1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Самитот на ОБСЕ и Лавров: Погодете кој доаѓа на вечера?

24 ноември 2023

Лавров е меѓу ретките странски политичари кој во 2015 го поддржа Груевски велејќи дека политичките превирања тогаш беа поради намерата на владата да не ги почитува санкциите на ЕУ против Русија. Пишува Соња Крамарска

https://p.dw.com/p/4ZNfy
Сергеј Лавров
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров. фото: архиваФотографија: Jacoline Schoonees/DIRCO via REUTERS

Министерскиот самит на ОБСЕ во Македонија е за неколку дена, а главната вест е заобиколена во домашните медиуми. Дали нашата земја ќе биде една од ретките што истовремено ќе ги угости и американскиот државен секретар Антони Блинкен и шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров? Од почетокот на војната во Украина, овие две важни фигури во најголемиот конфликт по Втората светска војна, речиси никогаш не беа дел од исти настани. Тоа е и разбирливо затоа што руската агресија врз Украина беше чин што ја осудија сите демократски држави, а на чело на таа кампања беа САД и Европската унија.

Единствен пат кога Блинкен и Лавров се сретнаа на ист настан беше самитот на земјите од групата Г-20 во главниот град на Индија, Делхи во март оваа година. Тогаш тој му рекол на рускиот главен дипломат Москва да ја прекине воената агресија над Украина.

Министерскиот самит на ОБСЕ од 29 ноевмри до 1 декември во Скопје, на кој се очекува да учествуваат 76 делегации од 57 земји членки и партнери, може да се претвори во историски, ако се улови фотографија од Блинкен и Лавров, чии средби се реткост.

Но, дали Македонија треба да го угости Лавров, кој не е гостин кому му се отвораат вратите во земјите членки на ЕУ, вклучително и земјите кои аспирираат за членство во ЕУ како што е нашата земја? За потсетување, Северна Македонија беше една од државите кои не дозволија прелет на авионот на Лавров во јуни 2022 година кога требаше да долета во Белград на средба со српското раководство. Покрај Македонија својот воздушен простор за Лавров го затворија и Бугарија и Црна Гора, придружувајќи се на западните политики за бојкот на претставниците на Кремљ.

Денес, меѓутоа, кога Македонија во улога на претседавач со ОБСЕ е домаќин на овој самит, и кога треба да се избере новиот претседавач со организацијата, станува ризично да му се тресне вратата пред нос на Лавров, бидејќи Русија е државата која заедно со останатите членки треба да се согласи за земјата иден претседавач. Евентуалното недавање дозвола за присуство на шефот на руската дипломатија ја комплицира целата ситуација околу изборот на идниот претседавач со Организацијата за европска безбедност и соработка бидејќи одлуката се носи со консензус. Освен тоа има предупредувања и дека со евентуална забрана на присуството на министерот за надворешни работи на Русија, Северна Македонија ќе го прекрши меѓународното право и Виенската конвенција.   

Лавров беше поддржувач на Груевски   

Од друга страна, односите меѓу Македонија и Русија драстично се влошија по војната што ја започна Кремљ против Украина. Македонија во три наврати досега протера руски дипломати од амбасадата во Скопје. Последниот бран протерувања беше во септември 2023 година, кога беа протерани тројца дипломати, а претходно, во март и април 2022 година, во два наврати беа протерани петмина, односно шестмина руски дипломати. Руската страна на тоа реагираше жестоко со изјави дека „властите во Северна Македонија продолжуваат да се движат по патот на влошување на конфронтацијата и да ги водат билатералените односи, во ќорсокак“. Нашата земја воедно беше меѓу првите кои се приклучија на санкциите на ЕУ против Русија.   

