1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шолц бара почеток на преговорите со ЕУ без одложување

БГ
11 јуни 2022

Германскиот канцелар Олаф Шолц од Скопје изрази силна поддршка за почеток на пристапните преговори на земјата со ЕУ. Ковачевски не сака веќе да биде заложник на самитите на ЕУ.

https://p.dw.com/p/4CZ6Y
Nord-Mazedonien Skopje | Besuch Olaf Scholz, Bundeskanzler | mit Dimitar Kovacevski, Premierminister
Фотографија: P. Stojanovski/DW

Крајно време е да се исполни ветувањето за почеток на пристапните преговори со Северна Македонија, порача од Скопје германскиот канцелар Олаф Шолц. По средбата со домаќинот, македонскиот премиер Димитар Ковачевски, германскиот канцелар изрази надеж дека на јунскиот самит на ЕУ ќе се најде решение за спорот кој го блокира пристапувањето на Северна Македонија.

„Земјата ги исполни сите услови. Затоа ние треба да ја завршиме нашата работа“, рече Шолц на заедничката прес-конференција со Ковачевски.

„Пристапните преговори треба да започнат и јас ќе се заложам за тоа. Ја охрабрувам Северна Македонија да продолжи ангажирано по патот на реформите“, рече Шолц.

И македонскиот премиер Ковачевски очекува ЕУ да си го исполни ветувањето, но вели дека откако неговата земја ги исполнила сите услови, сега сѐ е во рацете на земјите-членки. 

Олаф Шолц Димитар Ковачевски
„Не можеме вечно да бидеме заложници на самитите на ЕУ“, вели КовачевскиФотографија: P. Stojanovski/DW

„Не можеме вечно да бидеме заложници на самитите на ЕУ, дали ќе има датум или не. Тоа не зависи од Северна Македонија, туку од 27 земји членки. А во моментов, како што гледаме, тоа зависи само од една земја-членка на ЕУ која ги држи Северна Македонија и Албанија како заложници“, порача Ковачевски. 

Северна Македонија е кандидат за членство во ЕУ од 2005 година, и оттогаш добиваше повеќе позитивни препораки за почеток на пристапните преговори, но билатералните спорови го блокираа напредокот. Прво со Грција, а сега и со Бугарија. 

Германија е сериозна за евроинтеграциите 

За Германија, како што рече Шолц, Западниот Балкан има стратешко значење, и тој се залага за прием на шесте држави во Европската Унија. 

Олаф Шолц
„Германија е сериозна со евроинтеграцијата на државите од регионот, а ова особено важи за Северна Македонија,“ рече ШолцФотографија: P. Stojanovski/DW

„Германија е сериозна со евроинтеграцијата на државите од регионот, а ова особено важи за Северна Македонија“, рече Шолц. 

Шолц ги заостри пораките кон Србија, Вучиќ е наводно изненаден

Од Скопје, германскиот канцелар отпатува за Софија, каде попладнево има средби со бугарскиот премиер Кирил Петков и претседателот Румен Радев. Тема е бугарското вето за Северна Македонија, кое истовремено ја кочи и Албанија.

Шолц од Скопје порача дека тој лично ќе се заложи да ѝ се даде зелено светло на Северна Македонија, и да се убедат и другите да го сторат тоа.

Ова е втора посета на еден германски канцелар на Северна Македонија во последните четири години. На 8 септември 2018 година, непосредно пред референдумот за промена на името, земјата ја посети и тогашната канцеларка Ангела Меркел. 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема