1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Србија сепак и` испраќа оружје на Украина?

ЖА /ДВ
12 април 2023

Србија, единствената земја во Европа која одби да воведе санкции против Русија, се согласила да му испорача оружје на Киев или веќе испорачала, стои во протечените тајни документи на Пентагон, како што објави Ројтерс.

https://p.dw.com/p/4PwUu
Србија оружје војска
Србија испраќа оружје за војската на Украина?Фотографија: Sergei Fadeichev/TASS/Imago Images

Документот на кој се повикува новинската агенција Ројтерс, е резиме на одговорите на европските влади на украинските барања – за воена обука и „смртоносна помош“ или оружје – а е дел од десетиците доверливи документи објавени на интернет во последните недели. Станува збор за можеби најсериозното оддавање тајни на САДво последно време.

Смртоносна помош, на англиски lethal aid подразбира оружје, муниција, воени возила и друга опрема кои се испраќаат од една држава во друга во време на претстоен или тековен судир.

Графикон: Србија има волја и способност

Под насловот „Европа – одговор на тековниот судир меѓу Русија и Украина“, документот во форма на графикон наведува „проценети позиции“ на 38 европски влади како одговор на украинските барања за воена помош.

Графиконот прикажува дека Србија одбила да врши обука на украинските војници, но се обврзала да испрати смртоносна помош или веќе ја испорачала.

Исто така, се вели дека Србија има политичка волја и воена способност во иднина да обезбедува оружје за Украина.

Документот носи ознака „таен“ и NOFORN, со што е забранета негова дистрибуција на странски разузнавачки служби и војски. Датиран е на 2 март, со печат на канцеларијата на Здружениот генералштаб.

Српскиот претседател Александар Вучиќ
Српскиот претседател Александар Вучиќ демантираше испораки на оружје во Русија и во УкраинаФотографија: Olivier Matthys/AP/picture alliance

Без потврда и коментари

Ројтерс не можел да изврши независна проверка на автентичноста на документот, а кабинетот на српскиот претседател Александар Вучиќ и украинската амбасада досега не одговориле на барањето за давање коментар.

Пентагон исто така не дал одговор на испратеното прашање од Ројтерс за документот кој се однесува на Србија, а и претходно одбил коментар за било кој од протечените тајни документи.

Дволичност на Вучиќ кон Москва или огромен притисок на Вашингтон

Српскиот претседател Александар Вучиќ и српската влада застапуваа позиција на неутралност во однос на војната во Украина, без оглед на длабоките историски, економски и културни врски на земјата со Русија.

„Ако е овој документ автентичен, тогаш ја покажува или дволичноста на Вучиќ кон Русија или дека е тој под огромен притисок од Вашингтон за да испорача оружје на Украина“, истакнува Јануш Бугајски , експерт за источна Европа од фондацијата Џејмстаун.

Австрија и Малта единствени кои не можат и не сакаат

Министерството за правда на САД го истражува протекувањето на тајните документи, додека Пентагон ја проценува штетата која и` е нанесена на националната безбедност.

Табелата на Пентагон ги дели одговорите на украинските барања за помош во четири категории: земји кои се обврзале да обезбедат обука и смртоносна помош; земји кои веќе обезбедиле обука, смртоносна помош или и двете; земји со воена способност и политичка волја „да обезбедат идна смртоносна помош".

Австрија и Малта  се единствени две земји со „не“ во сите четири категории.

Србија оружје
Српско оружје од мал калибар на саем во Франција, 2018 годинаФотографија: Gerard Julien/AFP/Getty Images

Приказната за Крушик

Објавувањето на графиконот доаѓа нешто повеќе од еден месец откако во документи постирани на проруски канал на Телеграм наводно е прикажана испорака на ракети земја-земја од 122 мм на српскиот производител на оружје Крушик за Киев во ноември. Документите вклучувале испратница и сертификат на крајниот корисник – украинската влада.

Москва во март соопшти дека од Белград побарала официјално објаснување за наводните испораки, како што руската државна новинска агенција ТАСС ја цитира портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.

Производителот на оружје Крушик од Ваљево демантираше испраќање на ракети или друго оружје на Украина. Вучиќ наводите ги нарече „ноторна лага“. „Не сме извезле никакво оружје или муниција во Русија или Украина“, изјави за време на посетата на Катар на 5 март.

Ројтерс не можел независно да ја потврди автентичноста на документацијата на пратката објавена на Телеграм.

Од почетокот на војната во февруари минатата година, Вучиќ се обидуваше да ги избалансира блиските односи со Москва со својата цел – приклучување кон Европската унија. Но, Србија е единствена меѓу 44 земји во Европа која не воведе санкции против Русија, пишува Ројтерс.