Тивка средба на експертските групи од Скопје и Софија
3 октомври 2023Со идентично соопштение и без детали, македонското и бугарското МНР соопштија дека вчера во Скопје се одржал состанок на експертските работни групи на министерствата за надворешни работи на Република Северна Македонија и на Република Бугарија.
„Во текот на состанокот, двете страни заемно се информираа за текот на реализацијата на преземените ангажмани согласно со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка и Протоколите од одржаните средби на Заедничката меѓувладина комисија согласно чл. 12 од Договорот. Посебно внимание во разговорите беше посветено на главните теми од билатералниот политички дијалог, активностите за унапредување на меѓуинституционалната соработка и комуникација во функција на зацврстување на меѓусебната доверба“, се вели во идентично соопштение објавено од двете министерства.
Обврски за учебниците
Засега нема никакви детали за тоа како е оценета реализација на преземените обврски од Договорот и Протоколите, имајќи предвид дека некои од нив засегаат актуелни датуми. На пример, една од мерките кои требало да бидат преземени во согласност со Протоколот од Вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија одржана на 17-ти јули во Софија, е Владата на РСМ до почетокот на учебната 2023-2024 година да ја промени содржината на учебникот по Географија за втора година реформирано гимназиско образование во врска со неосновани етнички/територијални претензии.
Учебник по географија за за втора година реформирано гимназиско образование беше повлечен уште во март 2021 година, а од МОН тогаш објаснија дека го поради неточна содржина, а и навредлива за Албанците и дека и во иднина од наставата ќе се отстрануваат учебници со несоодветна содржина.
Во Протоколот од состанокот одржан на 17-ти јули 2022 година се оценува дека работата на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања „е под очекувањата“ споредено со Протоколот од состанокот на Заедничката меѓувладина комисија од 2019 година, согласно чл. 12 од Договорот со 2017 година. Притоа двете страни се ангажираат да создадат поволни услови за нејзина работа и ја охрабруваат да работи со поголема ефикасност и за постигнување конкретни резултати врз основа на строго научна дебата и со цел претставување на факти и настани од заедничката историја која ги поврзува двете држави и нивните народи, во образовните системи на двете земји. Во Протоколот се потсетува и дека согласно со Договорот од 2017 година, работата на Комисијата не може да биде еднострано прекината. Двете страни тогаш се договориле - не подоцна од учебната 2024-2025 година да ги сообразат, каде што е неопходно, сите учебници по историја во наставната програма, така што ќе ги одразуваат до тој момент постигнатите резулати од работата на Комисијата.
Ниту на овој план не е познато дали има тековни активности. Странична индиција дојде од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, која во известувањето за „Состојбата со обезбедување на учебници во основното образование за учебната 2023/24“, на 4-ти септември го нотираше следниот податок.
„За предметот историја за VII одделение (2 учебника), историја за VIII одделение и историја за IX одделение (2 учебника од различни издавачи) МОН ‘во моментов не нарачува дополнителен тираж заради историската комисија'. Комисијата не може да утврди дали ова значи дека учениците ќе ги користат постоечките одобрени учебници по историја или не“, соопшти тогаш КСЗД.
Објаснување немаше од ниедна институција.
Разногласие
Средбата на експертските работни групи од двете министерства се случува во време кога постои разногласие во врвот на власта околу можноста Софија да испорачува и нови барања. На прашањето дали има гаранции оти Бугарија нема да поставува натамошни барања по евентуалното усвојување на уставните измени, шефот на дипломатијата Бујар Османи ја изненади домашната јавност со одговорот во интервјуто за германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЦ).
„За жал, често сме биле разочарани, а динамиката во бугарската политика е толку несигурна што не се знае што ќе донесе утрешниот ден. Прилично сум сигурен дека Бугарија постојано ќе формулира нови барања. Но, за мене е важно што е на агендата на ЕУ, ништо друго. Ние постигнавме компромис со Бугарија, акциски план за малцинствата. Сакаме темата да ја префрлиме од историски интерпретации и идентитетски прашања кон човековите и малцинските права, затоа што во тоа сме добри“, рече Османи.
Прашан за коментар на оваа изјава на Османи, вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ вчера изрази увереност дека нема да има нова блокада.
„Мислам дека по завршувањето на уставните измени веќе никој, а особено не Бугарија нема да има кредибилитет да прави блокада бидејќи навистина доволно беа блокади. Не знам што рекол Османи, јас ви кажувам што сме разговарале досега многу пати. Нашите односи со Бугарија се цврсто забележани и напишани во преговарачката рамка и во сите билатерални документи што ги имаме со нив“, изјави Маричиќ.
Домашни барања
За да се поддржат уставните измени, се формулираат домашни барања од партиите на Албанците во опозицискиот блок - Беса, Алтернатива и Демократското движење. Тие бараат уставни измени во кои формулацијата „јазикот што го зборуваат 20 отсто од граѓаните" ќе се замни со формулацијата „албански јазик“, а Алтернатива бара да биде прифатен и нивниот уставен амандман против корупцијата.
„Верувам дека опозицијата ќе смогне сили да покаже минимум конструктивност и да покаже на дело дека навистина, како што тврди е за членство во ЕУ“, изјави вчера Маричиќ.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски уште од завчерашната конференција на партиската Унија на ветерани порача дека сонот на бугарската државна политика е големобугарска држава на грбот на Македонија, што секогаш било поддржано и од руските влијанија. Диктатот со кој сега е условена Македонија, го смета за продолжение на таа политика.
„Гледано низ историска призма, борбата на секоја генерација на секој народ е да обезбеди и освои подобри и нови позиции нормално сето тоа е потребно за да има подобри влијанија за својата држава. Оваа генерација не само што не обезбедува нови победи и подобри позиции, туку ги губи и оние кои ги стекнале минатите наши генерации. Ние, од постоење на Бледскиот договор потпишан 1947 година кој се случил помеѓу тогашна комунистичка Бугарија и тогашната федерација во чија составен дел беше Народна Република Македонија, каде се разговара и договара признавање на културната автономија и идентитетска потврда на Македонците во Бугарија, стигнавме за само 7 децении подоцна до позиција на одрекување од Македонците во Бугарија, притисоци за прифаќање на бугарскиот диктат и редица отстапки кои се во насока на себеодрекување", рече Мицкоски.
Тој потсети дека во посочениот период повеќе од 70 учители од тогашна Македонија ги учеле македонските деца во Западна Бугарија, и дека во 1947 година таму е отворен македонски народен театар каде имало претстави на македонски јазик, кој не не бил оспоруван од никого.
„Мојата порака до меѓународната заедница е - да не дозволите уште еднаш да бидете заложници на руските интереси удоволувајќи и на Бугарија за повторно да се обиде да го асимилира Македонецот. Додека јас сум претседател, ВМРО-ДПМНЕ нема никогаш да поддржи ваков бугарски диктат“, порача Мицкоски.