  

Охрабрувачки пораки испрати и министерот за надворешни работи на Словачка, Мирослав Влаховски, кој истакна дека  Унијата препознава дека Северна Македонија е подготвена успешно да ги заврши пристапните преговори. 

„Ова е време кога треба да бидете самоуверени и да ги спроведете сите реформи и процеси за да успеете во процесот на преговори. Треба сега да станете водачи, локомотивата која што ќе го влече процесот напред, да станете пример што треба да се следи. И се надевам дека оваа мисија ќе заврши и оваа задача ќе заврши до 2030 година. Сакаме да станете лидер на Балканот во ЕУ интеграциите сега - изборот е јасен. Ве очекуваме да станете членка на ЕУ што поскоро, а не подоцна“, дециден е Влаховски. 

Историска грешка 

Министерот Османи изрази благодарност за силната и гласна поддршка на Австрија, Чешка и Словачка за европскиот пат на земјата. Тој вели дека високите гости испратиле јасна порака - дека ЕУ стои зад договорот, дека подобар договор нема, дека никој не може да го менува. така што секое ветување на кој било дека една запирка ќе може да се сменат од Преговарачката рамка е неточно. „Или ги прекинуваме преговорите еднаш засекогаш, оти условите не можат да се менуваат, или завршување на уставните измени што поскоро. Трета опција нема“, порача Османи. 

Според него, Северна Македонија не смее да си дозволи да се издвои и да припадне во група на земји кандидати или потенцијални кандидати кои имаат отворени прашања и за кои нема да има брза патека за пристапување во ЕУ. Напротив, ќе направиме историска грешка ако не останеме на сегашната патека, на која многу тешко се вративме, после долги години чекање“, рече Османи.

Говорејќи за неопходноста од усвојување на уставните измени со цел успешно да го продолжиме процесот на преговори,  Османи на заедничката прес-конференција рече : „Се соочуваме со отпор наметнат од претставници на опозицијата, кој во суштина е ирационален, со оглед дека ни најмалку не ја менува суштината на нашето уставно уредување, туку само се допрецизира и онака мултиетничката структура на нашата држава - нешто што цело време го истакнуваме како наша предност или наш успех“.

Во наредните неколку недели македонските пратеници ќе бидат ставени пред изборот дали ќе подржат измена на Уставот. Токму тоа е и мисијата на европската тројка која што е во посета на Скопје. Тие преку разговори со државниот врв и политичките партии, ќе се обидат да се постигне национален консензус за стратешката цел за зачленување во ЕУ. 

 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема