ЕУ само со „цврста рака“ може да го „припитоми“ Вучиќ
4 јануари 2023Пред Нова година се закануваше „воен конфликт“ меѓу Србија и Косово, па состојбата се потсмири, пишува германскиот неделник Цајт. „Само прашање на време е кога тензиите повторно ќе се засилат.“
„Кога се зборува за причините, често се навлегува во ситници на балканската политика, регистарските таблички, личните документи и останатите баналности. Тоа е одвлекување на вниманието, чад кој треба да ја сокрие суштината. А, суштината е драматичната грешка на ЕУ во овој регион“, пишува натаму во коментарот кој го потпишува новинарот Улрих Ладурнер.
„Со години, имено, ЕУ ја следи политиката која може да се сублимира вака: Србија е најголема држава на Западен Балкан. Без Србија нема стабилност во регионот. Ако таа пристапи кон Унијата, со силата на својата тежа ќе ги повлече и останатите држави од Западен Балкан. Затоа се тежи кон добри односи со оваа земја, без разлика кој владее во Белград“, се наведува во текстот.
Последица е, смета авторот, тоа што ЕУ со години му прогледува низ прсти на Александар Вучиќ. Брисел „главно молчешкум“ гледаше како Вучиќ „систематски ја подрива кревката српска демократија, слабото цивилно општество, го потчинува печатот, ја маргинализира опозицијата и со тоа ефективно станува автократ“. Во својот коментар, Ладурнер додава дека Вучиќ на почетокот на пандемијата „како лакеј“ се фрлил пред нозете на кинескиот претседател Ши и „како берсеркер“ се нафрлил на ЕУ.
Се наведува и оти Вучиќ до денес одбива да воведе санкции за Русија. „Тоа е и најважното: токму Вучиќ секогаш од почеток го подгрева конфликтот со Косово за од тоа да извлече политички капитал. Тоа е провидна, опасна игра. Со тоа тој не ризикува само насилни конфликти, туку и ја блокира интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ“, пишува Цајт.
„Со оглед на долгата листа гревови, треба за уште еден да се потсети: Србија е кандидат за ЕУ. А, претседателот на земјата свесно води политика која им штети на ЕУ, на регионот, но и на самите Срби. На тоа мора да се стави крај.“
Според мислењето на авторот, Вучиќ „реагира само на притисок“. Тој потсетува оти Србја есента ја промени својата визна политика кога од Брисел и од Берлин му се заканија со санкции. Тогаш, имено, во ЕУ порасна бројот на баратели на азил од Индија, Тунис и од Бурунди, кои безвизно патуваа во Белград, а оттаму илегално во ЕУ.
„Да се казни Србија - секако дека тоа звучи остро и злокобно империјалистички“, продолжува Цајт. „Но, ЕУ особено минатата година, и тоа не по своја волја, научи дека ќе биде сфатена сериозно само ако е сурова и подготвена да им нанесе болка на другите.“
„Цврстината кон Русија, цврстината кон Кина, но и цврстината кон членката на ЕУ Унгарија - тоа е дел од неопходното геополитичко созревање на Унијата. Крајно време е и за цврстина кон Србија“, додава Ладурнер.
„Не станува збор за казнување на Србија, туку за тоа Александар Вучиќ да мора да ја плати цената на својата политика. Ако не се приклучи кон санкциите за Русија, ако не запре да го подгрева конфликтот со Косово, ако не седне на маса да започне сериозни преговори со Косово - тогаш кандидатскиот статус на Србија треба да се замрзне и да заврши финансиската помош од ЕУ.“
„Доколку таквата закана се изнесе веродостојно, Вучиќ брзо ќе стане питом. И дури тогаш земјата има шанса да стигне таму каде што припаѓа: во Европска унија“, заклучува Ладурнер.