1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

2024 - година на избори и шанса за демократијата?

12 јануари 2024

ЕУ и САД, гледано стратешки, немаат друг избор освен да се борат, што дома - што надвор, за демократските вредности и против декларираните демократи, а во суштина прикриени автократи. Пишува Ивор Мицковски

https://p.dw.com/p/4b87J
Европски избори
Европски избориФотографија: Getty Images/S. Gallup

2024 година ќе биде една од политички најзначајните години во историјата, со национални избори во повеќе од 60 земји што претставуваат половина од светското население. Гласањето е врвниот израз на демократијата по дефиниција. Но, парадоксално, изборите оваа година, како ретко кога порано ќе одлучуваат за предизвикот помеѓу демократијата и популизмите, за судирот помеѓу политичките лидери кои ги бранат принципите на правната држава и рамнотежата на моќта, и оние кои ја презираат демократијата, сметајќи ја за декадентна, корумпирана, губитничка и осудена на неминовна имплозија.

Овој глобален судир пластично ќе биде сумиран преку дуелот на американските избори, најверојатно како  реприза помеѓу Бајден и Трамп,  но исходите од изборите ќе имаат силно влијание по внатрешните состојби и меѓународниот статус кво и во другите земји, како Русија, Тајван или Индија.

Одбројувањето на годината на избори започна минатата недела со Бангладеш. Штета што бојкотот на опозицијата и слабата излезност го оцрнија петтиот последователен мандат на челичната дама Шеик Хасина, која некако успеа во враќањето на земјата кон демократијата после воената диктатура која во 1975-та го уби татко и` и масакрираше 20 членови на нејзиното семејство. Избори покрај веќе споменатата Америка, ќе има и во најбројната земја на светот Индија, во најстарата парламентарна држава В. Британија, и во целата Европска унија. Руските „маневрирани“ избори од 15-17 март, како и белоруските на 25 февруари, ќе послужат само да се потврди авторитарното владеење, или пак теократското во Иран, на 1-ви март. За некои земји ќе има и новости, во Мексико се соочуваат две жени, додека во Јужна Африка за прв пат по три децении, АНЦ е во опасност да го изгуби целосното мнозинство во законодавниот дом.

Некои од овие избори ќе се сведат на физиолошка промена во рамки на внатрешната рамнотежа на моќ, додека други ќе имаат силно влијание и врз промената на надворешната политика и меѓународниот статус кво. Изборите во Тајпеј спаѓаат повеќе во првата категорија, додека американските и во помала мера европските, во втората. Тајванските избори на 13 јануари, повеќе ја загрижуваат Кина, отколку Тајванците, нормално навикнати на демократија. Доколку победи кандидатот кој се залага за независност Лаи Чинг-те, таквиот исход може да биде протолкуван од Пекинг како отфрлање на „историската неизбежност“ за обединување, нешто што Ши Џинпинг повторно го најави во својот новогодишен говор?!

Руските избори, каде Путин планира да победи со лавина гласови, ќе му послужат за да ја истакне супериорноста на својата автократија наспроти „декадентните либерални демократии“. Се разбира, Путин победата ја гледа и како инструмент со цел да си земе дел од Украина на идните преговори. Путин сака да ја скрши Украина пред таа да ги добие воените авиони и пред да прогласи нова мобилизација после страотните загуби од речиси половина милион руски војници. Па така, кога военото поле ќе се одмрзне, може да се очекува руска офанзива, а тоа ќе биде за време на европските и американските избори, за токму тогаш, од позиција на сила и штотуку реизбран, Путин да понуди прекин на огнот. Така би си загарантирал дел од Украина, нешто што Доналд Трамп и европските десници радо би го прифатиле.

„Демократска драма“

Сепак, главната изборна „демократска драма“ ќе се одвива во САД. Евентуалната победа на Трамп на 5-ти ноември, би значело враќање на „America first“ во полн ек. Суштинскиот континуитет на американската надворешна политика, која го преживеа неговиот прв мандат, би била срушена од еден коктел на економски национализам и политички изолационизам, овој пат без какви било кочници и зајакното од чувството на нова победа над бројните европски и западни демократски лидери. 

Победата на Трамп не би означила само дефинитивна промена во внатрешните состојби на САД, зафатени од брутална културна војна и идентитеска криза, туку би предизвикала и дефинитивна промена во парадигмите на американската надворешна политика. Кој и да победи на следните претседателски избори, САД ќе продолжат да се дистанцираат од Европа, но со Трамп тоа би можело да значи и  растурање на НАТО  и можни договори со Путин кои би отишле на штета на Украина и на Европската унија. Трамп тоа веќе и го прави со блокирање на помошта за Украина, но еднаш избран, со сигурност би го признал рускиот суверенитет над Донбас и Крим, со цел да ги омекне односите со Русија и Кина.

Тука почнуваат  проблемите за ЕУ и Европа.  НАТО би можел да преживее, но неминовно би се променила природата на политичките и безбедносните односи помеѓу САД и Европа. Америка би се фокусирала на Кина, оставајќи ја ЕУ сама да се соочува со Путин и Блискиот Исток. Европа која притоа мора да се соочи со сопствените избори кои би можеле да им дадат нов подем на силите што веслаат против европските институции и против самите одлуки на Унијата, како и нејзините демократски принципи и вредности. Помеѓу јунските европски избори и ноемвриските избори во САД атлантската оска на Западот ризикува двојно накривување.

ЕУ и заедничка одбрана

Од тие причини и европските избори ќе бидат поинакви од сите претходни. Што поради двете војни на европската граница, што поради американското дистанцирање, европските избори по прв пат ќе имаат далекусежни и моментали импликации врз безбедноста и политиките на Унијата. Овој пат не се работи за само обединување на социјалистите и центристите, конзервативците и зелените, и кои сили ќе доминираат во Европскиот Парламент или во Комисијата. Не, се работи за решавање на три сериозни закани, како и за изнаоѓање на нови методи и инструменти за реформирање на Унијата, нејзино проширување и стабилизирање како пообединета и федеративна единка. 

Најголемата грешка на Европа ќе биде ако си поверува дека е небитна и немоќна, затоа што не е. Заедно со Кина, ЕУ е втората најголема светска економија. Нејзината монета е силна и стабилна и Европа ги има сите неопходни средства за да инвестира во сопствената безбедност. Повеќе не постои табуто за заедничка одбрана. 

Во надворешната политика, настрана Орбан, Европа е единствена во поддршката кон Киев. Тоа е помалку така кога станува збор за Израел и Палестина, но и тука сите земји се согласни дека решението е создавање на палестинска држава. ЕУ ги почнува првите чекори кон создавање политичка Унија и првите реформи за излегување од едногласноста и политиката на вето. ЕУ нема никогаш да биде целосно безбедна и обединета без Западен Балкан. И за тоа проширување да успее, не е доволно само да се отстрани ветото, Унијата мора да почне да применува различни степени на интеграција, под истото знаме на ЕУ.

Западот е исправен пред историски предизвик, подемот на популизмот и автократијата сериозно го загрозуваат демократскиот поредок. Но, за да успеат во тој предизвик и за да останат лојални на своите декларирани вредности и принципи мора да престанат со хипокризијата, каде спасот од анархијата го бараат преку соработки со авторитарни режими или со градењето на извитоперени стабилократии кои ги нарекуваат демократии.

ЕУ и САД, гледано стратешки, немаат друг избор освен да се борат, што дома - што надвор, за демократските вредности и против декларираните демократи, а во суштина прикриени автократи. Мирот ќе биде глобален, како што војната е глобална, или пак нема да постои, затоа што не постојат половични решенија. Демоните на разделба и опресија, мора да се решаваат во кругот на демократитте, меѓу самите нас, откоренувајќи ги сите дискриминации и неправди, сите плитки национализми, кои не смее да раководат со нас и да ни ја одредуваат судбината. Ако Западот и Европа продолжат да си купуваат мир, со пари и дубиозни лидери, со докажани опресори на демократијата, правната држава и реформите, и ова се однесува и на нас, како што  се однесува и на Србија  или Русија, тогаш само ќе ги поттикнат тие деструктивни сили во нови авантури, а ќе ги оддалечат луѓето кои се залагаат и борат за промени и реформи. 

Како што ЏФК ќе каже во една околност: „Една земја може да остане во мртва точка, но не и историјата. Кој од нас не напредува кон иднината, завршува во минатото“.

2024-та ќе биде голем тест за ова предвидување.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема