1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонските универзитети надвор од листата Глобал 2000

1 јуни 2026

Македонските универзитети надвор од листата Глобал 2000: како стои регионот и кои се најдобро рангирани

https://p.dw.com/p/5Ef7q
Студенти на УКИМ
Македонските универзитети надвор од листата Глобал 2000Фотографија: DW/K. Ozimec

Ниту еден од македонските универзитети не се најде на најновата листа „Глобал 2000“,објавена од Центарот за рангирање на светски универзитети (CWUR). Листата е изработена врз основа на анализа на повеќе од 80 милиони податоци и претставува глобална референтна листа за рангирање на универзитети.

И покрај широката анализа, ниту еден од македонските универзитети не успеа да се позиционира меѓу најдобрите 2.000 универзитети во светот.

Листа на најдобро рангирани универзитети во регионот

Најдобро рангиран универзитет од регионот е Универзитетот во Белград, кој се наоѓа на 393 место. Следуваат Универзитетот во Љубљана на 444 место и Универзитетот во Загреб на 522 место. 

Од Србија, на листата „Глобал 2000“ се најдоа уште Универзитетите во Нови Сад, Крагуевац и Ниш. Што се однесува до Хрватска, Универзитетот во Сплит е на 953 место, додека Универзитетот во Риека е на 1.658 место

Универзитетот во Марибор, Словенија е на 1.293 место. 

Мали држави - многу високообразовни институции

Бленди Ходаи, студент на Филозофскиот факултет, граѓански активист и директор на Форумот за образовни промени на социјалните мрежи реагира дека ова е втора година по ред како ниту еден универзитет од Македонија не се најде меѓу најдобрите универзитети во светот.

„Во меѓувреме, универзитетите во Крагуевац и Ниш се рангирани пред УКИМ, УТ и останатите универзитети во државата“, вели тој, критикувајќи дека за разлика од Македонија, соседните земји инвестираат во квалитет, наука и меѓународна видливост.

Топ 10 универзитети во светот

Според листата, најдобро рангирани универзитети во светот се: Харвард, МИТ, Стенфорд, Кембриџ, Оксфорд, Принстон, Универзитетот во Пенсилванија, Колумбија, Јеил и Универзитетот во Чикаго.

Соединетите Американски Држави имаат осум од првите десет универзитети во светот, како и 313 институции меѓу првите 2.000. Кина се наоѓа на првото место според број на универзитети на листата, со 360 институции.

Други земји:

  • Јапонија – 102 универзитети (води Универзитетот во Токио – 13 место)
  • Обединетото Кралство – 89 институции
  • Франција – 71 институција 
  • Русија – 42 универзитети

На листата се најдоа и 69 универзитети во Германија, а најдобро е рангиран Универзитетот Лудвиг Максимилијан (LMU) во Минхен, кој е на 51 место.

Критериуми за рангирање

Вкупно биле рангирани 21.291 институции, а само најдобрите се најдоа на листата „Глобал 2000“.

Рангирањето се базира на четири главни критериуми: квалитет на образование (25%), вработливост на дипломирани студенти (25%), квалитет на наставен кадар (10%) и истражувачка работа (40%). 

CWUR не користи анкети или податоци доставени од самите универзитети, туку се потпира на објективни показатели.

Дополнително, истражувачката работа е детално анализирана преку број на објавени трудови, публикации во водечки списанија, влијание на истражувањата и број на цитирани трудови.