Лавров е еден од ретките странски политичари кој во 2015 година застана на страната на Груевски велејќи дека политичките превирања во нашата земја во тоа време беа поради намерата на тогашниот премиер да не ги почитува санкциите на ЕУ против Русија. „Настаните во Македонија се грубо контролирани однадвор. Официјално Груевски е обвинуван дека не си ги извршува обврските кон општеството и дека ја злоупотребува власта, но зад ова тврдење се крие одбивањето на македонската влада да ги поддржи санкциите на ЕУ против Русија и поради „Јужен поток“, како и подготвеноста на Скопје да учествува во „Турски поток“, рече тогаш Лавров. Заради таа негова изјава македонската конзервативна десница уште влече „опашки” од противниците за проруска настроеност.   

Бујар Османи ОБСЕ
Состанок на ОБСЕ во Виена под раководство на шефот на македонската дипломатија Бујар ОсманиФотографија: NMazedonien MFA

Оттука, евентуалното доаѓање на Лавров во Скопје идната недела ќе биде настан во стилот „погоди кој доаѓа на вечера“. Присуството, пак, на американскиот државен секретар Блинкен, кое е сѐ поизвесно, како впрочем и на Лавров, од министерскиот состанок на ОБСЕ ќе направи светска сензација и можност за вест дали имало разговори за војната во Украина и предлози за мировни решенија. Се разбира средбите со таква содржина секогаш се одигруваат со претходна најава и со медијаторство, но во услови на завојувани држави секоја средба е ретка прилика да се уфрли агендата за прекин на воени дејствија. Несомнено двајцата високи претставници во своите акт чанти ќе носат и прецизно подготвени прашања и одговори со кои ќе се обидат да ја изненадат другата страна.   

ОБСЕ не може да решава без Русија   

Ако може да ѝ се верува на руската новинска агенција Тасс, на потребата од доаѓање на Лавров во Скопје на министерскиот совет на ОБСЕ укажал и шефот на австриската дипломатија Александер Шаленберг. Тој дури изразил желба и да разговaра притоа со Лавров, велејќи дека „не може да разговара само со Швајцарија и Лихтенштајн“, алудирајќи дека решавањето на проблемите е поважно од бојкотот. „Сметам дека е потребно Лавров да биде поканет. ОБСЕ е поинаква организација која ни е потребна  за иднината“, рекол Австриецот, чија земја е домаќин на седиштето на ОБСЕ. Тоа ја зголемува тежината на присуството на првиот руски дипломат на состанокот во Скопје и отвора прозорец на можности за нова рунда дипломатски напори за окончување на војната во Украина. 

Кога е во прашање практикувањето на неговите дипломатски должности на светската сцена, патувањата на Лавров во држави со демократска ориентација се речиси невозможни. Бојкотот на руските претставници е најмалку со што може да возврати демократскиот и мирољубив свет за ужасните страдања и несреќа што ги предизвика Русија во Украина и што ја загрози безбедноста на целиот европски континент и пошироко.

Една од ретките држави која го дочека со раширени раце во септември беше Северна Кореја, а во октомври Иран. Во април беше во Куба, а во мај беше во Кенија и во Бурунди. Тој од почетокот на војната беше и во Бразил, Венецуела и Никарагва, а имаше и турнеја на африканскиот континент. Претходно учествуваше и на самитот на Г-20 во Делхи, Индија.

По исфрлањето од Советот на Европа минатата година, ОБСЕ е единствената голема политичка организација на Европа каде Русија остана да членува. На состанокот на ОБСЕ во Лоџ, Полска, минатиот декември на Лавров му беше откажано гостопримство, но сите изгледи се дека нема да има забрана да присуствува во Скопје. Реално гледано политички домаќин на шефот на руската дипломатија ќе биде ОБСЕ, меѓутоа чекорењето на вечниот шеф на руската дипломатија на наше тло ќе биде лакмус за подготвеноста на Македонија да ги извршува своите надворешнополитички должности во противречностите кои го зафатија светот. 

 

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Соња Крамарска
Соња Крамарска Уредник, новинар и политички аналитичар