1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Документите на Пентагон и Србија: Несмасен обид за криење

Ивица Петровиќ
13 април 2023

Оружје од Србија не се извезува директно во Украина, туку заобиколно и преку приватни трговци, но власта мора да знае каде тоа завршува, вели новинарот Вук Цвијиќ по повод аферата околу протечените тајни документи од САД

https://p.dw.com/p/4PziE
Војска Србија
Српска војскаФотографија: Alexander Demianchuk/TASS/Imago Images

Доверливите документи на Пентагон, според кои наводно српско оружје завршува во Украина, не се премногу нова вест.

Минатиот месец медиуми блиски на Кремљ пишуваа дека извесна количина ракети од типот Град и` се продадени на Украина и дека во трансакцијата учествувале канадски, словачки, американски и турски фирми. Руски извори објавија снимки на тие ракети во складиште во Словачка, тврдејќи дека се наменети за Украина.

Наменската индустрија на Србија, Министерството за одбрана, но и српскиот претседател ги демантираа овие наводи, во таа прилика Александар Вучиќ рече дека „Белград нема продадено ниедно парче оружје, ниту еден куршум на ниедна од страните во конфликтот.“

Москва во таа прилика изрази загриженост и побара официјално објаснување од Белград за тие информации.

Во последните шест години всушност се шпекулираше дека на украинското боиште исто така се појавиле минофрлачки гранати произведени во Крушик и автоматски пушки кои ги произведува Застава оружје од Крагујевац. Најновото откритие на Ројтерс зборува дека Србија веќе и` испорачала оружје на Украина или изразила намера тоа да го направи.

Србија повторно демантира

И во оваа прилика следеше демант од Министерството за одбрана на Србија, ресорниот министер Милош Вучевиќ изјави дека „тоа е по којзнае кој пат изречена лага, чија цел е дестабилизација на Србија. Србија ниту продавала ни ќе продава оружје на украинската или руската страна, како ни на земјите во соседството на судирот“.

Министерот сепак остави отворена можност српско оружје да завршило во Украина преку некоја трета страна, додавајќи дека „секогаш постои можност некое оружје на некаков волшебен начин да се најде на конфликтна територија, но тоа нема апсолутно никаква врска со Србија. Тоа е прашање за оние држави кои не ги почитуваат меѓународните норми, договорни клаузули и услови на работа“, изјави Милош Вучевиќ.

Србија оружје
Србија демантира дека и` испорачува оружје на УкраинаФотографија: Darimir Banda/Serbian Defence Ministry/Handout/AA/picture-alliance

Продажбата на оружје ја демантираше и шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ, подвлекувајќи дека „од почетокот на руската инвазија врз Украина, од Србија не е извезено оружје за ниедна страна во судирот“.

Реакции стигнаа и од дипломатски претставништва во Белград. Амбасадата на САД во Белград соопшти дека „има сознанија според кои Србија не и` продава оружје на Украина“. Се огласи  и украинската амбасада во Србија, истакнувајќи дека „нема информации за испорака на оружје од Србија и притоа се раководи од изјавите на српски функционери.“

Доказите ги негираат демантите

Министерот за одбрана во својот демант остави можност оружје во Украина да стигнало преку трета страна, но Вук Цвијиќ, новинар во неделникот НИН, во разговор за Дојче веле смета дека „на тој начин Србија излегува смешна во очите на меѓународната заедница. Зашто, ние во нашиот неделник ги имавме листите на испорака и фотографии на оружјето од Украина уште минатата година, кога српскиот претседател тврдеше дека има само една испорака, а ние докажавме дека имало најмалку уште три. Тоа не е добра слика за сите партнери на Србија, кога се демантира нешто што не може да се демантира.“

Сомнителни текови на оружје

Според Вук Цвијиќ „очигледно е дека извозот на оружје оди по сомнителни канали, начинот на кој тој се одвива потсетува многу на начинот на извлекување пари од фабриката Крушик, за што јавноста ја извести ’свиркачот’ Александар Обрадовиќ. Се работи пред се` за нетранспарентен начин, преку трговци со оружје кои се блиски до власта.“

Вук Цвијиќ Србија
Вук Цвијиќ, истражувачки новинар: Србија се покажува како недоверлив партнерФотографија: Privat

Вук Цвијиќ појаснува дека „оружјето не се извезува директно во Украина, туку по заобиколни патишта и преку приватни трговци. Земјата испорачувач сепак е должна да знае каде завршува тоа оружје, затоа зборовите на домашни функционери дека не знаат каде завршува оружјето, се празни приказни."

Во целата приказна постои и важен политички момент, а тоа е реакцијата на Москва на ваквите вести. Белград сака и натаму да ги задржи добрите односи со Москва, додека од друга страна Русија секако е незадоволна од вакви информации, па бараше и официјално објаснување од Белград.

Вук Цвијиќ смета дека „тоа секако не е и не може да биде тајна за Москва. Од таа страна, Србија излегува смешна обидувајќи се да сокрие нешто што не може да се крие. Евидентно е дека долгорочно се покажуваме како недоверлив партнер како кон Исток, така и кон Запад, зашто се обидуваме нешто да сокриеме“, вели новинарот.

Извоз обоен со корупција

Проблем сам по себе не е извозот на оружје, додава Цвијиќ, туку „проблематично е што целиот процес укажува на корупција. Затоа гледаме дека тие наменски државни фабрики пропаѓаат, а поединечни приватни трговци почнуваат енормно да се богатат“.

Демантот на српскиот министер за одбрана Милош Вучевиќ и оценката дека ова е обид за дестабилизација на Србија, за Вук Цвијиќ се „само доказ дека оваа власт влезе во манир секоја критика да се обиде да ја претвори во напад врз државата. Никој притоа не презема одговорност за корупцијата која со години се случува во наменската индустрија. Така стигнавме во ситуација оние кои укажуваат на корупцијата да се нарекуваат непријатели на државата, а оние кои ја вршат корупцијата се – патриоти“, вели новинарот Вук Цвијиќ за ДВ.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема