1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ОбразованиеИран

Бројни ученици во Иран не можат да следат настава

Шабнам фон Хајн
25 април 2026

Иранските училишта се затворени поради војната. Наставата се одвива преку ТВ-програми и националниот интранет. Оние без лаптоп или смартфон остануваат исклучени. Земјата е фактички отсечена од интернет.

https://p.dw.com/p/5Cl1Y
Урнатини во училница во Техеран оштетена во американско-израелски напад
Многу училишни згради во густо населените градови беа уништени за време на војнатаФотографија: Shadati/Xinhua/IMAGO

„До натамошно известување, нема да има часови во живо во училиштата низ целата земја“, објави Министерството за образование на Иран минатата недела. Од 21 април, часовите привремено се одржуваат онлајн преку посебна платформа, како и преку државната телевизиска програма Иранско ТВ-училиште. Оваа промена важи за сите видови училишта и сите одделенија низ целата земја и останува на сила до понатамошно известување.

Во земјата постои неизвесност поради можното продолжување на воздушните напади од страна на САД и на Израел. Иако, по шест недели, војната беше привремено запрена со кревко примирје, кое во меѓувреме беше продолжено, ситуацијата сè уште останува тензична.

Според директорот на Организацијата за реконструкција, развој и опремување на училишта, повеќе од 640 образовни објекти беа оштетени во 17 провинции за време на војната. Околу 250 од нив се сериозно оштетени и ќе има темелна санација, додека најмалку 15 училишта се сметаат за непоправливи и ќе треба целосно да се обноват.

Преминување кон националната интранет мрежа

Според организацијата НетБлокс, 21 април го означи најдолгиот прекин на интернетот на национално ниво. Организацијата со седиште во Лондон ја следи сајбер безбедноста и цензурата на интернет. Земјата, како што се наведува, во голема мерка е отсечена од глобалниот интернет.

Многу врски сега работат преку националната интранет мрежа, која е строго ограничена и дозволува пристап само до домашни веб-страници. Дури и пред целосниот прекин, пристапот до интернет во Иран беше строго филтриран. Голем број платформи за социјални мрежи беа блокирани, принудувајќи многу корисници да користат ВПН софтвер за да ги заобиколат ограничувањата.

„Интернет блокадата на Иран веројатно никогаш нема да биде целосно укината“, вели експертот за сајбер безбедност Амир Рашиди, директор на Миаан Груп, која се залага за човекови права, дигитални слободи и социјална правда во Иран и регионот MEНA.

Човек на телевизор ја гледа Иранската државна телевизија на кој водител покажува на мапа на електраните кои се под закана од американско-израелски напад.
Иранската државна телевизија ја пренесува програмата Иранско-ТВ-училиштеФотографија: AFP/Getty Images

Тој додава: „Идејата на која иранските власти работат долго време е некаков вид интранет кој е целосно одделен од глобалниот интернет. Станува збор за сеопфатна државна контрола на дигиталниот простор“.

На овој начин, властите можат да ги спречат луѓето да комуницираат едни со други, да организираат протести или да шират фотографии од тие настани. Во исто време, одредени дигитални услуги сè уште можат да се користат преку интранет, како што се апликации за нарачка на храна или услуги за возење.

Иранско ТВ-училиште: училница на телевизија

Меѓутоа, преминот на онлајн настава е голем предизвик, особено за учениците од социјално загрозените семејства и посиромашните региони во земјата. „Веќе делумно спроведовме виртуелни часови за време на пандемијата на коронавирусот преку апликации и платформи кои функционираат преку националната интранет мрежа“, објаснува Рашиди.

„Меѓутоа, проблемот е што во некои региони, како што се Систан и Белуџистан, речиси и да нема мрежна поврзаност поради недостаток на потребна инфраструктура. Покрај тоа, повеќето луѓе во Иран пристапуваат до интернет преку мобилни телефони. Има помалку паметни телефони во тие региони, а уште помалку уреди што им се потребни на учениците, како што се лаптопите.“

Уште за време на пандемијата на коронавирусот, бројни организации, во земјата и во странство, организираа донаторски кампањи за собирање пари или обезбедување користени уреди. Сепак, зголемената невработеност и натамошното зголемување на инфлацијата од почетокот на војната доведоа до значително намалување на поддршката, известуваат активистите на терен.

Поради недостатокот на пристап до интернет во некои делови од земјата, дел од часовите ќе бидат префрлени на државната телевизиска програма Иранско ТВ-училиште. Според иранската новинска агенција Фарс, на пример, во 14 часот на телевизија се емитува математика за седмо, осмо и деветто одделение, додека физика за дванаесетто одделение следи во 18 часот.

Во парламентот во моментов се водат дискусии со цел брзо проширување на националната информациска мрежа, зголемување на пропусниот опсег за образовните институции и развој на стандардизирани наставни содржини. Алиреза Манади Сефидан, претседател на парламентарниот комитет за образование и истражување, во неделата (19 април) повика на дополнителни инвестиции за подобрување на условите за далечинско образование во училиштата и универзитетите низ целата земја.

Националната интранет мрежа сè повеќе станува централна инфраструктура на јавниот живот, додека пристапот до глобалниот интернет останува дополнително ограничен, а голем дел од населението е сè повеќе изолирано од надворешниот свет.