1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Украина: „Војната во секој случај ќе трае до 2025 година“

Тагесшау
21 август 2023

Војната во Украина ќе заврши најрано во 2025 година, проценува воениот експерт Густав Гресел. Во интервју за Тагесшау тој зборува за украинската офанзива и за предностите што ракетите „Таурус“ би ги имале за земјата.

https://p.dw.com/p/4VJf1
Украински војници во регионот на Харков
Украински војници во регионот на Харков (архивска фотографија)Фотографија: Kostiantyn Liberov/AP Photo/picture alliance

Тагесшау: Деновиве читаме многу навидум контрадикторни извештаи. Се вели дека украинските војници се заглавиле во мински појаси на руската армија. Од друга страна, читаме за освојувања на поединечни села. Како би го опишале текот на украинската офанзива?

Густав Гресел: Украинската офанзива очигледно не ги исполнува првичните очекувања и оперативните цели за стигнување до брегот на Азовското Море и отсекување на Крим од останатите руски единици. Со оглед на нивото на загуби, тоа, барем во моментов, е нереално. Во моментов, украинската офанзива очигледно е првенствено насочена кон јужниот град Токмак, во регионот Запорожје. Сепак, руската одбрана таму е многу цврста, па ќе биде тешко да се пробие. Но, има индивидуални успеси. Украинците неодамна почнаа да ги повлекуваат дотраените единици од првите редови и да ги заменуваат со нови. Имаат поголема моќ и се посвежи кога напаѓаат.

Тагесшау: Дали може да има пробив на друго место?

Густав Гресел: Може да се случи пробив меѓу Запорожје и Доњецк, кај населбата Велика Новосилка, но ако потоа се сака да се продолжи на југ, кон Бердјанск, тоа би било многу долга оска. И по три месеци офанзива, сè повеќе сум скептичен дека Украинаможе да собере доволно резерви за да искористи таков пробив.

Тагесшау: Жалби за истрошените сили може да се слушнат и од руската армија, последно по заземањето на селото Урошајне. Потоа, руски командант се пожали на лошиот квалитет на неговите војници. Дали е ова симптоматично?

Густав Гресел, воен експерт
Густав Гресел, Европски совет за надворешна политикаФотографија: DW

Густав Гресел: Мислам дека тоа е симптоматично за двете сили. Трошењето во оваа војна беше огромно и малку повисоко на руската страна отколку на украинската. Двете страни се надополнуваат со резерви. Персоналот што се мобилизира на двете страни е сѐ постар. Од воената обука што е добиена пред мобилизацијата изминува сѐ повеќе време, кривата на заборавање расте, професионалноста опаѓа. Ова е проблем за командантите од двете страни, а на руската страна тука е и фактот дека моралот понекогаш е понизок поради недостигот на ротации и дека особено постарите луѓе побрзо ги достигнуваат своите граници поради постојаниот стрес. Прашањето е колку тоа ќе им користи на Украинците.

Тагесшау: Од друга страна, руската армија напредува на север; Минатата недела украинското раководство ја евакуираше областа Купјанск. Какво воено значење има овој дел од фронтот?

Густав Гресел: Воената вредност е ниска. Украинците претпоставуваат дека руската армија на север има собрано 100.000 војници и 900 тенкови - сили кои всушност ќе ѝ требаат да ги одврати украинските напади на југ и да може да се ротира таму. Но, постои раскол меѓу рускиот претседател Владимир Путин и неговите генерали. Раководството на армијата се залага за ставање посилен акцент на дефанзива и трошење на украинската армија. Путин, од друга страна, бара целосно да се „ослободат“ областите Доњецк и Луганск. Купјанск е на северната рута кон градовите кои сè уште се под украинска контрола во Доњецката област - Славјанск, Краматорск и Бахмут. Затоа може да се претпостави дека Путин оваа можна офанзива ја наредил од политички причини.

Тагесшау: Со оглед на тековните напади врз украинските градови и инфраструктура, Украина притиска за испорака на оружје кое би ја подобрило противвоздушната одбрана. Меѓу другото, станува збор и за ракетите „Tаурус“ од Германија. Германската влада очигледно сака технички да ги ограничи пред да ги испорача. Дали е тоа разбирлив став?

Густав Гресел: Да се ​​работи навистина за тоа, тогаш тоа би била релативно детска дискусија. Има договор меѓу Украинците и Британците и Французите за користење на испорачаните ракети Сторм Шедоу и Скалп само на украинска територија, односно со нив да не се напаѓа самата Русија. Украина се држи до тоа. Иако „Tаурус“ има далеку поголем дострел отколку што ѝ треба на Украина, овој дострел би им овозможил на украинските борбени авиони да ги лансираат овие крстосувачки ракети од релативно безбедни области во западна Украина. Оваа тактичка предност не треба да им се одзема на Украинците. Но, можеби се работи за нешто друго. За Германија и Шведска, ракетите „Таурус“ се важен дел од сопствената одбрана во регионот на Балтичкото Море во случај на напад од Русија. „Таурус“ се направени за оваа намена. Но, ако сега се користат во Украина, Русите ќе видат како функционираат ракетите. Затоа би било замисливо и не би било невообичаено да се направат одредени модификации за Русите да се спречат да ги истражат точните технички детали за ракетата.

Тагесшау: Медиумските извештаи за наводните изјави на шефот на кабинетот на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, за можни мировни преговори, предизвикаа возбуда оваа недела. Извештаите се демантирани. Дали сепак може да се претпостави дека се размислува и за такво нешто?

Густав Гресел: Самиот НАТО не се занимава со ова, но ќе има сојузнички влади кои размислуваат за такви работи. Белата куќа и Канцлерамтот во Берлин се јасно ориентирани кон тоа дека Украина ќе мора да преговара со Русија во одреден момент и дека испораките на оружје служат за ставање на Украина во подобра преговарачка позиција од Русија. Но, тие не треба да ѝ овозможат на Украина воено да ја порази Русија. Проблемот притоа е што Русија и Украина сакаат одлука во оваа војна. Русија продолжува да се залага за целосно уништување на Украина како независна држава и не сака да преговара за ништо под оваа воена цел. Украина, од друга страна, сѐ повеќе ја нарекува оваа војна своја војна за независност и сака Русија на крајот да биде принудена да ја признае Украина како независна држава. Тогаш не треба да има веќе отворени територијални прашања, за Русија, преку псевдо-републики или анектирани територии, да не биде и натаму со „стапалото пред врата“. Желбата за преговори значи не ја одразува политичката реалност на завојуваните страни. Во таа смисла, всушност оваа желба може слободно да се игнорира.

Тагесшау: Од ова заклучувам дека очекувате војната да продолжи барем во наредната година.

Густав Гресел: Мора да се смета со тоа дека оваа војна во секој случај ќе трае до 2025 година. Од руска перспектива, доколку Доналд Трамп победи на претседателските избори во САД во ноември 2024 година, тој би можел да понуди договор во јануари 2025 година, што ќе ја направи пролетта 2025 година најран термин кога војната би можела да заврши под условите на Русија. Од друга страна, доколку Џо Бајден победи на изборите, што е малку поверојатно во моментов, може да се очекува војната да трае и по 2025 година.

Разговорот го водеше Екарт Арец, tagesschau.de

На првата линија на украинската контраофанзива