1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЕкономијаСоединети Американски Држави

САД и натаму дозволуваат купување руска нафта

СН/агенции | АРД
18 април 2026

Војната на Блискиот Исток предизвика скок на цените на енергенсите. Како контрамерка, САД го продолжија за уште еден месец олеснувањето на своите санкции за руската нафта- иако пред само неколку дена тонoт беше поинаков.

https://p.dw.com/p/5CPjk
Танкер со руска нафта плови во Арапското море во близина на индиското крајбрежје
Продолжувањето на олезнувањата на санкциите ќе им овозможи на земјите да купуваат руска нафта до 16 мајФотографија: Amit Dave/REUTERS

Поради и натаму високите цени на енергенсите, САД засега остануваат на мерката за олеснување на санкциите за руската нафта, усвоени во март. Американското Министерство за финансии издаде лиценца што до 16 мај дозволува продажба и испорака на руска сурова нафта и руски нафтени производи кои веќе се на бродови. Олеснувањата првпат стапија на сила во средината на март. Тие требаше да важат до 11 април, со цел да се спротивстави на значително зголемените цени на нафтата поради војната на САД и на Израел против Иран и да се стабилизира состојбата на светскиот пазар. Олеснувањето на санкциите се однесува и на бродовите на таканаречената руска „сенишна флота“. Исклучок се само руските испораки на нафта за Иран, Куба и Северна Кореја, како и за украинските територии окупирани од Русија.

Олеснувањата ѝ носат на Русија значително зголемени приходи, според МАЕ

На меѓународно ниво, делумното укинување на санкциите е многу спорно особено во Европа, бидејќи би можело да ги попречи напорите да ѝ се отежне на Русија финансирањето на агресорската војна против Украина. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека сега не е вистинскиот момент за олеснување на санкциите против Русија.

Русија со сенишна флота го заобиколува нафтеното ембарго

Според податоците на Меѓународната агенција за енергија (МАЕ), Русија благодарение на олеснатите санкции речиси ги удвоила своите приходи од нафтениот бизнис. Притоа, пред сè Кина купувала руска нафта во големи количини, а и Индија. И земји како Филипините, по долго време, повторно набавувале нафта од Русија. 

Предизборен притисок 

Портпарол на американското Министерство за финансии изјави дека целта е да се обезбеди „нафта да биде достапна за оние на кои им е потребна“. Пред само неколку дена, министерот за финансии Скот Бесент изјави дека Вашингтон нема да го продолжи олеснувањето на санкциите. Меѓутоа, Доналд Трамп и неговите републиканци се соочуваат со незадоволство кај американската јавност поради зголемените цени. Во ноември во САД ќе се одржат таканаречените меѓуизбори за Конгресот, на кои партијата на Трамп мора да ги одбрани своите мнозинства во Претставничкиот дом и во Сенатот. Освен тоа, според извори блиски до администрацијата на Трамп, и повеќе партнерски земји на САД во изминатите денови вршеле притисок, на маргините на меѓународните средби во Вашингтон, олеснувањето на санкциите да биде продолжено.