1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пратениците се надгласуваат со вувузелите

ДТЗ
15 јули 2022

Вувузели, свирежи и меѓусебни обвинувања меѓу владејачките партии и опозицијата можат да се слушнат и на вториот ден од расправата за францускиот предлог во македонското Собрание.

https://p.dw.com/p/4ECDS
Nordmazedonien | EU Beitrittsverhandlungen | Parlamentsdebatte
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Вувузели, свирежи и меѓусебни обвинувања меѓу владејачките партии и опозицијата можат да се слушнат и на вториот ден од расправата за францускиот предлог во македонското Собрание. Пратениците од владејачката коалиција се надгласуваат со силните свирежи на опозицијата при секое нивно обраќање од говорницата. За збор беа пријавени 42 пратеници на 81-та седницата, на чиј дневен ред како единствена точка е ставена Информација за содржината на предлог-преговарачката рамка за пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ, предложена од француското претседателство. Пратениците треба да гласаат за предлог-заклучоците доставени до Собранието. За време на седницата пред Собранието има повторно насобрани граѓани коишто протестираат и го чекаат исходот од расправата во парламентот. 

Од говорницата можат да се слушнат меѓусебни обвинувања меѓу двата спротивставени табори - власта ја обвинува опозицијата за блокада и кочење на евроинтеграциите на земјата, додека опозицијата обвинува за предавство и асимилирање на македонскиот народ. 

Северна Македонија Протести
За време на седницата пред Собранието има повторно насобрани граѓани коишто протестираат  и го чекаат исходот од расправата во парламентот. Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Гоце на маиците, Александов во душата

„Вие сте очајни во постапките, кои покажуваат дека единствено ви е важна власта, зборувате за идентитет, за македонски јазик, а не прифаќате решенија, кои го гарантираат тоа. Извадивте куп бугарски пасоши, на маиците ви е Гоце Делчев, ама во душата го носите Тодор Александров. Зборувате за важноста на македонски јазик, а сакавте да ја затворите катедрата за македонски јазик на УКИМ, на Фејсбук пишувате статуси „ајмо звиждаљке“, нели на чист македонски јазик“, рече пратеничката на СДСМ Даниела Николова. 

Таа додаде дека ВМРО-ДПМНЕ е една антиевропска коалиција, „која сака да дојде на власт само затоа што е исплашена од пресудите за својот криминал“.  

Северна Македонија Собрание
Жестока расправа во парламентот за францускиот предлогФотографија: Petr Stojanovski/DW

Разобличени лаги 

Независната пратеничка Санела Шкријељ ги повика пратениците да го прифатат францускиот предлог. „Претседателката на Европската комисија  Урсула фон дер Лајен вчера од оваа позиција ги разобличи вашите лаги. Јас сум Бошњачка, но за мајчин јазик го сметам и македонскиот“, рече пратеничката, на што следеше реплика на  пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Здравко Трајанов. „,Дали ти Санела би прифатила бошњачкиот јазик да е дијалект на српскиот? Сакате да изгласате предлог со кој Македонија ќе добие трајна блокада на европскиот пат. ВМРО-ДПМНЕ нема да ви ја дозволи промената на Уставот“, ја запраша Трајанов колешката во парламентот. 

Nord Mazedonien Protest gegen den französischen Vorschlag in Skopje
Пратениците втор ден по ред расправаат за француѕскиот предлогФотографија: Edita Zekjirovikj/Anadolu Agency/picture alliance

Двојни пасоши

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски рече дека за вакво решение Владата треба да има широка политичка и граѓанска поддршка. „Владата не смее да се согласи дека билатералните прашања и идентитетските да бидат мерило пред ЕУ. Оваа рамка преку францускиот предлог не е предлог за преговори со ЕУ, туку за отворање на Уставот, што пак нема да помине, туку ќе предизвика тензии внатре во Македонија, тензии во односите со Бугарија... Само ќе се фотографирате во Брисел, и ќе живееме во илузија дека отвораме преговори со ЕУ", рече Милошоски. Тој смета дека од дополнителни изјави за македонскиот јазик нема потреба и не смее да се прифати.

„Дали во недоглед приоритет ќе биде занимавањето со историја од илјада години наназад која ја изместивте. Отидовте до античката историја, отидовте дури и кај Хунзите, а сега зборувате за АСНОМ и НОБ. Дали ви фалеше време да лустрирате уште некој Македонец. Малку ли ви беше џуџето од Небрегово, Славко Јаневски. Ако почнеме преговори со ЕУ е предавство, ако не почнат преговорите не е исполнето ветувањето. Ништо не ви одговара, зашто вие сте против власта“, му порача Марија Георгиевска од СДСМ. Нејзината партиска колешка Жаклина Лазаревска го извади пасошот и му порача на Милошоски: „Јас имам само еден, македонски пасош, а вие имате по неколку други“. Во меѓувреме и портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, презентираше видео „ како Антонијо Милошоски беседи на гробот на Тодор Александров, на бугарски јазик, под бугарски знамиња“.