Техничкиот универзитет во Минхен меѓу десетте најдобри во Германија
5 септември 2006
Кадровски и финансиски е на завидно ниво, а таму учат 20 000 студенти од кои 20% се странци. Околу 400 професори и околу 7000 соработници работат на Универзитетот. Што има овој универзитет што го немаат останатите, и зошто е меѓу десетте најдобри во Германија, одговара Штефан Гајер во следниот прилог.
Низа познати имиња и откритија се врзани за Техничкиот универзитет во Минхен. Меѓу нив се конструирањето на првиот дизел мотор од страна на Рудолф Дизел. Или пак откривање на структурата на хемоглобинот, која ја откри Ханс Фишер кој за тоа во 1930 доби и Нобелова награда. Сегашното име “Технички универзитет” е старо само 35 години. Кога е основан се викал Политехничко училиште, а потоа Баварски кралски факултет во Минхен. Денеска Техничкиот универзитет во Минхен или скратено ТУМ е најдобрата адреса за сите студенти, кои студираат машинство, електротехника или хемија. Претседетелот на ТУМ, Волфганг Херман:
“Врвен универзитет подразбира и врвни научни истражувања, но и висок квалитет на катедри и предавачи. Нашата мисија се состои во тоа дека заедно со студентите одиме во авантура на стекнување на знаења и нови сознанија кои можат да се применуваат во техниката и во општеството”.
Техничкиот универзитет во Минхен има 12 факултети и една клиника, сместени на четири различни локации. Претседателот Волфганг Херман за понудата за студентите вели;
“Нудиме широк асортиман на содржини, организирани на високо ниво. Пружаме и интензивни консултации, а што се однесува до содржините, тие се ориентирани кон пазарот на трудот. Редовно организираме таканаречени саеми за вработување, на кои се воспоставуваат контакти со идните потенцијални вработувачи, а кој во голем дел го организираат и самите студенти”.
Техничкиот универзитет во Минхен тесно сораборува и со индустриските концерни и компании, што е негов голем плус. Особено ако се има в предвид дека на овој начин, т.е. со помош на таканеречените саеми за вработување, на кои може веднаш по студирањето да се добие работа, пружа добра перспектива. Овие студенти, кога е во прашање нивното знаење и способност, се на многу добар глас, меѓу најдобрите во Германија. Директорот на Универзитетот Волфганг Херман вели:
“Технички кажано, тоа е машина која одлично функционира. Едноставно е, кога ќе ги донесете најдобрите научници, добивате најдобри студенти. Тоа е заедничко доживување на полето на науката и техниката. Онаму каде што го нема тоа,нема ниту квалитетен универзитет”.
Во борбата за создавање престижен имиџ, пример за Техничкиот универзитет во Минхен се Техничкиот универзитет во Цирих кој има три пати повеќе пари, како и технолошкиот институт во Масачусетс. Ако универзитетот сака меѓународно признание, мора да биде во состојба да се мери со најдобрите, смета претседателот на Универзитетот во Минхен, Херман кој заклучува:
”За нас елитен универзитет значи оној кој на секој студент ќе му овозможи да најде свое работно место и во полна мера да го развие својот талент. Тоа за нас е елитен универзитет”.