Нема ништо ново во вувузелите и свирчињата во македонското Собрание. Сличен ваков театар имаше во 2004 година кога вмровските пратеници со лонци, тенџериња, клопотарци се обидува на секој начин да ја спречат расправата за буџетот, па покојниот претседател на парламентот Љупчо Јордановски и тогашниот министер за финансии, Никола Поповски, со слушалки на главата „врвеа“ низ седницата. Истата таа година Никола Груевски (веќе лидер на ВМРО-ДПМНЕ) дојде на пултот и му ја одзеде картичката за водење на седниците на Јордановски. Подоцна Груевски се извини за тој потег. Вувузелите станаа познати подоцна, со Светското првенство во фудбал во Јужна Африка во 2010 година.
Јасно е дека општеството е поларизирано до крајни граници. Јасно е дека се зборуваат мноу точни работи, а и многу невистини околу француско-европскиот предлог. Јасно е и дека никаква преговарачка рамка или неколку параграфи не можат да го бугаризираат македонскиот народ (како што тоа не успеало ни со окупацијата на два пати). Јасно е и дека еден клуб каков што е Европската унија (тоа е клуб на 27 држави, а не меѓународна организација) не може да издава потврди дали некој јазик постои или не. Јасно е и дека македонскиот јазик е запишан во регистерот на јазиците онаму каде што се запишуваат јазиците – во Обединетите нации. Јасно е и дека владата со редицата погрешни чекори крена еден огромен ѕид на недоверба во јавноста и впечаток дека се работело нешто тајно зад грбот на народот. Јасно е дека подоцнежната политичко-пропагандна стратегија успеа да ублажи само мал дел од таа недоверба, но само мал дел. Јасно е и дека бранот обраќања од ЕУ, од европските метрополи, од Вашингтон, не го сменија драматично текот на плимата. Јасно е и дека почетокот на преговорите со можно вето во иднина и со речиси невозможна мисија за промена на Уставот е подобро отколку сегашна блокада која може да остане со години напред. Јасно е и дека посветените Европејци во државава сега можеби се чувствуваат како загрозено малцинство. Јасно е и дека францускиот предлог ја нема онаа праведност какви што беа преговарачките рамки пред 10 или 20 години за кандидатите. Јасно е и дека македонската дипломатија можела да направи повеќе во преговорите, како што е јасно и дека блокот мора да внимава на интересите на еден свој член, а сепак да не го омаловажи кандидатот.
Ако толку работи се јасни, тогаш за што се работи во овој бесмислен театар од навреди, закани, клетви, па дури и омраза во Собранието. Објаснувањето е прозаично, иако се претставува патриотски поинаку – ова е главната увертира за тоа како треба да падне власта и како треба да дојде следната.
СДСМ - Од безнадежност до малку здив
Цели партиски блокови овие денови стојат на острицата на бричот и се прашуваат како да зачекорат понатаму, а од нозете да не течат реки крв. Од најгрубата политичка гледна точка – борба за власта – ова се комплицирани денови за сите. И за СДСМ, и за ВМРО-ДПМНЕ, и за трите мали партии во владината коалиција.
Повеќе од авторот: Архитектите на илузиите
За СДСМ ситуацијата пред две-три недели изгледаше прилично безнадежна. Ќе го прифати француско-европскиот предлог, потоа ќе може да рече дека направиле голем исчекор за иднината на државата и полека да го почне процесот на повлекување за да го причека времето во опозициските клупи. Инфлацијата, големото зголемување на цените на енергенсите, немањето пари во буџетот за да се задоволат сите барања за помош, ги остави владините ешалони без квалитетен одговор. Инфлацијата јава како чума низ цела Европа, крајот на војната не е ни на повидок, сите се исплашени што ќе донесе руската зима ако секне гасот (а тој што сега го има е прескап). Луѓето бараат решение и пари од македонската влада, а во исто време се свесни дека нив ги нема. Но свесноста дека ги нема не го спречува барањето да добијат нешто повеќе.
Кога се појави првиот француски предлог (заедно со материјалите публикувани во бугарскиот печат) владата се најде среде торнадо од кое се обидуваше да извлече жива глава. Прес-конференцијата на Ковачевски, Вучиќ и Рама во Брисел ѝ даде можност да здивне некој ден до следното торнадо за кое знак даде Емануел Макрон на Самитот на НАТО во Мадрид. Заедно со експертските анализи на предлогот кој беше официјално објавен и артилериските баражи на опозицијата, почнаа протестите. Ситуацијата се вжешти до крајни размери, а поларизацијата како никогаш досега. Тогаш изгледаше дека едвај да останала некоја употреблива карта (да не зборуваме за адут) во рацете на владата.
Првата добра работа за неа беше што генералниот штрајк на Сојузот на синдикатите почна и заврши, а никој да не забележи дека тој траел. Синдикалците одбраа лош тајминг. Не заради нивните барања, туку поради тоа што целото медиумско внимание се насочи кон францускиот предлог, па тие едвај можеа да добијат некоја скромна минутажа во вестите. Другата, многу поголема тема (францускиот предлог) го покри нивниот штрајк, па празните столчиња по улиците беа повеќе добра можност за убави фотографии отколку за презентирање на нивните барања. Владата не излезе како победник од штрајкот кој можеше да има комплицирани последици за неа, туку повеќе не ѝ наштети толку колку што се очекуваше.
Потоа, обраќањата од сите страни дека ова е историски момент за Македонија да оди напред кон ЕУ (секогаш со нагласувањето дека одлуката, сепак, е наша) го поврати во одредена мерка кредибилитетот на политиката на владата. Но само во одредена мерка. Два наизглед неповрзани случаи со високата политика – изживувањето со мисирката на протестите пред Собранието и потоа скандалозниот колеж на 12 коњи во скопската Зоолошка градина, за еден важен момент го пренасочи вниманието и на опозицијата во централната власт ѝ се залепи перцепцијата дека е целосно нехумана во однос кон животните. Кога ќе се знае колку е силно движењето на заштитата на животните во Македонија, ова беше своевиден дар од небото за владата поттикнат од зачудувачка непромисленост на опозицијата.
Повеќе од авторот: Што навистина сака Бугарија
Не Шарл Мишел, туку обраќањето на Урсула фон дер Лајен во Собранието ѝ донесе повеќе простор на Владата да може донекаде полесно да дише. И да го истурка она за што верува дека е исправно. Изгледа парадоксално, но најголема помош за тоа доби од ВМРО-ДПМНЕ и Левица. Прво, со нивните меѓусебни обиди за превласт на протестите, а потоа со расправата што тече во Собранието. Далеку од тоа дека СДСМ е out of the woods, како што велат Англичаните (да не си повеќе во опасност или проблем), но ним им изгледа дека го прегрмиле најтешкото и ако информацијата за преговарачката рамка и заклучоците поминат во Собранието, а идната недела се одржи првата меѓувладината конференција со ЕУ во Брисел, најжешката точка од агендата ќе биде привремно симната од грбот. За уставните промени нема да се мисли пред почетокот на идната година. Во меѓувреме ќе стигнат европските скрининг тимови, Бугарија ќе се занимава со веројатните нови избори на кои „македонското прашање“ ќе го нема истиот интензитет како досега, а владата ќе се обидува да промовира и спроведува нови агенди. Тоа може да биде оптимистичкото сценарио за неа. Негативното е сѐ се да се урне во еден миг. Таа да го загуби мнозинството во парламентот. Долготрајниот негативен имапкт на одлуката да се влече и наредната година, а поразот на изборите, како пред три-четири недели, да изгледа неизбежен.
Во овој од по жица, или по острицата на бричот, трите партии – ЛДП, ДОМ и ДС – се во ужасен процеп. Дали да ја напуштат владата и да го предизвикаат нејзиниот пад, а со тоа да не добијат ништо од можниот проект за една изборна единица, или да се приклучат кон опозицискиот блок каде нивната вредност нема да ја има истата цена. Павле Трајанов и неговиот Демократски сојуз тоа го почувствуваа многу добро пред три-четири месеци кога почна вистинска вмровска канонада за директорувањето на еден нивни член во „Градски паркинг“ во Скопје поврзана со обвинувања за злоупотреби, па и финансиски махинации. Трајанов се обиде да игра на патриоската карта околу францускиот предлог и кога опозициските вувузели не ечеа во пленарната сала додека тој зборуваше, јавноста доби впечаток дека тој веќе се префрлил на другата страна. А кога вчера зборуваше како високо го цени она што го нагласи Фон дер Лајен еден ден претходно, една дузина вмровски пратеници жестоко бараа од него, како да се наоѓа на обвинителна клупа, да се изјасни – дали е со нив или не е со нив. Можеби Трајанов добил впечаток дека ВМРО-ДПМНЕ сака само да го искористи за нивната агенда и дека треба да направи нови стратешки анализи. А можеби и не. Тој тоа најдобро го знае.
ВМРО-ДПМНЕ: Дали јастребите ја преземаат партијата
Од трите мали партии ЛДП има двајца пратеници. Молкот од врвните луѓе во партијата за многумина сугерира дека нејзините раководни структури се поделени. И доколку тие двајца пратеници гласаат за заклучоците предложени од СДСМ, а лидерот на партијата даваше изјави според кои можеше да се разбере дека повеќе го разбира опозицискиот гнев отколку владините уверувања (тој самиот е министер), расколот во партијата може да биде неминовен. Особено што европската групација АЛДЕ (со членството во неа ЛДП особено се гордее) даде целосна поддршка на францускиот предлог.
Повеќе од авторот: Дали Македонија премногу веруваше во Кирил Петков?
Со театарот што ВМРО-ДПМНЕ го приредува во Собранието на партијата ѝ успеа да оддалечи многумина коишто мислат дека француско-европскиот предлог е неправеден и дека Македонија ја става во подредена позиција, а не рамноправна во процесот на можните идни преговори. Два аспекти од нивниот настап одат против интересите на самата партија – вувузелската бучава кога зборуваат пратениците на СДСМ кај многу неутрални набљудувачи и гласачи се трансформира во перцепција оти ВМРО-ДПМНЕ не сака дебата, туку дека сака да се слушаат само нивните ставови. Своевиден „авторитаризам“ од опозициските клупи. Таа неподготвеност да се чуе спротивното мислење сугерира дека кога во иднина повторно би биле власт ќе се применува „револуционерен терор“. Наместо во вистинска дебата да победат со силата на аргументите (за кои јавноста во голема мерка им дава право) тие на секој начин се трудеа ставовите спротивни на нивните да не се слушнат. Таа невидена нетолерентност им одзеде важен дел на нивните аргументи. Тие што ја смислиле оваа страгија треба да се запрашаат зошто ја направија таа грешка, иако дувањето во вувузелите изгледа многу вдахновено кога треба да се спречи другиот да биде слушнат кога зборува.
Вториот аспект е исто толку важен. Ретко се слушнало во плераната сала да бидат изречени стотици закани, клетви, навреди, омаловажувања, спомнување за претурање коски по гробови, сегашни и идни, што тоа остави горчлив вкус кај важен дел од македонското граѓанство. Тоа е навикното да слуша обвинувања и клевети од партиските противници, но со вакво ниво досега се не беше сретнато. А македонското граѓанство во основа е конзервативно. Во таа конзервативност е и внимавањето да не се зборува за деца, да не се навредуваат тие за да се цели на нивните родители. Неколкумина вмровски пратеници со секое излегување на говорницата ја преминуваа таа граница и тие нивни жестоки навреди одвратија многумина.
Плус, заканите и ветувањата на најрадикалниот дел од тие пратеници дека премиерот и неколкумина други ќе „скапат во затвор“ е најдиректно најавување дека партијата, ако евентуално дојде на власт, ќе биде таа што ќе одлучува кој да оди во затвор а кој не. Не можеше ВМРО-ДПМНЕ да си направи поголема лоша услуга за себе и со тоа да му даде простор да СДСМ да може малку послободно да дише, во ситуација кога речиси и немаше излез за него.
Потоа, транспарентите кренати од речиси секој пратеник кога зборуваше Урсула фон дер Лајен, остави силен впечаток не само кај неа туку и кај дипломатите на галеријата, дека оваа вмровска структура во парламентот е силно антиевропска. Речиси секаде има вакви театри, па и во Европскиот парламент, но пристојноста при обраќањето на претседател на Европската комисија, е работа што се забележува. Фон дер Лајен, која беше главен говорник на конгресот на ЕПП на крајот на мај во Ротердам, можеби се чудела како истата партија тогаш немаше забелешки за резолуцијата во која беа наведени многу разбирања за бугарските барања, а сега пред неа истакнуваат транспаренти со сосема други ставови.
Нема специфични детали што му рекла Фон дер Лајен на Христијан Мицкоски и на врвниот труст вмровски мозоци на нивната средба (иако има информации дека тоа бил непријатен разговор), но кога лидерот на партијата по средбата излезе и кажуваше како ѝ ги прикажувал сликите на гробовите на убиените младинци од Ваташа и на Вера Циривири – Трена и на вагоните за депортација на Евреите, изгледаше дека тој не разбрал ништо. (Како што беше писмото до американскиот дипломат Вес Мичел.) Или разбрал, а не знаеше како да го претстави. Па зборуваше дека на Фон дер Лајен ѝ претставиле, како што рече, три дилеми или позиции на ВМРО-ДПМНЕ. До крајот на пресот не се разбра дали тоа биле дилеми или позиции. Освен што рече дека македонскиот јазик во преговарачката рамка е „голема лага“, другите негови елаборации беа во рамките на дотогаш слушнатото, без екстреми. Подоцна, во собраниската сала започна баражот на навреди, закани, клетви и клевети за национални предавници. Главното прашање за него е дали, ако не го поттикнува тоа, Мицкоски е немоќен да го спречи превластот на јастребите во партијата, кои се натпреваруваат со Левица во радикализмот. А тоа ќе ја подјаде нејзината супстанца за успех каков што очекува на наредните избори.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.