1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЕкономијаСоединети Американски Држави

САД започнуваат со поврат на незаконските царини на Трамп

АРД
21 април 2026

Во САД започна повратот на незаконските царини на Трамп. Станува збор за милијарди за 330.000 погодени компании. Дали ова е конечно пресвртницата за која сонуваат противниците на самоволната царинска политика на Трамп?

https://p.dw.com/p/5CYr1
Товарен брод со контејнери на закотвен на пристаништето во Лос Анџелес
Повеќе од 56.000 фирми увознички во САД веќе се регистрирале за постапката за поврат на царините.Фотографија: Mario Tama/Getty Images/AFP

Со почетокот на неделата, во САД започна повратот на царините на Трамп, кои Врховниот суд на САД во својата важечка пресуда од февруари ги прогласи за незаконски. Меѓутоа, ова е многу повеќе од сложен бирократски потфат. Станува збор за задоцнета корекција на трговската политика која со месеци ги оптоваруваше компаниите.

Самиот обем на целиот процес е без преседан во историјата на САД. Се говори за поврат до 166 милијарди долари, додека проценките на моделот Пен-Вартон Баџет одат и до 175 милијарди долари. Само за првата фаза од повратот, која сега започнува, се предвидени 127 милијарди долари. Повеќе од 56.000 увозници веќе се регистрирале за оваа постапка.

Според судските документи, вкупно над 330.000 увозници платиле царини за околу 53 милиони пратки со стока, иако Доналд Трамп – според мислењето на Врховниот суд – немал законски овластувања за нивно воведување.

Планирани се збирни исплати

Процесот на поврат започнува значително побрзо отколку што американскиот претседател првично тврдеше. По пресудата на Врховниот суд, Трамп изјави: „Претпоставувам дека ова ќе се влече по судовите уште две години.“

Претседателот на САД, Доналд Трамп гестикулира со рацете додека говори на прес-конференција. Од левата и од десната страна стојат двајца мажи и зад него се гледа знамето на САД
Доналд Трамп на прес-конференција по пресудата на Врховниот суд против употребата на вонредни овластувања за воведување царини (Вашингтон, 20 февруари 2026 година)Фотографија: Kevin Dietsch/Getty Images

Во реалноста, судијата Ричард Итон од Меѓународниот трговски суд (Court of International Trade) уште на почетокот на март ѝ наложи на владата да ја започне постапката за поврат, но на крајот сепак ѝ одобри дополнително време – постојниот систем едноставно не бил предвиден за толку обемен поврат на средства. 

Американската царинска служба (CBP) за таа цел разви посебна алатка наречена КАПЕ. Со неа треба да се обработуваат збирни поврати, така што погодените увозници нема да добиваат надомест за секој поединечен увоз одделно, туку една заедничка електронска исплата — по потреба и со пресметка на камати.

Што значи тоа за претпријатијата

За погодените увозници, повратот на царините теоретски претставува значаен поттик за ликвидноста. Капиталот што претходно бил врзан во царински давачки сега се враќа во нивните каси.

Меѓутоа, прашање е колку таквото сценарио е реално остварливо. Стручњаците оценуваат дека дури и во најповолен случај, програма за поврат од вакви размери ќе биде сложена и долготрајна. Некои претпријатија можеби нема да го преживеат тоа. Особено се загрозени малите и средните претпријатија, пишува Волстрит џурнал. Многу компании ги одложиле клучните инвестиции, додека одредени бизнис‑модели се наоѓаат пред колапс.

Илјадници тужби – и страв од гневот на Трамп

За да ги зголемат шансите за што побрз поврат на средствата, бројни претпријатија покренаа судски постапки. Повеќе од 3.000 тужби се поднесени до Меѓународниот трговски суд. Меѓу попознатите тужители се Федекс, Костко и Нинтендо.

Од друга страна, многу големи американски корпорации, како што е Волмарт, ги избегнуваа ваквите тужби — од страв дека ќе го предизвикаат политичкиот гнев на Трамп.

Поглед одозгора на бродски товарни контејнери на пристаништето Стејтен Ајленд
Бродски товарни контејнери на пристаништето Стејтен Ајленд во Њујорк: Царините на Трамп предизвикаа сериозна штета не само на светската, туку и на американската економијаФотографија: Charly Triballeau/AFP

Најголемиот дел од тужителите се мали и многу мали претпријатија на кои повратот на парите им е итно потребен. Одделни компании ги продале своите побарувања по основ на поврат на инвеститори, со цел побрзо да дојдат до готовина и да обезбедат ликвидност. 

Неизвесноста останува

Поради сето наведено, почетокот на повратот на царините не претставува очекуван голем пресврт ниту одлучувачки олеснувачки удар за претпријатијата. Дополнителна неизвесност внесе и реакцијата на Трамп на пресудата на Врховниот суд: воведување нови глобални царини од десет проценти, овојпат со повикување на друга законска основа – член 122 од Законот за трговија (Trade Act). Овие царински мерки стапија во сила на 24 февруари и во меѓувреме и самите станаа предмет на нови тужби пред Меѓународниот трговски суд.

Економскиот биланс на Трамп – една година подоцна

За претприемачите тоа значи нови ризици и продолжена неизвесност. Критичарите му замеруваат на Доналд Трамп дека сериозно ја нарушил довербата на компаниите во предвидливоста на американската економска политика. Недостигот на доверба негативно влијае врз инвестициите, а со тоа и врз вкупната економска активност.

Сѐ на сѐ, сметаат критичарите, Трамп со својот таканаречен „Ден на ослободувањето“ им направил мечкина услуга на претпријатијата во САД и на домашната економија.

Како што администрацијата на Трамп ќе напредува со враќањето на царините, јавноста наскоро ќе има појасен увид во резултатите. Судијата Итон ѝ наложи на владата најдоцна до 28 април во 12 часот да достави извештај за досегашната состојба на обработката на барањата за поврат на средства.

Авторка на текстот: Ангела Гепферт, АРД, Вашингтон