Штајнакер: однесувањето на Иванов е за осуда | Македонија | DW | 03.02.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Штајнакер: однесувањето на Иванов е за осуда

Поранешната германска амбасадорка во Македонија, Гудрун Штајнакер во интервју за ДВ ја коментира улогата на Иванов, мешањето на Русија, заморот на ЕУ и иднината на Груевски во политиката

Дојче веле: Претседателот Иванов одби да ѝ го даде мандатот за формирање нова влада на најголемата опозициска партија. Како ја оценувате неговата улогата во политичката криза во земјата?

Штајнакер: Сметам дека е за осуда, затоа што тој не дава одговор што да се прави сега и како да се надмине актуелната состојба во државата, која е закочена. Единствената преостаната опција тогаш би биле нови избори што ќе значи нови месеци на целосна стагнација и тоа секако не е добро за земјата. Тоа ќе биде многу скап избор за мала земја како Македонија, а организирањето избори толку често е тешко.

ДВ: Која е според Вас најдобрата опција за земјата? Сметате ли дека Социјалдемократите можат да изградат стабилна и реформска влада?

Не знам, но сметам дека секогаш мора да се земат в предвид сите опции и тоа е една опција, да ѝ се даде шанса на опозицијата да формира влада, а доколку не успее, секако дека нови избори се неизбежни. Но мислам дека е мудро да ѝ се даде таква шанса на опозицијата.

ДВ: Каде е според Вас излезот од политичката криза во Македонија?

Мора да се истрае во барањето да се истражат сите наводи за злоупотреби, па дури и кривични дела, без разлика од кого биле сторени, не би исклучила тука никого. И сите оние кои се под истрага мора да се откажат од политички функции сѐ додека не се расчисти сѐ и не дознаеме точно што се случувало. Многу е нејасно што се случувало во бројни случаи. Би сакала притоа да го споменам и случајот со убиството на младинците кај Смилковско Езеро. Ова се случаи кои ја обременуваат и атмосферата меѓу различните етнички групи во земјата. Македонија ќе преживее само како либерална, демократска земја, и татковина на сите граѓани, без разлика на нивната етничка припадност или вера.

ДВ: Руското МНР во четвртокот го обвини Западот дека се обидува да ја дестабилизира Македонија и соопшти дека „целта е оневозможување на непожелните за Западот македонски политичари да формираат влада“. Се согласувате ли со Москва дека Груевски е непожелен за Западот?

Секако дека неговата репутација е тешко оштетена поради аферата со прислушкувањето- која сѐ уште не е расчистена. Мораме да видиме што ќе открие Специјалното обвинителство. Знаеме колку често СЈО е напаѓано од медиумите блиски до ВМРО-ДПМНЕ, што според мене е неприфатливо. Обвинителката мора да добие шанса да си ја заврши работата.
Што се однесува до Русија, во моето време како амбасадор не видов дека таа игра некаква конструктивна, позитивна улога во Македонија: економска, политичка, социјална или културна. И не сум сигурна дека Русите воопшто сфаќаат дека ова е фрагилна земја, етнички и верски мешана, и имам чувство дека или руската влада не е свесна за тоа, или не го зема тоа доволно во предвид. И конечно, не гледам што Русија ѐ нуди на земјата или на регионот.

Mazedonien Skopje Sonderstaatsanwaltschaft Pressekonferenz (MIA)

Нападите против СЈО се неприфатливи, смета Штајнакер

ДВ: Кој е тогаш рускиот интерес да го поддржува Груевски?
Не знам. Русите ќе мора да го одговорат тоа прашање. Некои велат дека само сакаат да играат улога на расипувач. Сакаат да предизвикаат проблеми кои би ги запреле стабилизацијата и развојот на регионот.

ДВ: Од разговорите со политичари во Берлин и Брисел добивам впечаток дека сите се помалку заморени од кризата во Македонија. Постои ли опасност, ЕУ и Германија, обременети со Трамп, Брегзит и бегалската криза, на крајот да се откажат од земјата и да прифатат било какво решение кое ќе ја гарантира стабилноста наместо демократијата на краток рок?
Тешко ми е да проценам што се случува во Брисел. Постои одреден замор во однос на кризата во Македонија и за состојбата на Балканот, особено од аспект на проширувањето на ЕУ. Тоа беше и аргумент кој го користеа нашите политичари, западните и германските, кон регионалните елити, убедувајќи ги дека мора да направат повеќе реформи. Би можела да замислам дека постои одреден замор, но од друга страна, сметам дека клучните личности кои се занимаваат со Македонија се свесни дека не можат да се откажат од земјата и дека мора да останат ангажирани. Но, притоа и во самата ЕУ постојат различни позиции меѓу членките и гледам дека ЕУ има проблем да најде заеднички став за тоа што да се прави, и како да се прави.

ДВ: Сметате дека ЕУ прави доволно, и во Македонија и на Балканот?

Како некој што долги години бил ангажиран на Балканот, мојот личен став е дека ангажманот не е доволен, иако правиме многу за Балканот во одредени сфери: економска поддршка, поддршка за реформите итн. Но можеби треба да размислиме за методологијата и инструментите кои ние, ЕУ или Германија, ги користиме и треба повеќе да се адаптираме на проблемите во регионот за да видиме вистински напредок, а не само напредок на хартија.

ДВ: Откако амбасадорот Хајндл ја заврши мисијата во Македонија минатата година, Берлин како да го загуби интересот за земјата. Освен една изјава од шефот на дипломатијата Штајнмајер по изборите, не сме слушнале никаков став за актуелните случувања. Случајност ли е тоа или политика на Берлин?
Мислам дека се колебаат да коментираат затоа што состојбата е конфузна. До пред неколку дена не беше јасно што ќе се случува. Претседателот ѝ даде мандат на најголемата партија да формира влада. Па се чекаше да се види каков ќе биде резултатот од тоа. Сега имаме прелиминарен резултат, кој не е задоволителен, па сега можеби ќе има коментари. Но, има толку многу проблематични случувања во регионот и надвор од Македонија, што мислам дека Берлин е внимателен во изразувањето за конкретни земји.
Берлин е заинтересиран за Балканот да оди во вистинска насока, но не е секогаш сигурен како да го стори тоа. Германија е еден од најголемите инвеститори во регионот, не само во економска смисла, туку и во однос на правните реформи, културната соработка, стипендии итн. Правиме многу, но не гледаме доволно резултати од тие инвестиции и затоа мислам дека она што треба да го сториме, како Германија, е да размислиме уште еднаш за инструментите.

 

Поврзана содржина

Реклама