1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ИсторијаРусија

Русија: Нови учебници по историја со пропаганда на Кремљ

Франк Ајхман (АРД)
1 септември 2023

Руската влада на почетокот на новата школска година претстави нови учебници по историја. Клучни пораки: желба за враќање на советската величина и оправдување на војната против Украина.

https://p.dw.com/p/4VrFj
Новиот учебник по историја за руските ученици  Русија
Новиот учебник по историја за руските ученици Фотографија: Yuri Kadobnov/AFP

Сини корици, 450 страници, чини 8,5 евра: од денеска сите ученици на 11. одделение во Русија ќе учат историја од новиот учебник „Историја на Русија од 1945. до 21. век“. Досегашната опција за избор меѓу различни учебници е укината на барање на рускиот претседател Владимир Путин.

Оваа промена е толку важна за Кремљ,што новите учебници по историја пред неколку дена официјално ги претставија новиот министер за просвета Сергеј Кравцов и бившиот министер за култура и сегашен советник на претседателот, Владимир Медински. Медински е и коавтор на книгата за историја.

Враќање во Советски Сојуз?

Историчарката Тамара Ајделман со години била наставничка во Русија, а сега живее во странство.  На својот популарен Јутјуб канал ја претстави својата рецензија на учебникот. „Од првиот до последниот пасус, овој учебник содржи јасни, доследни и промислени идеи кои се многу блиски до идеите на сегашната државна власт“, се жали Ајделман.

Нови учебници по историја во Русија
Цитат на претседателот Владимир Путин во учебникот: „Прво мора да се признае дека распадот на Советскиот Сојуз беше најголема геополитичка катастрофа на векот“Фотографија: Yuri Kadobnov/AFP

„На првата страница овде – ‘Вовед во СССР од 1945.' – нѐ дочекува фотографија на насмеаниот Јуриј Гагарин“. Гагарин беше советски космонаут и прв човек во вселената – и беше „симбол на просперитетот на Советскиот Сојуз.“

Покрај тоа стои следниот цитат на претседателот Владимир Путин: „Прво мора да се признае дека распадот на Советскиот Сојуз беше најголема геополитичка катастрофа на векот“. Заклучокот не е формулиран, но сепак е јасен, вели Ајделман: „Како да се вратиме во оваа земја?“

Објаснување за војната во Украина

На 390. страница од учебникот по историја вака почнува 37. поглавје: „Русија денес – Специјална воена операција.“ Тоа значи војната во Украина.Главно прашање на поглавјето е: кои причини ја натераа Русија да ја започне специјалната воена операција? „Секако, пред сѐ се известува дека Хрушчов го предал Крим кршејќи ги целосно сите закони“, коментира Ајделман. На кои закони се мисли, не е објаснето.  „Потоа дошло до државен удар во Украина“,  ја резимира Ајделман логиката на поглавјето – а Запад ја финансирал русофобијата против исклучително мирољубивата Русија.

 Новите учебници по историја Русија
Од денеска руските ученици ќе учат од новите учебници по историја, со акцент на желба за враќање на советската величина Фотографија: Yuri Kadobnov/AFP

Влез на Украина во НАТО – „крај на цивилизацијата“

Во подпоглавијата, учениците од 11 одделение учат за притисокот кој САД го извршиле врз Русија, за опсесијата на Запад да ја дестабилизира Русија и за порастот на неонацизам во Украина. Влез на Украина во НАТО се гледа како веројатен крај на цивилизацијата, поради што не би требало да се случи. 

А учениците наскоро на часовите ќе го читаат и ова: „Во Украина се основани американски биолошки лаборатории и работат под најстрога тајна. Киев изрази желба да набави нуклеарно оружје“: Следната страница, достапна со КуЕр код, Путиновиот говор од 24 февруари 2022 година, на денот кога почна војната.

Следат нови историски книги

Санкциите против Русија исто така се тема во учебникот по историја. На учениците директно им се порачува: „Такви единствени времиња не доаѓаат често во историјата. По повлекувањето на странските компании, многу пазари ви се отворени. Постојат фантастични можности за кариера во бизнисот и за основање старт ап фирми. Не пропуштајте ја приликата. Денес Русија навистина е земја на можности.“

Работата продолжува: учебниците по историја за ученици од петто до деветто одделение би требало да бидат готови до почетокот на школската година по една година.