САД и Русија на праг на нова ера на разоружување!?
6 март 2009Во декември годинава формално треба да истече важноста на т.н. СТАРТ 2 договор за ограничување на стратешкото оружје. Тој беше потпишан во далечната 1993 година, но никогаш не стапи во сила. Во јуни 2002-та, рускиот претседател Владимир Путин го прогласи овој нератификуван договор за мртов. Неколку дена претходно САД се повлекоа од АБМ договорот, којшто се однесуваше на анти-балистичките ракети, за да можат да го градат новиот систем за заштита од интерконтинентални ракети.
Путин и Буш, сепак, во тоа време постигнаа договор за ограничување на бројот интерконтинентални ракети, што беше наречен СОРТ. Според него, обете страни се обврзаа до 2012 година да го намалат бројот боеви глави на интерконтиненталните ракети на 1.700 до 2.200. Тоа меѓутоа остана само изјава за намера на двете страни, далечна цел околу која требаше допрва да се водат преговори.
Конкретизирање на добрите намери
Токму на тоа сака сега да се надоврзе новата шефица на американскиот Стејт департмент, Хилари Клинтон на првата средба со рускиот колега Сергеј Лавров во Женева. За разлика од нејзината конзервативна претходничка на функцијата, Кондолиза Рајс, Клинтон сака да и’ излезе пресрет на желбата на Русија за брзо склучување договор. Официјална Москва сака што е можно поскоро да го намали бројот ракет, чие одржување е многу скапо. Во принцип обете страни се согласни со проценката дека огромните атомски арсенали, како остатоци од времето на судената војна, се непотребни. Но, изминатите години сите договори и спогодби пропаѓаа поради спорови околу детали и недостаток на политичка волја за нивно спроведување.
Реалноста ги претекна договорите
Затоа сега и Вашингтон и Москва се стремат кон брзо склучување нов договор, што ќе го замени СТАРТ 2 договорот до крајот на годината. Од гледна точна на меѓународното право во моментов важат ограничувањата запишани во договорот СТАРТ 1, кој го ратификуваа обете страни. Според него САД и Русија можат да имаат по 6.000 нуклеарни боеви глави. Меѓутоа реалноста веќе одамна ги надмина овие бројки. САД според проценките располагаат со околу 2.300 интерконтинентални ракети, а Русија значително помалку. Ниту една од нив во моментов не е насочена кон конкретни цели.
И спорниот анти-ракетен штит на дневниот ред
Двајцата министри на денешната средба во Женева се очекува исто така да поразговараат и за судбината на американскиот анти-ракетен штит. Досега Вашингтон ги отфрлаше барањата на Москва и таа да биде вклучена во заеднички проект за заштита од потенцијални ракети од Иран или Северна Кореја. Во вкупниот пакет на подобрување на односите спаѓа и обновувањето на Договорот за конвенционални сили во Европа, со кој се одредуваат горните граници за копнени сили на обете страни на европска почва. И тој никогаш не беше ратификуван од обете страни и затоа не стапи на сила. Вината во овој случај лежи врз плеќите на Американците.