1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Промашена мисија: Шолц го посети Бајден и не донесе ништо

Михаела Кифнер
8 февруари 2022

Олаф Шолц се врати со празни раце и избра зборови кои овде ретко кој ги разбира. Германскиот канцелар во Вашингтон не успеа да ги разубеди критичарите, оценува Михаела Кифнер.

https://p.dw.com/p/46fJ5
Washington Scholz und Biden
Фотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

„Ви ветувам дека ќе бидеме во состојба да го направиме тоа“, изјави американскиот претседател Џо Бајден на заедничката прес-конференција со германскиот канцелар Олаф Шолц и притоа мисли на „крај“ за гасоводот Северен тек 2 доколку Русија повторно ја повреди границата со Украина. Така зборува светска сила која е сигурна во својот партнер. Зашто „крајот“ ќе мора да го спроведе Германија. Тука доаѓа гасоводот од Русија.

Канцеларот не му противречеше на Бајден. Смета дека тоа би морало да е доволно. Зашто, Шолц не може да се натера да проговори директно за Северен тек 2. Наместо тоа, избира формулации кои им се добро познати на многу набљудувачи во изминатите 62 дена од неговиот мандат, вели дека во случај на руска инвазија во Украина сѐ би било „на маса“ и дека тоа „многу би ја чинело Русија“. Тука не помага многу ниту неговата закана дека би можело „да се случи многу повеќе“ од она што Русија можеби го очекува. Тоа овде не го разбира никој.

Настап кој не беше сјаен

#woistScholz (во превод - #кадееШолц) е хаштаг во Германија кој канцеларот сакаше да го остави зад себе по патувањето во Вашингтон. Со недели ретко даваше изјави, а и сега немаше сјаен настап како „лидер на Европа“, кому човек може да му се јави кога сака да разговара со Европа.

Berlin DW  Michaela Küfner
Михаела КифнерФотографија: DW

Пред да пристигне во САД, големото прашање во Вашингтон гласеше: „Дали можеме да се потпреме на Шолц?“ Поради тоа, претседателот Бајден го опсипуваше со оценки дека тој „нема сомнежи“ во тоа колку Шолц и Германија се „апсолутно доверливи“. Но, тоа нема да помогне многу за да ја заузда американската критика на сметка на канцеларот.

Зашто Шолц не зборуваше ниту за тоа, не изговори ниту еден цитат, дури и кога зборуваше англиски. Немаше изјави во стилот: „Германија ќе ги гарантира вредностите кои Европа ги дели со Америка“. Добро, кај него нема патос, но поентата е дека и во тој дел немаше никаков подарок за домаќинот.

А, тоа ќе беше толку важно. Различни експерти со недели на телевизиите од утро до вечер трубат дека Берлин повторно се повлекува во врска со тешките теми и наместо оружје, во Украина испраќа шлемови и воени болници.

Во стапките на претходничката

Добро е познато дека Шолц, исто како и мнозинството Германци, сака со дипломатија да го осигура мирот во Европа. Америка, пак, не се стеснува од „создавање“ мир ако е потребно и со воени средства. Тука е малку од помош и најавата на Германија дека ќе испрати дополнителни 350 војници во трупите на НАТО во Литванија.

Накусо: Шолц зборува дипломатски јазик кој тешко се преведува на јазикот на Американците, а особено не на јазикот на американските моќни политичари во Конгресот. И Бајден го чувствува притисокот оттаму. Канцеларот Шолц, пак, мора да му се спротивстави и на поранешниот канцелар и сопартиец Герхард Шредер, кој само што беше избран во надзорниот одбор на рускиот државен лиферант на гас - Газпром и кој и го започна гасоводот Северен тек.

Освен тоа, додека Шолц и Бајден разговараа во Вашингтон, пред камерите во Москва застанаа и Емануел Макрон и Владимир Путин. Рускиот претседател најави дека за неколку дена ќе разговара повторно телефонски со својот француски колега. Така, конците во најопасната конфронтација со Русија од крајот на Студената војна на крајот би можеле да завршат во Париз. Стапките на Ангела Меркел сега повторно се премеруваат.