Русија остварува милијарди од поскапувањето на нафтата
7 април 2026
Русија, според пресметките на Германско-Руската надворешнотрговска комора, остварува милијарди евра дополнителни приходи од извоз на суровини поради фактичката блокада на Ормускиот Теснец. Добивките на Русија од извозот на нафта, гас и ѓубрива изнесуваат повеќе од десет милијарди евра месечно, соопшти Комората. „Русија е големиот победник во новата војна на Блискиот Исток“, изјави за германската агенција ДПА претседателот на Комората, Матијас Шеп.
Русија профитира од зголемените цени на суровините на светскиот пазар затоа што користи други извозни рути. Сето тоа може да ѝ донесе „неочекуван прилив на пари од историски размери“, вели Шеп. Само при одржување на цената на нафтата од околу 100 американски долари, Русија може да смета на годишно зголемување од 71,8 милијарди долари (62,1 милијарди евра) во буџетот.
Цената на нафтата од типот „Брент“со испорака во јуни на почетокот на неделава порасна на повеќе од 111 американски долари по барел (159 литри). Тоа се скоро 40 долари повеќе од почетокот на војната.
Рускиот буџет во голем дел зависи од продажбата на нафта и гас - моментално во буџетот се пресметани 59 долари по барел. Пред војната со Иран, поради цена на нафтата под планираното ниво, буџетот беше во дефицит. „При моменталните цени, Москва може само од нафта и гас да оствари околу 50 милијарди долари дополнителни приходи годишно“, соопшти Комората.
Русија со извоз ги финансира и своите операции во Украина
Русија, која исто така се надева на укинување на западните санкции, со приходите од продажбата на суровини ги финансира и своите воени активности во Украина. Некои во Москва веќе се надеваат на цена на нафтата од 200 долари по барел. Тогаш, според Комората, приходите би достигнале 350,4 милијарди долари — односно 247 милијарди долари повеќе од планираното во буџетот.
Комората пресмета и што значи порастот на цените за Германија. При цена од 100 долари по барел само германската сметка за увоз на нафта би можела да порасне на повеќе од 60 милијарди евра. „Заедно со повисоките трошоци за гас, на германската индустрија ѝ се заканува ценовен шок кој може да го уништи очекуваното економско закрепнување во 2026 година“, вели енергетскиот експерт на Комората, Томас Бајер.
Кај ѓубривото, Русија би можела да заработи до 8,9 милијарди евра дополнителни приходи. За германските земјоделски стопанства, пак, се закануваат повисоки трошоци од 36 до 145 евра по хектар земјоделско земјиште годишно, додаде Комората.
Според сопствени податоци, Надворешнотрговската комора со 750 членки е најголемата странска бизнис-асоцијација во Русија.